Препознавајќи го притисокот со којшто се соочуваат уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за вакви трагични настани, укажуваме на потребата да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица.
Во исто време, потсетуваме на членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој начинот на информирање за несреќи треба да биде ослободен од сензационализми. Притоа медиумите треба да внимаваат да не објавуваат имиња и фотографии на жртвите, ниту пак податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвите, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции.
Имајќи ја предвид тежината и последицата на несреќата, апелираме до сите медиуми соодветно да ги усогласат своите програмски шеми и да известуваат со висок степен на професионална и морална одговорност.