Комисијата за Жалби на СЕММ размени искуства со своите колеги од БиХ

На седницата, колегите од Босна и Херцеговина разгледуваа 10 случаи на жалби упатени до нивното тело, предводено од претседателот на Комисијата, универзитетскиот професор, д-р Миодраг Живановиќ. Притоа, членовите на македонската Жалбена комисија беа во можност да се запознаат со процедурите и практиките на своите колеги од БиХ, начинот на решавање по претставките и составувањето на одлуките, односно образложенијата на одлуките.

Делегацијата на Комисијата од Македонија, на покана на своите колеги, активно учествуваше во работата и изнесуваше мислења за секој предмет, без право на глас, а дел од сугестиите беа прифатени и вградени во нивните одлуки. Ова претставуваше и еден вид заедничка проценка на начинот на работа и квалитетот на одлуките што ги носат двете тела.

Средбата, која се одржа во Неум во БиХ на 6 јуни, беше искористена и за размена на искуства за состојбата со медиумските слободи во двете земји, за најчестите видови прекршувања на кодексите, како и за ефектите од работата на саморегулациските тела од овој тип.

Советот за печат на БиХ е најстаро тело од ваков тип во регионот и се смета за едно од најефикасните во саморегулацијата, а неговите одлуки се објавуваат речиси од сите членки – основачи на Советот, додека нивните ставови и мислења се вградуваат и во евентуални судски пресуди за навреда и клевета.

2

3

4

Scroll to Top