Промовиран новиот Кодекс на новинарите на Македонија

Обновена верзија на Кодексот на новинарите на Македонија денеска промовираа Здружението на новинарите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите на Македонија, во обид за „фаќање чекор“ со брзите промени во дигиталниот свет и користењето вештачка интелигенција во новинарството.

Повеќе од една година, претставници на трите организации работеа на осовременување на Кодексот на новинарите на Македонија, со цел универзалните професионални и етички стандарди во новинарството да ги прилагодат кон новите изразни форми, да стават јасни граници за тоа до каде во медиумскиоте продукти може да се користат новите дигитални алатки од пакетот „вештачка интелигенција“, но и да нагласат дека крајниот збор и одговорноста сепак го имаат новинарите и уредниците.

13

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, на промоцијата што се одржа во Европската куќа, Во Скопје, истакна дека новиот Кодекс претставува нов договор меѓу новинарите и јавноста: „Основните вредности на новинарството не се менуваат. Вистината, проверката на фактите, независноста, јавниот интерес и одговорноста кон граѓаните остануваат темелот на оваа професија. Но, мора да се модернизира начинот на кој тие принципи ги применуваме“, порача Чадиковски.

Директорката на МИМ, Билјана Петковска, се заблагодари на членовите на работната група, кои обновата на Кодексот ја започнаа пред повеќе од една година, со поддршка од ИРЕКС и УСАИД,  но процесот го завршија во рамки на проектот  „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Во процесот беа вклучени новинари, уредници, медиумски работници, медиумски организации и саморегулаторни тела, со цел Кодексот да одговори на реалните предизвици со кои денес се соочува новинарството.

6

„Сега следува најтешкиот дел, а тоа е примената на етичките стандарди од страна на новинарите. За тоа е потребна заедничка посветеност, како од новинарите, така и од граѓаните, преку препознавање и користење на медиумските саморегулативни механизми“, истакна Петковска.

 

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Леунора Калиќи, истакна дека Советот за етика во медиумите на Македонија со задоволство беше дел од процесот, а неколкумина членови на Комисијата за жалби про СЕММ, во текот на процесот за обнова на Кодексот, споделија искуства од расправите по поднесените претставки, посочувајќи на кои одреби им е особено потребно модернизирање.

 

7

 

Калиќи ја нагласи важноста на инклузивноста, придонесот на сите кои волонтерски се вклучија во изработката на новиот Кодекс, но и потребата од силни етички стандарди во време на дигитални предизвици, дезинформации и вештачка интелигенција. Според неа, Кодексот го штити јавниот интерес и кредибилитетот на новинарската заедница.

 

 

 

Новинарката Мира Костиќ, која беше член на работната група за осовременување на Кодексот, но има учествувано и во создавањето на првиот Кодекс на новинарите на Македонија, постести дека тогаш, во 2001 година, беше препознаена потребата од создавање правилник за етично и професионално

4

новинарство (Кодекс) кој истовремено ќе служи и за заштита на граѓаните, преку практикување квалитетно и одговорно новинарство.

Костиќ посочи дека, 25 години подоцна, новиот Кодекс треба да им служи и на сегашните, но и на идните генерации новинари.

Новинарот Васко Маглешов, пак, исто така дел од тимот кој работеше на Кодексот во изминатите две години, ги претстави клучните новини во документот, нагласувајќи дека тој го задржува идентитетот на постојниот Кодекс, но ги прецизира стандардите во повеќе важни области.

 

Меѓу нив се употребата на вештачка интелигенција, проверката на информации од независни извори, јасното разграничување меѓу јавен интерес и интерес на јавноста, транспарентноста при исправки и измени на дигитални содржини, конфликтот на интереси, насловите што мора да одговараат на содржината, заштитата на ранливите категории, претпазливото известување за самоубиства и обиди за самоубиства, како и правилата за користење информации добиени со тајно снимање кога постои јавен интерес.

 

5
Со новиот Кодекс, новинарската заедница добива современа етичка рамка која одговара на дигиталната ера, но истовремено ги задржува основните принципи на професијата: точност, проверка, независност, одговорност, заштита на човековото достоинство и работа во јавен интерес.

 

Кодексот почива на две стручни анализи, објавени на самиот почеток од процесот за негово ажурирање  (линк 1) и (линк 2) од авторите Марина Тунева и Александар Манасиев, за регионалните и компаративните искуства на кодексите за етика во медиумскиот сектор.

 

 

Во последните неколку години новинарските кодекси во повеќе земји претрпеа измени, односно прилагодување со промените во дигиталната ера, и олеснување на работата на комисиите за жалби во медиумските саморегулаторни тела.

Кодексот на новинарите на Македонија е достапен на веб-страниците на ЗНМ и МИМ во осум јазични верзии.

 

Scroll to Top