Советот за етика во медиумите (СЕММ), во соработка со УНЕСКО, во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југо-источна Европа: поддршка за новинарството како јавно добро“, објавува повик за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“.
Доделувањето на наградите ќе биде во знакот на одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, годинава посветен на важноста на новинарството и слободата на изразување во контекст на актуелната глобална еколошка криза.
Во услови на загрозен одржлив развој, климатска криза и загадување, потиснувањето важни информации и ширењето дезинформации, особено онлајн преку социјалните мрежи, од политичари, „експерти“ или инфлуенсери, директно го загрозува јавното здравје, здравјето на природата и демократскиот развој на општеството.
Наградите за најдобри стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“, СЕММ со поддршка од УНЕСКО ги доделува за да ги поттикне новинарите да промовираат повисока свест за потребата од навремено, точно и етичко известување за човековата околина, за штетноста на дезинформациите во оваа сфера што води кон намалена поддршка, од јавноста и од политичарите, за ефикасна климатска акција.
Пристапот до веродостојни информации, независното и одговорно новинарство за еколошките предизвици се важни како никогаш до сега. Независните новинари, како и научниците, се клучните актери кои можат да му помогнат на општеството да ги раздвои фактите од лагите и манипулациите (од домашни или странски извори), со цел носење одлуки кои почиваат на точни информации.
- Повикот за апликации е отворен за сите професионални новинари и редакции во Северна Македонија, за стории објавени во регистриран медиум, традиционален или онлајн, во периодот од 1 мај 2023 година до 15 април 2024 година,
- Критериумите за наградите вклучуваат автентична и аналитична новинарска сторија од широк јавен интерес, што ги задоволува највисоките етички стандарди во новинарството.
- Пријавениот новинарски труд може да биде во различна форма или жанр (текст, ТВ-прилог, радио приказна, документарец, репортажа, интервју) објавен на македонски јазик или јазик на етничките заедници (со превод/титл на македонски јазик).
Најдобрите две стории ќе ги одбере жири составено од реноминирани медиумски претставници. Авторите ќе бидат наградени со поединечен паричен износ од 1200 и 800 USD.
Новинари поединци и редакции можат да пријават до три (3) стории.
Конкурсот е отворен до 15.04.2024 година.
Апликациите треба да се испратат по е-пошта на info@semm.mk со назнака „За новинарска награда“.
Пријавите треба да вклучат линк до новинарската содржина,но и прикачен документ од текстот/прилогот во пораката.
Повеќе информации за конкурсот може да се добијат на мејл адресата info@semm.mk.