Целта на Етичките и професионалните принципи на МРТ за медиумско покривање изборни процеси е да обезедат рамка во која новинарите ќе можат слободно и непречeно да работат и да и понудат на публиката непристрасно и независно информирање за изборниот процес, преку фер известување и аналитички осврт за кандидатите и за партиските програми и кампањи.
Принципите се во согласност со меѓународните стандарди, како и со:
- стандардите и начелата до кои треба да се придржуваат Јавниот радиодифузен сервис МРТ и новинарите, уредниците и другите вработени во МРТ при производството и обезбедувањето на радио и телевизиски програми, утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги;
- обврските МРТ да обезбеди правично, урамнотежено и непристрасно покривање на изборите во својата вкупна програма, утврдени во Изборниот законик;
- Кодексот на новинарите на Република Македонија;
- етичките правила и стандарди на МРТ.
МРТ ќе ги применува овие етички и професионални принципи од распишувањето на изборите до нивното завршување. Принципите се јавно достапни, објавени на видливо место на веб-страницата на МРТ, и МРТ ќе биде одговорна за нивно спроведувањe.