Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани

Неколку недели пред изборите во САД, дојдовме во Велес да прашаме што се случува со „фабриките“ за лажни вести што во 2016 година се сметаше дека сериозно вплеткаа прсти во изборната кампања преку океанот. Македонија ја ставија на листата земји „производители на лажни вести по нарачка“ со „тинејџери-фармери со кликови“, како што ги нарекоа младите велешани кои ширеа лажни вести на социјалните мрежи. Но, овој пат се чини, локалните компјутерџии, користејќи се со шеми на виртуелни пари и апликации, решија попрво да ги испразнат џебовите на своите сограѓани, доведувајќи го регионот на центарална Македонија и пошироко во ризик од финансиска нестабилност, внесувајќи ги во „Конти“ пирамидата.

Цели групи вработени во разни институции – болница, училишта, општина, па дури и луѓе од полицијата, влегоа во играта на кликови за холивудски филмови, во која некои вложиле 50 или 100 долари, но голем е бројот на тие што дале од 1000 до 3000 долари. Дел од овие луѓе земале дури и брзи кредити за да се вклучат во шемата. Но по затворањето на апликацијата и губењето на влоговите, никој нема одговор – дали  граѓаните на Велес, но и на неколку околни градови, толку брзо ја заборавија големата афера ТАТ, во која над 13.000 луѓе загубија 60 милиони евра, а над стотина се самоубија.

Млади и стари „вљубени“ во Конти

 

Десеттина дена пред да падне апликација „Конти“, роднини ја убедиле 64-годишната велешанка да вложи пари и да се вклучи во играта во која само со кликови на интернет може брзо да заработи пари. Таа поверувала во приказната дека со лајкови на филмови ќе го зголеми рејтингот на Холивудската продукција, која за возврат финансиски ги наградува гледачите, па уште во првите 25 дена ќе си ја врати вложената инвестиција од првиот, најнизок понуден пакет, а потоа ќе почне да заработува. Од таа заработувачка ќе може да инвестира во втор, трет и наредни понудени пакети, на истата интернет платформа, кои се продаваат за повисоки цени но нудат и поголема добивка – до три пати повредна од влогот, во период од вкупно 75 дена.

https://www.youtube.com/watch?v=New4GCYyCx4

-Не ми пречеше тоа штоm пред да се регистрирам на интернет платформата,  во менувачница ги дадов податоците од личната карта, за да се регистрирам на „Бајненс“ (Binance) платформата за тргување со криптовалути. Се регистрирав и на Телеграм и отворив личен профил на апликацијата во која стартував со влог доволен за првиот пакет. Започнав да кликам на филмови. Не претчувствував ништо спорно и лошо. Кликот на филмот носеше заработувачка. Значи гледаш најави на филмови, ставаш лајк и заработуваш. За жал, мојот првичен влог од 50 $ не го вратив туку ги загубив финансиските средства, рече велешанката.

Додека разговаравме, со оваа жена, ја отворивме апликацијата за таа да ни покаже како се пристапува од отворениот личен профил. Се најави, влезе на платформата во одбележан пакет кој и даваше можност да кликне на пет филмови, таму каде што има емотикон во вид на срце. Потоа се одјави. Разговорот со неа го водевме 72 часа откако на социјалните мрежи беа споделени првичните информации дека пирамидалната игра Конти доживеа крах.

Како работи Конти?

 

На македонските членови им се понудени три различни пакети што чинат од 50 до 500 долари. Циклусот на враќање на средства трае 25 дена, додека во наредни 50 дена е заработката. Исплата е за 75 дена.

За да се купи пакетот, се купуваат крипто средства во одредена менувачница, која работи со виртуелни валути. Се отвора новачник на Бајнанс. Потоа, следи делот со ставање лајк на холивудски филмови и множење на средствата, што се покажа дека било камуфлажа за измамата. За да се влезе во шемата, новиот член мора да биде поканет од постоечки член.

Верификацијата на профилот е со копија од лична карта и фотографија на ликот со личната карта во рака. Со одобрувањето се влегува во приватна група на Телеграм, каде понатаму се споделуваат сите информации.

За разлика од неа, дваесет и пет години помлад велешанец, успеа во последен момент да си ги врати вложените 1500$. Тој и неговото семејство во Конти се вклучиле 27 дена пред паѓањето на пирамидалната игра, со влог од два пакети од по 750 $.

-За Конти дознав од пријатели уште пролетва кога побараа да ме вклучат. Првично се сомневав во веродостојноста на целиот систем на поставеност на играта. Кога ги добив сите потребни информации почнав да пребарувам на интернет. Пребарувањето ме однесе до седиште на наводен основач на Конти, во Лондон, во Обединетото Кралство. Бидејќи открив дека станува збор за некаква фирма сместена во простор во некој мол категорично одбив, рече велешанецот.

