Медиумите се должни, особено кога се работи за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи, да го почитуваат Член 1 од Кодексот на новинари: “Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.”
Во однос на експлицитните фотографии и видеа од несреќата потсетуваме на Член 8 и Член 7 од Кодексот: “Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.” “Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.”
СЕММ упатува повик до граѓаните да пријават во нашата канцеларија какво било прекршување на новинарските стандарди што ќе го забележат во традиционалните или онлајн медиумите преку електронската пријава на следниот веб линк: https://complaints.semm.mk/?page_id=33.
Истовремено бараме од институциите транспарентно, навремено и прецизно информирање на јавноста со цел намалување на ризикот од ширење на шпекулации во овие тешки моменти.