„Ефикасната саморегулација бара внатрешна мобилизација и консолидација, но уште повеќе силна соработка и поврзаност со јавноста. Сосема природно е граѓаните да бараат гаранција за вредноста на новинарските информации“, рече извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева.
Претседателката на СЕММ Катерина Синадиновска истакна дека „процесот на саморегулација државата не смее да го користи за алиби за инертноста и слабите реакции во борбата против говорот на омраза, како едно од најчестите прекршувања кај онлајн медиумите“.
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби, на дебатата информира дека „обемот на работа на СЕММ е драстично зголемен. Лани во текот на целата година донесени се 68 одлуки, а годинава само за пет месеци над 40 одлуки“. Според него тоа е потврда за зголеменото разбирање и свесност за потребата од медиумска саморегулација.
СЕММ продолжува со праксата на организирање дебати и отворени седници на Комисијата за жалби низ државата, со цел афирмирање на улогата на саморегулацијата во медиумите во промовирањето професионалното новинарство и заштита на слободата на медиумите.