Слободата на изразување vs. говорот на омраза
Слободата на изразување е основно граѓанско и политичко право, кое е нераскинливо поврзано со слободата на мислење, но се однесува и на правото на информираност. Ова право е загарантирано со меѓународни документи, како Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Повелбата на основните права на ЕУ, но и со Уставот (член 16 од Уставот на Република Северна Македонија).
Говорот на омраза е комплексен комуникациски и општествен феномен за кој нема една сеопфатна дефиниција. Самуел Вокер го дефинира како „секој облик на изразување кој е навредлив за која било раса, религија, етничка или национална група“, додека Сандра Коливер како „говор што поттикнува насилство, омраза и дискриминација“. Оттука, говорот на омраза е злоупотреба на слободата на изразување која поттикнува нетолеранција, дискриминација и насилство кон одредени групи.
Пораст на говорот на омраза на социјалните мрежи за време на пандемијата
За време на пандемијата со коронавирусот беше забележан пораст на говорот на омраза на социјалните мрежи. На ова укажува и податокот дека Фејсбук во првиот квартал од 2020 година отстранил 9.6 милиони содржини со говор на омраза, во вториот квартал 22.5 милиони, додека за цела 2019 година биле отстранети 21.2 милиони содржини со говор на омраза.
Карактеристични за говорот на омраза поврзан со ковид-19 се појавите на стереотипизација, стигматизација и употреба на мизогеничен, расистички, ксенофобичен и исламофобичен јазик. Сите овие појави беа „засилени“ со создавањето и ширењето дезинформации за потеклото и ширењето на вирусот.
За ова предупреди и Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутиерес, кој во мај 2020 година објави видео порака во којашто вели: „Ковид-19 не прави разлика кои сме, каде живееме или во што веруваме, меѓутоа омразата, непријателството кон странците, прогласувањето на виновник (scapegoating) и ширењето на страв, продолжуваат да се шират како цунами“. Притоа, тој ги повика политичките лидери, образовните институции, медиумите и социјалните мрежи да се вклучат во борбата против говорот на омраза.
Но, во одредени случаи токму тие се оние кои го ширеа говорот на омраза. На пример, сега веќе поранешниот американски претседател Доналд Трамп го нарече коронавирусот “кинескиот вирус“ (the Chinese virus), поттикнувајќи говорот на омраза кон Кинезите и Азијците да стане тренд на социјалните мрежи преку хаштазите како „#Wuhanvirus“ и „#chinaliedpeopledied“.
За ваквиот тренд говори и податокот дека организацијата „Light“ забележала 900% зголемување на говорот на омраза насочен кон кинескиот народ во Британија од почетокот на пандемијата.
Во Велика Британија е забележано и ширење говор на омраза кон муслиманите како последица на дезинформациите дека тие ги кршат правилата на карантинот и го шират вирусот. Поранешната новинарка Кејти Хопкинс и десничарскиот активист Томи Робинсон се дел од познатите личности кои на социјалните мрежи ги шират овие обвинувања предизвикувајќи омраза.
Говорот на омраза на социјалните мрежи во Македонија за време на пандемијата
За жал, Македонија не е исклучок кога се работи за зголемено ширење на говорот на омраза за време на пандемијата. Во април 2020 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права нотирал 100 – процентно зголемување на говор на омраза во споредба со истиот период во 2019 година. Најголемиот број од случаите се однесувале на ситуацијата со пандемијата со ковид-19, вонредната состојба и зголемениот карантин за време на вонредната состојба, а интересно е што имало зголемен говор на омраза пред христијанскиот празник Велигден и почетокот на рамазанските пости, односно во периодот на најдолгиот карантин.
Ова го потврдува и приказот на пријави на говор на омраза на веб – страницата govornaomraza.mk во периодот од април до јуни 2020 година, каде што може да се забележи дека најголемиот дел пријави се за говор на омраза врз основа на етничка припадност и врз основа на религија. Најголемиот дел од нив ги поврзуваат припадниците на одредена етничка група и религија со ширење на коронавирусот и непочитување на полицискиот час.
Ваквиот говор на омраза може да се поврзе и со медиумското известување. Во истражувањето на Македонскиот институт за медиуми за ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата, мнозинството испитаници (39.7%) посочиле дека погрешните, непотврдени информации и дезинформации е тоа што им пречи во начинот на новинарското известување во текот на пандемијата со ковид-19, додека 13.5% рекле дека најмногу им пречи дискриминацијата кон одредени групи во општеството и говорот на омраза. На прашањето за кои теми забележале дезинформации и погрешни информации во медиумите, 8.8% од Македонците и 8.7% од Албанците ги посочиле религиозните празнувања за Рамазан Бајрам и за Велигден.
Како медиумите и социјалните мрежи може да помогнат во борбата против онлајн говорот на омраза?
Гај Бергер, директорот за слобода на изразување и развој на медиуми во УНЕСКО во свое излагање во 2020 година посочи дека новинарите, а не технологијата се клучни во борбата против онлајн говорот на омраза. Тој вели дека медиумите треба да ги потенцираат ризиците од говорот на омраза, истовремено избегнувајќи ја стапицата со сопственото известување да ја нормализираат и поттикнуваат омразата.
Медиумското известување мора да биде точно и непристрасно, засновано на проверени факти, да избегнува стереотипизација и генерализација, како и непотребно повикување на фактори како раса, етничка припадност, националност или религија. Важно е да се даде глас на маргинализираните групи во теми коишто не се однесуваат само на нив. Медиумското известување треба да помогне да се едуцира публиката за опасностите од дезинформациите и говорот на омраза, но и да поттикнува толеранција и инклузија.
Во борбата со онлајн говорот на омраза, исто така проактивни треба да бидат и социјалните мрежи. Најпрво, тие треба да донесат јасни и прецизни политики за говор на омраза кои ќе се засноваат на стандардите на меѓународното право и при објавување ќе вклучуваат евалуација на социјалниот и политички контекст, намерата на креаторот на содржината, самата содржина и веројатноста да предизвика штета. Потоа треба да се направи курација, односно селекција и организација на релевантни содржини за одредени теми што ќе им овозможи на корисниците лесен пристап до верификувани информации. Исто така, потребно е унапредување на механизмите за проверка на содржините на сите јазици, со што ќе се овозможи полесна детекција на дезинформации, говор на омраза и други штетни содржини. И медиумите и социјалните мрежи треба да работат на едукација и развивање на дигиталните вештини на корисниците за тие да можат да препознаат вакви содржини и истите да ги пријавуваат.
Во борбата со дезинформациите, говорот на омраза, стереотипите, предрасудите и медиумските манипулации клучна улога има медиумската писменост. Токму затоа е важна соработката помеѓу социјалните мрежи, медиумите, образовните институции и невладините организации во формалните и неформални образовни процеси. Со развивање на вештините за критичко размислување, анализа и евалуација на медиумски содржини, но и едукација за одговорно користење на дигиталните медиуми ќе се овозможи публиката да детектира дезинформации, содржини на омраза, стереотипи и предрасуди, но и да знае како да реагира и каде да ги пријави. На овој начин публиката ќе стане контролор на содржините и ќе им помогне на социјалните мрежи во борбата на говорот на омраза.