Уривањето на темелите на новинарската професија низ призмaта на Комисијата за жалби при СЕММ

Точноста не подразбира само пласирање факти што се точни или проверени, а новинарите не се само „трансмитери“ кои цврсто се држат до правилото да одговорат на петте новинарски прашања. Земјата е една од тие во кои објавувањето на непроверени вести во медиумите е секојдневие. 31 детектирани прекршувања во одлуките и мислењата на Комисијата за жалби при СЕММ се однесуваат на неточно или невистинито известување или прекршувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите. „Втората страна“ често ја нема во текстовите за кои има поднесено жалби, што е последица на длабоката поделеност на медиумите по политичко -партиска линија.

 

Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ

Oд појавата на новинарството па до денес, а и во иднина, вистината и точноста биле и треба да бидат врвни принципи на професијата и токму од нивното почитување и спроведување во новинарската практика зависи веродостојноста на еден новинар или медиум, но и на целата професија.

Довербата зависи од известувањето без дезинформации 

Новинарите, уредниците, а посебно главните уредници треба да се свесни дека довербата се стекнува многу тешко, дека за неа е потребно многу „новинарска пот“, многу енергија, премногу стрес, но и работа под притисок на времето и притисоци однадвор. Од друга страна, пак, довербата многу лесно се губи. Некогаш само со една или неколку дезинформации, или пак некоја лажна фотографија.

За да го одбранат професионалниот интегритет, од новинарите и уредниците се очекува да да­дат точни и сеопфатни информации, врз ос­нова на што граѓаните ќе донесат заклучоци и одлуки.

Информациите што се пренесуваат преку медиумите треба да бидат соодветни на реалноста, треба да се вистини­ти, па затоа е многу важно да бидат проверени од најмалку два извори. Оттаму, новинарите имаат право да бараат информации, да ги објавуваат, но и критички да ги анализираат. Секој елемент на веста (извештајот, прилогот) мора да биде точен: настаните, имињата, датумите, местата, цитатите и слично. Една грешка за еден факт може да фрли сенка врз целиот новинарски текст.

Вистинитоста подразбира дали информацијата содржи факти и детали што можат да се проверат преку примарни или алтернативни извори. Вака се вели во прирачникот за обучувачи „Медиумска писменост: УЧИМЕ ДА РАСПОЗНАВАМЕ“. Во него се истакнува дека „американската професорка Кери Галагер разликува неколку нивоа на лажни информации:

  • Бесрамни лаги: Некој намерно шири лаги;
  • Делумни лаги: Некој користи еден факт за да постави неразумна претпоставка. Иако тој дел од информацијата е факт, сѐ друго не е;
  • Намерно изоставање релевантна информација: На тој што ја објавува информацијата му е познат извесен факт, но не го објавува затоа што не ѝ оди во прилог на теоријата што ја застапува“.

Во овој прирачник се вели и дека „Важно е да правиме разлика помеѓу лаги и грешки“. Затоа разликуваме:

  • Погрешни информации (мисинформации): Неточни информации или информации што настанале како резултат на ненамерна грешка или незнаење.
  • Дезинформации: Информации што се лажни и се намерно создадени и проширени преку автоматизирана технологија за да ја доведат во заблуда јавноста во однос на одредена личност, социјална група, организација или земја.
  • Штетни информации (малинформации): Вистинити, но злонамерни информации што се споделуваат за да предизвикаат штета, често со пренесување на информациите што треба да останат приватни, односно информации што се префрлени од приватната во јавната сфера со намера да се наштети некому.

Точноста не подразбира само пласирање факти што се точни или проверени, а новинарите не се само „трансмитери“ што се држат цврсто до правилото да одговорат на петте новинарски прашања: кој, што, кога, каде, зошто (и шестото прашање – како?).

Во публикацијата на Советот за етика во медиумите насловена „Известување во интерес на јавноста“  – заштитата на етичките принципи на известувањето низ работата на Комисијата за жалби, се вели:

„Новинарите не се само собирачи на вести, туку од нив се очекува да истражуваат, известувајќи објективно и точно за она што се случува. Изборот на фактите мора да обезбеди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која се говори.“

Според Етичкиот кодекс на новинарите, „oсновна задача на новина­рите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со Уставот“.