Но тој сепак продолжил да следи што се случува со играта што се чини им го беше поматила умот на голем број негови сограѓани. Во шемата, од ден во ден, почнале да се вклучуваат се повеќе вложувачи, на различни возрасти. Поточно од 18-годишници до луѓе во средно доба. Сосема случајно, како што вели, во деловен разговор со девојка од Свети Николе дознал дека во играта само таа има вклучено десеттици свои сограѓани. Сите тие внесле уште по 10-тина нови играчи, па и тие исто така по 10… Сите со иста цел, да внесат во Конти што поголем број играчи жедни за брзи пари, со влогови за сите три пакети, ВИП од 50$, ВИП од 200$ и ВИП од 500$ или вкупен влог од 750$. Само така нивните прсти можеле да искликаат доволно лајкови што овозможувале за 25 дена поврат на вложените 750$, а за 75 дена и три пати поголем ќар, односно вкупна заработка од 2250$.

-Тогаш, пријателите, кои први ми понудија влез во интернет платформата, ми  ја прикажаа нивната трикратна заработувачка. Низ градот млади момчиња почнаа да возат нови мотори и автомобили. Професијата ми овозможува секојдневно да разговарам со некој од нив. Нивните споделени искуства ме наведоа на искушение. Потоа некако се надоврза и споделениот настан на интернет, од отворената информативна канцеларија на Конти во Каварадци, како дел од веќе формираната македонска мрежа, којашто во државава пристигнала од Словенија. Се појави и администраторот или еден од двајцата менаџери. Тоа беше млад маж, кој започна да споделува информации на социјалните мрежи. Следев како растеше бројот на играчи во Кавадарци, во Неготино и во Свети  Николе. Дознавав како бројот на велешани се зголемува. Администраторот нудеше гаранции дека станува збор за вложување што носи сигурна заработувачка за работа на интернет, со кратко време поминато во текот на денот, објаснува велешанецот.

Ни нему, ниту на членовите на неговото семејство, не им пречело тоа што освен влогот на финансиски средства, сите ги ставиле на располагање податоците од своите лични карти при регистрацијата на „Бајнансе“.  Пред нив и други велешани ја поминеле истата постапка, во различни менувачници во градот каде што се слевале парите, по 72 часа откако играчите 25 дена ставале лајк на филмови на отворените профили на пирамидалната апликација.

Сите меѓусебе контактирале во затворена група на Телеграм, која во еден момент достигнала до 14.200 членови. Има сомнежи дека не била единствена.

Кога го отворивме личниот профил на овој играч од Велес се уверивме дека до ВИП пакетите од повисокото ниво, под кои стоеја суми од 1.000 до 6.000 евра, тој има споделено информација дека сепак до нив стигнале само лицата што во Конти се вклучиле меѓу првите. Временски тие мора да се вклучиле во „клик бизнисот“ уште на почетокот на 2024 година.

На крајот од зимата, млади велешани раскажуваа за ноќни случувања во познат велешки угостителски објект, каде во викендите, млади момчиња резервирале маси на кои задолжително требало да има шише шампањ по цена од 100 евра. Тие не само што го пиеле „пенастото“ туку од него си истурале и на рацете, како некој ритуал за крунисување на заработката од Конти во текот на работната недела.

„Ги набљудувавме за време на забавите. Тие доаѓаа последни и покажуваа екстраваганција, се однесуваа со посебни манири. На пример по испиената голтка или две, следеше полевање на рацете со шампањот од специјална едиција. Прво мислевме дека одново проработила Трамп-индустријата. Но набрзо сфативме дека станува збор за нешто друго, односно дека пак се работи за игри во кои се прават лесни пари. Откако на стеблата од дрворедите во градот и на влезови на зградите се појавија залепени рекламните банери за Конти почна да станува појасно. Бидејќи претходно и за оваа како и за претходните пирамидални шеми, како Каиро или One coint, не се зборуваше јавно,“ објаснува млада девојка од Велес.

Нејзината другарка дополнува дека всушност цела пролет социјалните мрежи, како Инстеграм и Тик Ток, биле преплавени со постови и промотивни видео-клипови за пирамидалната игра наменети за млади, со базични ИТ вештини.

Подоцна, во текот на летото, постовите молскавично се ширеа и преку Фејсбук каде што  секому се нудеше дополнителна работа од дома и гарантирана заработувачка.

Една седмица пред Конти да го доживее крахот направивме регистрација и на Телеграм. На почетен влез во апликацијата веднаш стигнаа понуди од педесеттина пријатели кои за добројде ни ја споделија апликацијата Конти заедно со понудата: „Да те внесеме во играва, не е тешко, заработуваш од кликови, вложи 750$ сигурно почетно заработуваш 2250$ а потоа и многу повеќе“.

