Интервју со Гордана Новаковиќ, генерален секретар на Советот за печат, Србија
Голем дел медиуми работат и под силен финансиски притисок, посебно доколку не се наклонети кон власта, а професионалната работа и статусот на новинарите сериозно се нарушени поради нивниот материјален статус.
2.Дали сметате дека појавата на Интернетот и економската криза ширум светот имаше негативно влијание врз квалитетот на новинарството?
Мислам дека да, барем во мојата држава. Бројот на медиуми во Србија е во постојан пораст, посебно кога станува збор за онлајн медиумите, чиј број сега е околу 2.500. Најголемиот дел од порталите речиси и да немаат редакции, туку еден или двајца кои работат сѐ, што значи дека најчесто имаат минимална или дури и воопшто никаква продукција на свои содржини, а тие по системот „копи-пејст“ преземаат текстови од други медиуми и од социјалните мрежи. Содржините од социјалните мрежи, без каква било проверка, честопати ги преземаат и поголемите медиуми, па со огромна брзина се шират дезинформации од секаков вид. Исто така, поради економската криза, непрекинато се намалува обемот на средства за рекламирање, што посебно ги погодува печатените медиуми, чијшто тираж веќе долго време опаѓа континуирано. Сето тоа, секако, влијае на тоа новинарите да се слабо платени, немотивирани и омаловажени, па заминуваат од професијата, а нивните места во редакцијата ги заземаат лица со недоволно образование и непрофесионални лица без амбиции да истражуваат што и да е.
3. Дали вашиот Совет за етика работи на примена на професионалните стандарди само во печатените медиуми или, пак, ги вклучува и радиодифузните и онлајн медиумите?
Во наша надлежност се печатените, онлајн медиумите и новинските агенции, но не и радиодифузните медиуми.
4. Каков е општиот став за медиумите во вашата држава кон новинарската етика и саморегулативните тела како вашето?
Советот за етика е единственото саморегулаторно тело во медиумската сфера во Србија, а го основаа двете најголеми новинарски здруженија, Здружението на новинари на Србија и Независното здружение на новинари на Србија, како и две асоцијации на издавачи на големи национални печатени и локални медиуми. Подоцна е основана и Асоцијацијата на онлајн медиуми, која колективно се зачлени во Советот. Од тоа би можело да се заклучи дека сите релевантни актери во медиумската заедница во Србија се вклучени во овој проект и силно ја поддржуваат саморегулацијата. За жал, дел, пред сѐ, традиционални медиуми, како и некои портали, останаа вон овој систем на саморегулацијата и се наклонети да го оспорат. Исто така, во последните неколку години основани се некои медиумски здруженија со многу повеќе отколку проблематичен кредибилитет и репутација и тие честопати настапуваат агресивно против Советот за етика, пред сѐ затоа што некои од медиумите, поради прекршувањето на Кодексот, имаат проблем да добијат буџетски средства за своите проекти.
5. Дали вашиот систем на медиумска саморегулација помага да имате попрофесионални и послободни медиуми?
Сакаме да веруваме дека е така. Истовремено, секако, сме свесни дека состојбата не може да се поправи за шест месеци или една година, ниту, пак, мислиме дека саморегулацијата е волшебно стапче кое ќе ги реши сите проблеми во новинарството во државата. Свесни сме дека пред нас е долга и напорна работа, но веруваме дека на подолг рок тоа води кон попрофесионални и поодговорни медиуми.
6. Како Советот за етика во медиумите во Србија ги третира медиумите што не ги почитуваат неговите одлуки?
Советот одлучува и за жалбите за медиуми кои не се негови членки, со тоа што на нив им изрекуваме јавни опомени и не можеме да ги обврзуваме да ги објавуваат. Медиумите кои ги прифатиле надлежностите на Советот имаат обврски да ги објават одлуките на Комисијата за жалби, доколку таа утврди дека е прекршен Кодексот на новинари на Србија, а тоа, главно, го почитуваат. Она што е доста важно е дека пред неколку години успеавме во правилникот за финансирање на медиумски проекти да ја внесеме обврската на Министерството за култура и информирање и локалната самоуправа, кои ги распишуваат овие конкурси, при поделбата на средствата од буџетот да водат сметка за тоа дали медиумот во последната година е „казнуван“ од Советот, односно дали ги почитува етичките стандарди на професијата. За жал, ова не се применува секогаш, на што непрекинато укажуваме. Во Србија, во моментот, во тек е изработка на нова Стратегија за медиумите и веќе, неколку месеци, се бориме во иднина ова да е задолжителен критериум, поточно медиумите кои што не го почитуваат Кодексот на новинарите веднаш да се елиминираат од процесот на распределба на буџетски средства.
7. Дали се зголемува напливот на лажни вести и говор на омраза во медиумите?
Тешко е да се каже во каков обем ги има, а и колку за тоа само се зборува. Во Србија постојат неколку невладини организации кои сериозно се занимаваат со овие проблеми и постојано укажуваат на нив. Ако станува збор за жалбите кои доаѓаат до Советот за етика на говор на омраза се жалат сѐ помалку, додека бројот на жалби за неточно информирање постојано расте.
8. Дали борбата на саморегулаторните тела против говорот на омраза во медиумите може да биде успешна доколку тој не се казнува од страна на обвинителството и судството?
Мислам дека може. Имавме доста успех во намалувањето на говорот на омраза и дискриминацијата, да речеме, во однос на ЛГБТ лицата. Сега, навистина, се ретки медиумите во кои може да се сретне говор на омраза по таа основа во новинарските содржини. Во коментарите на читателите има многу повеќе, но медиумите се сѐ подготвени да ги отстранат, штом ќе им укажеме на тоа. Слична е ситуацијата и кога станува збор за Ромите. Секако, говор на омраза сѐ уште има многу, посебно кога станува збор за припадниците на другите националности, особено во однос на Албанците, кои некои таблоиди буквално ги нарекуваат ‘Шиптари’ и кон Хрватите (кои во поединечни медиуми се поистоветуваат со усташи), но и кога станува збор за неистомисленици во политиката. На говор на омраза честопати се изложени и новинарите коишто се сметаат за опозициски.
9. Какво е искуството во вашата држава со воведување законска регулација на содржината во онлајн медиумите? Дали воопшто имало обиди?
Кај нас досега немаше такви обиди. Според нашиот Закон за јавно информирање и медиуми, онлајн платформите може да се регистрираат како медиуми, но не мораат, тоа е прашање на нивен избор. Законот, исто така, експлицитно укажува дека социјалните мрежи не се медиуми.