Стандарди за точноста и вистиноста како основни новинарски принципи

Во Прирачникот за јавен интерес во новинарството се вели „брзината не смее да биде поважна од точноста и прецизноста“.

„Медиумите не треба да објавуваат или да емитуваат некоја вест или извештај без да извршат рутинско и соодветно истражување за да ја  проверат веродостојноста. Исто така е битно сите вести, извештаи, но и други видови новинарски жанрови, да изобилуваат со доволен број извори, да се базирани врз цврсти докази“.

Доколку се случат грешки во известувањето, тие треба да се признаат и да се коригираат најбрзо што може, јасно и соодветно. Признавањето на грешката е доблест, а нејзиното прикривање е неспоиво со професионалното достоинство. Тоа е поставено на ниво на правило – медиумите треба да објават јасна корекција и на видно место да нагласат дека е објавена неточна и искривена информација, а ако е потребно и да се извинат.

Точноста и проверката на информациите се дел од неколку члена на Етичкиот кодекс. Интерпретирањето на овие членови е базирано врз Прирачникот за етика во новинарството, објавен во 2012 од Здружението на новинарите.

Во членот 1 се нагласува дека потребата да се известува во кус временски период не смее да ги загрози точноста, кредибилитетот и професионалноста на текстот/прилогот. Новинарот треба да обезбеди „втора страна“, што подразбира и систематска проверка на сите факти во еден текст/ прилог. Новинарите треба да им дадат можност на страните што се вклучени во еден настан, процес или појава, да ги искажат или да ги објаснат своите ставови, пред текстот/прилогот да биде објавен. Ова е особено важно во случаи кога новинарот изнесува сомневања или обвинувања, или кога некој е предмет на напад и критика. Освен тоа, не треба да ги извитоперуваат или да ги злоупотребуваат дадените изјави во врска со конкретниот настан за кој се известува.

Според членот 2, кога новинарот не добил од власта одговор на прашања за кои проценува дека се од јавен интерес, треба да ја извести јавноста.

Членот 4, пак, се однесува на цитирањето на изворите. Изворот на информацијата по правило треба да се идентификува, освен кога тоа може да влијае на неговата безбедност или безбедноста на трета страна.

Праксата во Северна Македонија покажува дека овде објавувањето на непроверени вести во медиумите е секојдневие.

Непроверените содржини не се произведуваат само за внатрешна потрошувачка, туку и за „меѓународен пазар“, како што е случајот со младите од Велес, кои влијаеа на претседателските избори во САД во 2016 година. Младите од овој град создадоа преку 100 веб страници со различни имиња, кои го фаворизираа поранешниот претседател Доналд Трамп и тоа го правеа за економски придобивки.

Одлуки на Комисијата за жалби поврзани со принципот за вистинитост и точност

Според статистиката на Советот за етика за 2023 година, за 132 примени жалби,  донесени се 107 одлуки или мислења. Од нив во 61 случај е констатирано дека е прекршен кодексот на новинарите, а во 41 случај е утврдено дека нема прекршувања на „правилата на игра“. За 20 жалби не е започната постапка бидејќи се дефинирани како неосновани за разгледување. 5 жалби се решени по пат на медијација или помирување меѓу страните.

Жалбите се поднесени од граѓани и разни правни субјекти. 53 поплаки се поднесни од граѓани, 9 од медиуми, 13 од новинари, 35 од организаци или здруженија од граѓанскиот сектор, 2 од носители на јавни функции, 1 од адвокат, 5 од приватни компании, 10 од политички партии, аза 4 жалби подносителот е наведен како „друго“.

Од 132 жалби, дури 110 се однесуваат на новинарски текстови или прилози во онлајн медиуми, 10 за веб страници на телевизијата, 6 за телевизии, 2 за весници, 1 (невалидна) за Фејсбук платформата и 3 (невалидни) за агрегаторот на вести Тиме. мк.

Преку 37% од детектираните прекршувања (или 31 одлука/мислење) се однесуваат на неточно или невистинито известување или прекршувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите. Во просек секој месец во текот на 2023 година се примани по 2.33 жалби, во кои е констатирано прекршување на членот 1.