Тоа беа сограѓани кои за да бидат што поубедливи набројуваа дека во шемата се вклучени голем број од вработените во локални јавни и здравствени институции, приватни фирми и угостителски објекти. Понуди испратија и велешани кои се вработени во Скопје. Овие понуди само ги потврдија првичните шпекулации, од крајот на август, дека во Велес кликањето на интернет апликација за брза и лесна заработка е масовно.

Можноста, пак, за влез во затворената група на Конти на Телеграм, преку креираните профили на веќе искусните играчи, ни помогна да се увериме дека е голем бројот на луѓе со „брзи прсти“ и во Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Штип и Радовиш. Во помал број во шемата учествуваа и гевгеличани и скопјани.

Државните институции не реагираа

 

Но иако низ централните делови на земјата немаше кој не знае, се чини дека информацијата за лесно богатење на едни за сметка на „олеснување“ на многу други, не стигнуваше до државните институции. Пред околу пет години, кога во САД се одржаа изборите за претседател на државата со кандидатот Доналд Трамп, Македонија заедно со држави како Пакистан и други земји во Азија и во Африка, беше целосно банирана од Гугл и од Фејсбук се додека овие компании не воспоставија целосен алгоритам на заштита. Тие на С.Македонија дури неколку години подоцна ѝ дадоа нова шанса. Изолирањето беше резултат токму на определбата на група млади луѓе наместо своето ИТ знаење да го насочат кон долгорочна и законска заработка, своите вештини и капацитети да ги искористат за брзи пари. Во официјалните податоци тогаш се вртеше вртоглавата бројка од 11 милиони евра кои легнале на сметки на 98 велешани, додека не се познати сумите што се извадени преку офф шор сметки.

Велешани и сега, непосредно пред одржувањето на годинешните претседателски избори во САД, споделија информации дека „Трамп индустријата“ за производство лажни вести пред неколку години, и натаму калапи брзи пари преку разни бизниси за продажби на производи со ликот на Доналд Трамп, од кои најпозната зделка е продажбата на картичката со неговиот лик. Оваа категорија играчи со брзи пари, препознатлива преку бројни инвестиции со недвижности во Велес, најчесто во станови, влијае врз локалната економија со тоа што ја зголемува вредноста на новоизградените станови во градот, кои стануваат недостапни за останатите жители. Познавачите на овие економски движења тврдат дека дел од капиталот на главните играчи во „Трамп-индустријата“ сега е инвестиран во станови и во Дубаи, каде што некои од нив живеат и работат.

Изданието на американски „Форбс“ од 26 август ја поврзува велешката индустрија за лажни вести со триесетина страни на Фејсбук, што тимот на медиумот ги лоцирал, за продукција и ширење на лажните вести уште во 2016 година за време на претседтелските избори во САД. Сите страни во имињата имаат нешто американско, па додаваат изведени зборови од „патриоти“ „храбри“ „војници“ „американски живот“ и слично, а немаат ништо американско бидејќи се управувани од Македонија, Косово, Индонезија, Индија… Објавите против Хилари Клинтон, тогаш, се смета дека ја помогнаа победата на Доналд Трамп. Сега, повеќето од тие страни на Фејсбук не постојат, но има и неколку активни, како што е „Американски патриот“, која има 203.000 следбенци, а која продуцира речиси неверојатни приказни.

Primary country/region location for people who manage this Page includes:

United States (2)

Kosovo (1)

Pakistan (1)

(Локација на администраторите на ФБ страницата)

Откако беа откриени „македонски фармери за кликови“, пишува Форбс, Фејсбук лансираше функција за да им овозможи на корисниците да откријат од која земја се води страницата, дали има најмалку 5.000 следбеници и дали има објавено политички реклами. Но земјата на потекло на администраторот на страницата често се крие во нејасна табла наречена Транспарентност на страницата, а коментарите на објавите на странските страници на тема Америка сугерираат дека многу од луѓете што се занимаваат со тие објави не знаат дека страниците ги водат странци.

„Самите страници на тема Америка, исто така, намерно лажеа. Една објава, направена минатата недела, од страната наречена Америка, денес гласи: „Ниту еден цент за нациите кои не го почитуваат нашето знаме и вредности! 🇺🇸” Страната е менаџирана од Македонија“, објавува Форбс.

