Игнорирањето на повиците на линч за новинарите од Метаморфозис мора да престане

Потсетуваме дека пријави до МВР од Фондацијата Метаморфозис се испратени во ноември и декември минатата година, кога реагираа и новинарските организации, барајќи проактивен пристап од МВР и Јавното обвинителство. Исто така, потсетуваме дека оттогаш не се преземени мерки со кои би се превенирале и санкционирале овие закани, туку напротив тие продолжуваат, а политиката на неказнивост останува да биде присутна.

Недозволиво е надлежните институции, МВР и Јавното обвинителство, со месеци, да ја избегнуваат одговорноста соодветно да реагираат на отворените закани кон новинарите, чиишто лични податоци се откриваат на начин што ги изложуваат на опасноста да бидат мета на физички напади.

Воедно, ги потсетуваме институциите дека ефикасноста во борбата со закани на социјалните медиуми не завршува со пронаоѓањето на заканувачите кон високите владини претставници, за што има пракса кога станува збор за носители на јавни функции. Од институциите очекуваме да немаат двојни стандарди кога се работи за новинари и медиумски работници, особено кога тие се изложени на говор на омраза и повици за нивен линч само поради вршењето на својата професија.

Scroll to Top