За да се спречи злоупотреба на јавни средства од страна на фантомски медиуми и да се избегне дезинформирање на граѓаните за изборниот процес, бараме итно да се направат измени во Законот за медиуми, за создавање регистар на онлајн медиумите во Македонија. За овие законски измени ЗНМ, ССНМ и СЕММ повеќе пати му имаат укажано на МИОА како надлежно министерство, но очигледно немаше политичка волја за конструктивни законски решенија.
Во моментов има пријавено 249 онлајн медиуми во Државната изборна комисија за државно финансирање за партиско-политички реклами во изборната кампања. Дел од нив се сајтови со непознат сопственик, или без импресум, или новоформирани портали за кои се отвора сомнеж дека се наменски креирани само за да добијат пари од даночните обврзници за време на кампањата.
Нашите организации се залагаа и за измени во Изборната регулатива, за да се спречи платенотото политичко рекламирање и натаму да биде предмет на партиско медиумска корупција или злоупотреба. Но, нашите сугестии, искажани на повеќе консултативни средби на работните групи, не беа земени предвид, а старите проблематични решенија во законот останаа, на штета на професионалните медиуми и на граѓаните. ЗНМ, ССНМ и СЕММ остануваат на ставот, односно на предлозите дадени во работнинте групи, дека политичките кампање не треба да се финансираат од државниот буџет.
Потсетуваме дека во рамките на проектот „ЕУ за слобода на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“, поддржан од ЕУ, изготвен е нов Закон за медиуми, од домашни и меѓународни експерти, кој во декември 2023 е предаден во МИОА. За овој нов предлог-закон претходеа широки консултации со повеќе чинители од медиумскиот сектор.
Основните цели на предлог- законот, во согласност со европските стандарди, се:
– формирање јавен регистар на онлајн медиуми со цел спречување или намалување на злоупотребите на овие медиуми од политичките партии
– подобрување на социо-економскиот статус на новинарите и медиумските работници преку воведување на контролни механизми ,
– зголемување на транспарентноста во медиумската сопственост и
– поддршка за плурализмот во медиумите со цел да се заштити јавниот интерес.
Игнорирањето на предложениот нов Закон за медиуми (и покрај обврската да биде усвоен до крајот на 2023) ќе се одрази негативно на позицијата на Македонија на светските индекси за слободата на медиумите. Со усвојувањето, пак, на овој закон во Собранието, а потоа и со негово спроведување, ќе се гарантира независноста на медиумите и правата на новинарите и ќе демонстрира дека МИОА и Собранието на Република Северна Македонија се вистински ангажирани кон евро-интегративните процеси.
Инсистираме, политичките партии застапени во Собранието во најскоро време да пристапат кон разгледување и усвојување на новиот Закон за медиуми.
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)