Лошата репутација, што ја донесоа овие акитвности на велешките фармери со кликови, уште толку ја засили засега се’ уште непотврденото тврдење на Јавното обвинителство од Венецуела.  Претседателот на Националниот изборен совет (CNE) Елвис Аморосо, кој е близок сојузник на долгогодишниот претседател на земјата, Николас Мадуро, потврди дека нападите дошле од различни делови на светот, додавајќи, „со значителна концентрација од Северна Македонија, членка на НАТО и земја кандидат за членство во Европската унија“. Државниот обвинител на Венецуела, Такер Вилијам Сааб, по претседателските избори во неговата земја, рече дека од Македонија бил направен обид за манипулирање на изборните резултати преку хакерски напад во корист на противникот на Николас Мадуро. Мадуро поведе спор до највисокиот суд во земјата, нагласувајќи ја потребата да се заштити интегритетот на изборниот систем од идно мешање. До денеска не стигнаа докази за обвинувањата од Каракас, како што побараа македонските власти, за „никој да не биде обвинуван во државата без соодветни докази“ како што изјави новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Дипломираниот правник од Велес, Стевче Дечев од „Импакт фондација“, многу добро го познава случајот со „Трамп индустријата“ на лажни вести. Новите шеми за наводна заработка преку интернет, Дечев смета дека се само поразвиени облици на веќе постоечките измами од минатото, што според него, покажува дека иако две децении го имаат во рака интернетот, граѓаните и натаму немаат доволно развиена свесност за лична заштита.

-Дел од проблемот дефинитивно го препознавам кај државата, затоа што се’ уште ние тапкаме во место и во светот на ИТ технологијата која би ја поистоветил со „формула 1“, а ние влегуваме со „фиќо“. Немаме ниту „Пејпал систем“ за тие што работат легално да можат да си ги префрлат легално заработените пари. Има млади луѓе кои легално работат во ИТ индустријата и отвораат канцеларии во Скопје, а дел ги преселија и во Велес или во други градови во државата. Но државата не ги препознава и не ги поддржува за да им овозможи нивните солидни заработки да бидат предизвик за останатите. Затоа ни се случува да се бараат алтернативни или нелегални начини за стекнување со брзи пари, коментира Дечев.

Велешани се само една цигла во пирамидата

Во вакви околности се покави Конти, или апликацијата за забава и холивудски филмови, како што ја претставија администраторите. Корисниците откако ќе вложеа пари, требаше само да стават лајк на филмови, што се покажа како примамлива мамка. Тоа што на македонските граѓани се чини, се’ уште не им е јасно, а експерти за сабјер безбедност го потврдуваат, е дека се работи за криминална пирамидална шема, во која многумина загубија пари, некои добија, но сите заедно ги оставија своите лични податоци на располагање.

Од 3 октомври, кога сосема престана подигнувањето на средства, на членовите на Конти им беше понудена нова „можност“ да си ги вратат средствата, со нова уплата од 30 до 60 УСДТ (крипто валута – 1 УСДТ= 0,96 УСД). Советник за сајбер безбедност на мрежата Х тврди дека на 6 октомври, салдото на Конти изнесувало 14.000 долари, но веќе следниот ден драстично се зголемило на 153.017 долари.

“Тоа е ден откако администраторите на Конти, наведувајќи наводни проблеми со плаќањето на даноци, ги предупредија членовите дека ќе ги загубат сите пари, а нивните сметки ќе бидат затворени доколку не извршат дополнителни плаќања. Ова е позната тактика и честопати показател дека веројатно се работи за последниот здив на можна пирамидална шема. Само во текот на 7 октомври се направени 10.000 трансакции (со 30 или 60 USDT), па така за само 3 дена, корисниците уплатиле над 2 милиони долари, што потоа се префрлени во паричникот TDKgTRDXgJCnmVrx73zHeAocz6FPXPgBoV, од каде што продолжил трансфер на преку 15 милиони долари кон шест други паричници“, објаснува советникот за мрежата Web3.

Длабинската анализа на овој советник, потврдува дека интернет страната alconti.com е всушност кинеска. За услугата за пошта тие користат облак провајдер Alibaba со седиште во Кина. Личните податоци со копиите од лични карти и селфи фотографиите со документот за идентификација се на облакот (клаудот) за податоци – Амазон С3. Но, според ова толкување на безбедносниот специјалист, Амазон С3 не бил платен за да чува и складира податоците, туку има само дозволи за копирање и бришење датотеки.

„Со тоа тие ги изложија сите нивни лични карти, селфи и други чувствителни информации“, пишува во објаснувањето.

Нитуе еден претставник на македонските институции ниту го потврди ниту го демантира ова тврдење.

Ако се суди по случјот Конти, граѓаните на Македонија лесно ги даваат своите лични податоци, без сомнеж дека може да се доведат во ризик, дури и кога ќе им бидат побарани преку интернет или на импровизиран шалтер или менувачница. Финансиската писменост на населението е толку ниска што речиси никој не се сомнева ниту се грижи за тоа дали нивните адреси, матични броеви или датум на раѓање може да завршат на светкиот пазар за потребите на различен сајбер-криминал.