Анализата на случаите што беа предмет на разгледување од Комисијата за жалби при СЕММ покажува дека во поголем број новинарски текстови се констатира дека „втората страна“ речиси ја нема во посочените од жалителите.Често е констатирано дека во текстовите недостасуваат најмалку два меѓусебно независни или неповрзани извори.

Ова е последица пред сè на длабоката поделеност на медиумите по политичко-партиска линија, што влијае пред јавноста да се продуцираат и пренесуваат два паралелни/спротивставени медиумски наративи, кои ја демонизираат страната, кон која имаат критички пристап. Неретко за непрофесионализмот во новинарството влијаат и економските, комерцијалните, но и личните интереси на сопствениците или на уредниците на медиумите.

Но, се смета дека доминантен фактор што резултира со непрофесионализам е непостоењето каква било регулација за медиумите во онлајн сферата. Ова, дел од новинарите и уредниците слободно го интерпретираат како „апсолутна слобода“, односно дека во онлајн медиумите (порталите) сè е дозволено. Но, во суштина, непостоењето регулација за онлајн медиумите не значи дека се дозволени прекршувања на професионалните и етичките норми во новинарството.

За едностраното известување влијае и затвореноста односно нетранспарентноста на институциите, но и на политичките партии. Иако новинарите што побарале одговор од „втората страна“, а не го добиле, често пати ја игнорираат обврската тоа да го истакнат во својот новинарски текст/прилог.

Некои новинари свесно објавуваат содржини базирани само на еден извор. Но еден од клучните фактори што резултираат со неточни, непроверени или еднострани информации во медиумите е и тоа што новинарите недоволно ги знаат професионалните стандарди на професијата. Дел од нив се без завршени студии или пак со завршени факултети, кои немаат допирни точки со новинарството, па својот „новинарски порив“ сметаат дека го задоволуваат со застапување само на една страна од приказната. Дел од репортерите се млади и неискусни во професијата, факт што го злоупотребуваат главните уредници/уредниците, наметнувајќи им да известуваат еднострано.

Препораки

Во еден извештај подготвен од Платформата за проверка на вести hibrid.info и Одделот за новинарство при Универзитетот во Приштина, се даваат неколку препораки за редакциите за вести:

  • Проверка на изворите на информации;
  • Балансирање на информациите во новинарските содржини;
  • Давање повеќе значење на точноста отколку на брзината за објавување на вести.

За што поквалитетен и поодговорен новинарски производ се препорачува анализа на контекстот на настаните пред објавувањето на сторијата, затоа што контекстот на материјалите споделени на интернет може да биде манипулативен.

Медиумскиот систем ќе има придобивки доколку во редакцциите се воведе позиција – посебен уредник за проверка на факти, како што имаат дел од европските и американските медиуми.

Според цитираниот текст, сепак финансиската состојба и кадровскиот капацитет не дозволуваат медиумите да ангажираат специјален уредник за проверка на факти, но тоа не значи дека новинарите/уредниците треба безрезервно да прифатат сè што ќе им се сервира.

„Добар новинар или уредник е оној, кој секогаш се сомнева во властите и информациите пласирани од нив. Тоа значи дека уредниците на вести, во кој медиум и да се, мора да отворат „четири очи“, за да не им се случи да бидат демантирани, со што се доведува во прашање кредибилитетот кај публиката.

Уредниците мора постојано да се консултираат со репортерите,   и доколку имаат дилеми за вистинитоста на фактите, да не брзаат со објавување на сторијата. Треба да ги мотивираат новинарите да истражат и други дополнителни извори за што поцелосна слика. Ова особено важи кога изворите се анонимни или неидентификувани“.

Медиумите не треба да дозволат продукција на вести врз основа на предвидувања, претпоставки или недоумици, произлезени од новинари или други лица за одредени настани или прашања.

(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации, и член на Комисијата за жалби при СЕММ)

 —

 

Овој текст е изработен од СЕММ во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ финансиран од УНЕСКО. Текстот не задолжително ги одразува ставовите на УНЕСКО.

Scroll to Top