Граѓаните можат да реагираат за однесувањето во онлајн просторот за време на изборите

Со распишувањето на Парламентарните и Претседателските избори, започна и периодот на постапување на Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.

Координативното тело ќе постапува по претставки во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.

Претставки можат да пратат сите граѓани и правни лица на е-адресата: koordinativnotelozaizbori@avmu.mk. Претставките може да се однесуваат за ширење дезинформации (неточни, нецелосни, лажни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа, непочитување на правилата за заштита на личните податоци, како и за други форми на неетичко однесување на интернет.

Координативното тело е составено од претставници на: Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите во Македонија, Институтот за комуникациски студии, Фондацијата „Метаморфозис“ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Досега кон Кодексот имаат пристапено три политички партии (Левица, Европска демократска партија и Партија на пензионерите) и 14 медиумски организации (ТВ Коха, ТВ Тера, ТВ Дуе, ТВ Кочани ЛД, ТВ Спектра, Радио Блета, Радио Кочани, Радио Вати, Спорт1, 4Нуз, Екипа, Радовиш Њуз, Порталб и 360 Степени). Координативното тело ги повикува сите субјекти на кои се однесува Кодексот да се вклучат во иницијативата.

Освен по претставки, Координативното тело јавно ќе реагира и за  прашања од широк јавен интерес, како и за работи поврзани со медиумите и со сите учесници во онлајн-просторот за време на изборниот процес.

За координатор на телото е избран Саше Димовски од Здружението на новинари на Македонија, а за заменичка – координаторка Оливера Војновска од Фондацијата Метаморфозис.

Scroll to Top