 

Сите овие граѓани, за да заработат брзи пари ги отстапиле своите лични податоци уште при регистрацијата на апликацијата. Тоа го сториле за да работат и со втората по големина светска крипто менувачница „Бајнансе“, што е услов за поврат на вложувањето а потоа и за приносот од „жетвата“ на парите или заработката. Освен име и презиме, место на раѓање, адреса на живеење, граѓаните ги отстапуваат и своите матични броеви, и-мејл адреси, па дури и бројот на личната трансакциска сметка. За регистрација се бара и селфи фотографија, со личната карта во рака, како доказ. Податоците се во системот на апликација која со нив раководи и располага.

Елена Стојановска, познавач на дигиталните права и заштитиата на лични податоци погледна во политиката за приватност на апликацијата Конти.

Политиката за приватност, според Стојановска, јасно укажува на тоа дека податоците што се собираат преку оваа апликација се користат само за потребите на администрирање и рекламирање на апликацијата. Во оваа политика јасно стои дека сопственикот на апликацијата не е одговорен за други податоци што ќе бидат собрани офлајн или пак ќе бидат споделени во групи креирани на други платфоми или канали за комуникација.

„Ова укажува на фактот дека копиите од лична карта како метод на верификација воопшто не се побарани од самата апликација. Веројатно станува збор за барање произлезено од корисници кои препорачуваат други или пак за манипулација чија крајна цел е создавање на голема база на податоци. Она што загрижува и што прво паѓа во очи е дека нема никаква информација за тоа дали постои некаков правен легитимитет, или каква било одговорност, па оттука и корисниците немаат каде формално да се обратат доколку се соочат со некаков проблем поврзан со нивните лични податоци“, објаснува Стојановска.

Не така одамна бевме сведоци на бројни злоупотреби на копии и копии од лични карти, поврзани токму со финансиски измами. Едни од првите прекршоци, според новиот Закон за заштита на личните податоци, беа изречени кон финансиски друштва што имаа издадено брзи кредити на лица кои приложиле туѓи лични карти.

„Сметам дека станува збор за немање култура на приватност, свест за можни несакани последици и воопшто однос кон приватното, наспроти желбата да се дојде до добивка. Ретко кој од нас разбира дека нашите лични податоци за некого вредат многу повеќе од која било вложена сума пари“, додава Елена Стојановска.

Институциите се затекнати

 

Системот на комуникација преку апликации на интернет, уплата преку крипто валути и паричници, создава паралелен систем, во кој речиси ги нема надлежните институции. Во деновите пред да „пукне“ Конти, никој од претставниците на институциите на кои им се обративме, немаа никаква информација за активностите на граѓаните преку апликацијата. Од секаде добивавме ист одговор: „Немаме надлежност, нема закон, ова е сива зона, се’ е на совест и одговорност на граѓаните кои работат со своите пари“.

Иако се најавуваше уште во 2019 година, Македонија нема закон со кој се регулира работењето со криптовалути. Но, има закон со кој се следи текот на парите – Законот за перење пари, каде надлежност имаат неколку институции. Во случајот со Конти може да се во прашање илјадници евра, кои преку крипто валути се одлеани некаде во странство.

Во разговор со некои од експертите за безбедност, ни беа посочени безбедносните институции како Агенција за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, како должни да ги следат сите дисторзии во општеството, вклучително и тоа што може да го донесе финансиската измама преку пирамидални шеми, како што се чини дека е Конти.

Народната банка на РСМ за прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата информира дека не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство.

„Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано. Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со крипто-средства. Согласно со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Крипто-средствата не се депозити, не се гарантирани и не постои механизам преку кој клиентите ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот којшто издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства. Ова е една од причините поради кои вложувањето во крипто-средство се смета за високоризично.Тековно, Народната банка нема надлежност да го регулира создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти. Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата“, пишува во општите информации на сајтот на НБРСМ.

Конкретно, за случајот со влоговите на граѓаните во Конти, на нашите прашања од Централната банка одговорија дека институцијата не е регулатор на издавачите на крипто средства, ниту пак на давателите на услуги поврзани со овие средства.

„Имајќи ја предвид актуелноста на оваа тема на глобално ниво, а со цел обезбедување поголема заштита и информираност на јавноста за ризиците поврзани со крипто средствата, како и минимизирање на ризиците по финансиската и макроекономската стабилност, Народната банка со посебно внимание ги следи иницијативите на глобално ниво за регулирање и воспоставување надзор над издавањето и тргувањето со овие средства и за обезбедување транспарентен и регулиран пазар“, стои во одговорот од Народна банка.

Закон со кој ќе се регулира употребата на криптовалути, најави премиерот Христијан Мицкоски на почетокот од септември:

– Во следниот перид ќе излеземе со законска регулатива со која сето оваќе биде регулирано и ќе значи повеќе приливи во Буџетот, што ќе може да ги користиме за капитални проекти – рече Мицкоски.

