Конференција на СЕММ „Медиумска саморегулација и етички предизвици во медиумите“

Во промовирањето на саморегулацијата, особено во адресирањето на проблемот со медиумската саморегулација во дигиталниот свет, како и во севкупното стратешко јакнење на Советот, СЕММ континуирано добива поддршка и од Мисијата на ОБСЕ во државата. На денешната конференција, шефицата на Мисијата на ОБСЕ во државата, Нина Соумалаинен, нагласи дека „саморегулацијата не е цензура, ниту, пак, самоцензура, туку значи регулација без санкции и претставува веродостојна алтернатива за судските процедури и помага да се зголеми етичкото новинарство кое е ориентирано кон стекнување доверба“. 

„Новинарството мораме заеднички да го поставиме таму каде што припаѓа, а тоа не е производство на содржини, туку сервис за доследно, етичко и вистинито информирање на публиката“, истакна извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева.

konferncija 17 05 20172

Според претседателот на Управниот одбор на СЕММ, Драган Антоновски, „приоритет е да ја тргнеме лагата и пропагандата од медиумите а потоа и сите останати недоследности во етичкото однесување“.

Конференцијата се организираше со поддршка од Македонскиот институт за медиуми преку грант во рамки на проектот РеФорМедиа – унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана со финансиска поддршка од ЕУ. За значењето на саморегулацијата и позитивните ефекти од постоењето саморегулативно тело во Република Македонија зборуваше директорката на МИМ, Билјана Петковска.

На настанот беа промовирани и публикацијата „Известување во интерес на јавноста – заштита на етичките принципи на известувањето низ работата на Комисијата за жалби“, чии автори се д-р Сефер Тахири и Мирче Адамчевски, а уредник д-р Снежана Трпевска. Публикацијата нуди осврт врз почитувањето на некои од основните принципи на новинарската етика и преглед на најкарактеристичните одлуки донесени од Комисијата.

konferncija 17 05 20171

СЕММ подготви и компаративен преглед за искуствата и предизвиците во функционирањето на меѓународните совети за етика, особено на они кои припаѓаат на Алијансата за независни совети за етика во Европа, каде што е членка и СЕММ. Главните наоди од Прегледот ги претстави нејзиниот автор, доктор Дејан Донев.

За улогата на медиумите во демократизацијата на државата, новинарството денес, како и за потребата од професионализација во работата на медиумите зборуваа Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на Телевизија 24, како и заменикот –главен и одговорен уредник на Алсат М, Исуф Кадриу.

Scroll to Top