Без законското решение, крипто средстватаостануваат во финансиската сива зона.

Тогаш, кој да ги заштити граѓаните?

 

Најчестиот одговор што го добивавме од институциите за тоа кој треба да реагира, е дека постапуваат по пријави од граѓаните.

Во Секторот за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи, како што одоговорија, до сега нема ниту една пријава за потенцијална измама. Од МВР советуваат – доколку сте наумиле да користите апликации и платформи за инвестирање и други финансиски услуги, задолжително извршете пребарување и истражување на интернет за апликацијата или платформата, за искуствата на претходни корисници, како и за какви било акредитации и регулации.

„Секторот за компјутерски криминал постапува и по други пирамидални шеми од овој тип, нашата истрага е насочена кон истражување на текот на парите. Институцијата што го следи ваквиот начин на финансиско работење е Управата за финансиско разузнавање“ информираат од МВР.

Во Управата за финансиско разузнавање велат дека се постапува по пријави, иако го следат текот на парите. Конкретна акција не е покрената. Останува на свесноста и одговорноста на граѓаните каде ќе ги вложуваат своите средства.

Деновиве често се слушаат ставови дека и Јавното обрвинителство треба да покрене истрага по допрен глас. Меѓутоа, како што објаснува портпаролката на Обвинитеството, Билјана Арсовска, допрен глас подразбира информација во која има потенцијално дело, посочен извршител и оштетен.

„Во случајот со Конти не е познато кој и дали измамил, кој е измамениот. Обвинителството постапува во случаи и дела опишани во Кривичниот законик“, објаснува Арсовска.

Како и до МВР и до Обвинителството нема никакви пријави до 7 октомври 2024, кога е работен овој новинарски текст.

Но раскажувањата од граѓани кои загубиле пари и не успеале да ги ги вратат влоговите е многубројни. Некои од нив дури и дополнително се задолжувале, земале тнр. „брзи кредити“, што уште повеќе им ја отежнува финансиската загуба.

Според универзитетскиот професор по социологија и филозофија, Трајче Стојанов, овој случај е само уште една потврда за тоа дека населението во С.Македонија е со многу ниска финансиска писменост и дека многумина инвестираат од очај.

„Има две причини – 40 отсто од населението со високо образование се исели во странство. Кај тие што останаа, сериозно недстасува финансиска писменост. Има и економски мотив од очај – тоа зборува дека луѓето се очајни за пари. Доказ е постоењето на десетитици, стотици обложовалници низ градовите. Тоа е очај за финансиска сигурност и наместо овој очај да се трансферира во бизниси, поради финансиска неписменост влегуваат во финансиска нестаблиност“ оценува професорот Стојанов.

Колку тежи очајот?

 

Ако се суди според бројноста на најголемата групата на Телеграма, што ги обединува членовите од Македонија, 14.200 луѓе имаат вложено во Конти. Тука не влегуваат и одделните помали групи на оваа апликација. Точната бројка на членови не може да се знае, бидејќи се работи за паралелен систем, кој нема никаква врска со институциите. Наспроти уверувањата од претставниците на Конти дека станува збор за водечка светска компанија во светот во филмската и телевизиската индустрија, целата комуникација и случувања се скриени од јавноста во затворени канали во апликацијата за телекомуникации Телеграм.

Македонската група на Телеграм е гранка на таа од Словенија, каде, според Радио телевизија Словенија, има 11.000 словенечки членови, кои уплатувале влогови до 3000 евра. Апликацијата на Конти во Словенија, преку која се работи, е симната повеќе од 120.000 пати.

Митја Ватовец, експерт во областа на информатичката технологија од компанијата „Емигма“ за РТВ Словенија предупредува дека апликацијата најверојатно потекнува од Азија, каде што е создадена за препродажба на оние кои потоа ја користат.

„Тоа е класична Понзи шема со која секој треба да биде запознаен денес. И ако корисниците копаат малку подлабоко пред да стримуваат таква апликација, ќе видат дека пред неколку месеци имаше коментари дека тоа е измама“, предупредува Ватовец.

Пирамидалните шеми се систем каде новиот член со својот влог го исплаќа претхнодниот. Се’ додека има нови членови, пирамидата расте и во еден момент кога нема нови уплати и нови членови, системот паѓа. На почетокот тој што внесува средства може да си ги врати парите, што го стимулира пак да вложи, но може и тука да застане, како што сведочат некои од нашите соговорници.

„Добро е што успеав да си го вратам влогот со ситна заработка“, ни изјави еден од членовите од Радовиш.

Првите во пирамидата се тие што најмногу заработуваат, додека сите останати се губитници. Кои се тие првите, никој не знае, се гледаат само кодовите на нивните паричници, бидејќи исплатата на средства се врши во крипто средства. Со тоа, потенцијалните измамници се целосно заштитени.

На Бајнанс, каде се паричниците на членовите на Конти, се гледа дека на 3 октомври, кога „падна“ пирамидата и не можеше повеќе да се повлекуваат средства, се направени четири поголеми трансфери кон еден паричник. Префрлени се два милиони евра. На кого – останува мистерија.

Конти тврдат дека се компанија со седиште во Велика Британија, но кога ќе се отвори нивниот профил на Фејсбук, во делот за тренаспарнентност се гледа дека е управуван од луѓе од Кина и Обединетите Арапски Емирати, две земји познати како лулка на пирамидалните шеми со копчиња и рај за крипто измамници.

Ниту една информација за Конти не може да се најде на интернет, освен на веб-страницата alconti.com и профилите на социјалните мрежи на Конти. На едно од видеата што се вртат на Фејсбук се гледа објава за финансиски резултати на Јаху финансии. Со едноставно пребарување се наоѓа објавата на Јаху за Конти од јули годинава, но на крај од подолгиот текст се гледа дека е платено соопштение и линк, кој води до сајтот alconti.com. Вакви соопштенија за пари се објавуваат дури и во најугледните финансиски медиуми.

Анализите на експертот од Web3, ја потврдуваат претпоставката на Ватовац. Интернет страната alconti.com е со регистрирана во Рејкјавик, Исланд на адреса каде се регистрирани бројни интернет страни, кои продаваат домејни, како што е namecheamp.com.

За услугата за пошта, Конти користи облак на провајдерот Alibaba со седиште во Кина.

Словенечкиот медиум siol.net, изнесува информации дека Конти е поврзана со влијателниот политичар од Камбоџа, член на владејачката Камбоџанската народна партија, поранешен сентатор и бизнисмен со кинески корени – Јонг Фат. Минатиот месец, САД воведоа санкции за Јонг Фат и неговиот конзорциум LYP Group.

На американската „црата листа“ Фат и конзорциумот се поради принудна работа поврзана со инвестициски измами прекиу интернет, кршење на човековите права и трговија со луѓе. Фат е сопственик на конзорциумот LYP Group, преку кој управува со неколку компании во Камбоџа во областа на енергијата, тутунот, угостителството и коцкањето.

 

„За личности од кинеското криминално подземје, Камбоџа е идеална локација за извршување на такви измами. Кинезите добиваат виза за влез во земјата при преминувањето на границата, што значи отсуство на долги процедури, во пракса, во Камбоџа, иако официјална валута е камбоџанскиот рил, главната валута е американскиот долар, кој е идеален за перење пари, а Камбоџа исто така не е евклучена во Заедничкиот стандард за известување (ЦРС) усвоен од ОЕЦД во 2014 година. Тоа е важен дел од откривањето на даночното затајување и, следствено, на меѓународната борба против финансиските измами, која вклучува и пирамидални шеми“, пишува Siol.

Конти практично ги има сите карактеристики на класична пирамида или Понзи шема, т.е. дава ветувања за висока дневна заработка, повици за регрутирање нови членови, нема никакви информации за сопствениците или менаџерите и тврди дека работи со познати компании кои не можат да се најдат на друго место освен на веб-страницата на Конти.

Промотивното видео од официјалниот канал на YouTube на Conti Entertainment, за кое се тврди дека е од конференција на Конти во Лондон, што се споделуваше деновиве низ социјалните мрежи и профилите на македонските корисници, според проверувачите на факти, е направено во хотел во Колумбија. Дел од ликовите што се појавуваат се актери од реклами.

Пропаѓањето на пирамидалната штедилница ТАТ, пред скоро три децении, остави длабоки траги во македонското општество. Штедилницата од Битола, што ја водеше Соња Николовска се сметаше за економско чудо, а штедачите беа понесени од високата камата, и до 30%. Во пирамидалната штедилница на Николовска 13.000 луѓе загубија 60 милиони евра, а се смета дека над 100 луѓе извршија самоубиство.

 

Соња Николовска одлежа казна затвор од 3,5 години за затајување данок, а други виновници не беа утврдени. Му се судеше и на вицегувернерот на Нардоната банка на Македонија, Томе Неновски, за злоупотреба на службената положба и овластување, меѓутоа, не беше осуден. Нерасветлена остана аферата во која наводно ноќта пред да влезе полицијата во штедилницата во 1997 година, висок владин функционер, „министер во тренерки“, како што го нарекуваа, изнел црни вреќи со пари. Со години трааше обештетувањето на штедачите.

 

Претходни измами

 

Пирамидалните шеми како еден начин на организиран криминал од време на време никнуваат на разни страни во светот. Во 2017 година беше Onecoin на Финецот Кари Валрос, кој неофицијално се сметаше за десна рака на главната организаторка на измамата, Ружа Игнатова, Бугарка со германски (и веројатно некој друг) пасош. Бараната од ФБИ, Игнатова исчезна од јавниот живот есента 2017 година, заедно со неколку милиони долари од луѓе од Западен Балкан и пошироко.

Следеше пирамидата Bitconnect, па GainBitcoin и PiCoin. Измамени беа луѓе кои живеат за пари стекнати без мака, преку телефон, со надеж дека еден ден ќе ги заменат во менувачница за крипто. Но поверојатно е дека ќе останат со долг за земениот брз кредит со висока камата и блокирана трансакциска сметка.

По најновата пирамидална измама во централниот дел од Македонија, се почести се слушаат повици дека државата и нејзините институции треба да ги предупредат граѓаните на внимателност. Во Египет на пример, владата во август издаде четврто предупредување до своите граѓани за ризик од измами со крипто средства на интернет. Египет е една од државите, чии граѓани повеќе пати губеа пари во интернет пирамидални штедилници. Канада,пак, преку Центарот за борба против измами (CAFC) и Канадската инвестициска регулаторна организација (CIRO) исто така предупреди на внимателност од измами. Во САД, на пример, на интернет има регистри со онлајн пирамидални измами со податоци за тоа кој е измамникот, ако е познат, но и колку средства се до сега загубени во шемите.

Кај нас, институциите деновиве или беа затечени до непознавање, или воопшто не беа заинтересирани да реагираат со предупредување, повик за внимателност или каква било кампања. Граѓаните што умеат да водат грижа за својата финансиска безбедност велат дека вложувањето во крипто средства не е ништо поинакво од купувањето акции или обврзници – но треба да знаеш што купуваш и кога да продадеш. Се’ друго се шарени лаги.

Реакции од институциите

По објавувањето на сторијата, добивме одговор од Управата за јавни приходи (УЈП) на прашањата што ги поставивме при нејзината подготовка.
Во одоворите, УЈП потсетува на законските ингеренции и најави контрола на субјектите кои имаат врска со Конти.  Доколку станува збор за било какви други приноси остварени од Конти мрежата, исто така физичките лица имаат обврска до УЈП да поднесат електронска пресметка преку e – ujp@ujp.gov.mk најдоцна до 10 – месецот по месецот во кој е остварен доходот и да го платат данокот најдоцна до 15 – ти во месецот за претходниот месец.
Ова се однесува на физичките лица, кои остваруваат капитална добивка од продажба на крипто валути, кои, како што одговорија од УКП на нашите прашања.  имаат обврска до УЈП преку системот е – даночни услуги, да поднесат електронска пресметка.
-Од аспект на Законот за данок на добивка обврзник на данокот на добивка е правно лице резидент на Република Северна Македонија кој остварува добивка од вршење на дејност во земјата и странство, при што основа за пресметување на данокот од добивка се утврдува како разлика меѓу вкупните приходи и расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди (член 7 став 2) од ЗДД, соопштија од УЈП.
Виртуелните средства се регулирани со Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.
Управата најавива дека согласно надлежностите, УЈП ќе изврши контрола кај правното лице Друштво за информативни услуги КОНТИ-ДИМКОВ ДООЕЛ Кавадарци. Тоа е компанијата која го отвори првиот информативен центар за Конти.
Според одговорот од УЈП, своја надлежност во за текот на следењето на парите има и Централната банка согласно со одредбите на член 7 став 1 точка 10 од Законот за Народна Банка.
„Народна Банка врши надзор над примената на прописите со кои се уредува девизното работење, менувачкото работење, системите за спречување на перење пари и заштита на потрошувачите, согласно со овој или друг закон. Согласно член 36 од Законот за девизно работење, под менувачко работење се подразбираат работи на купување и продавање на ефективни странски пари и чекови деноминирани и исплатливи во странска валута. Менувачко работење вршат резиденти кои од Народна Банка имаат добиено овластување. Народна Банка врши непосреден надзор над работењето на банките, штедилниците и менувачниците на кои им издала дозвола за работа, пишува во одговорот од УЈП.
Неколку дена по објавувањето на сторијата, во која напишавме дека не се знае колку луѓе загубија свои вложени средства, со предупредување излезе Управата за финансиско разузнавање.
Прочитајте повеќе во соопштението насловено: „Внимавајте на фиктивни инвестициски платформи кои нудат брза заработка и вложувања во виртуелни односно крипто-средства. Менувачниците задолжително да го применуваат Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам во целост“

Авторики: Убавка Јаневска и Весна Коловска

фотографии и принт скрин: Freepik, ФБ и интернет

 

Оваа истражувачка сторија е во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на медиумите против дезинформациите во Северна Македонија“, поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени во оваа сторија се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

 

Scroll to Top