Целта на отворената седница е јавноста и медиумите одблиску да се запознаат со работата на Комисијата за жалби при Советот на етика, која од своето формирање пред три и пол години има донесено 250 одлуки. Ваквиот тип на отворени седници ќе биде императив на Советот за етика и во понатамошното дејствување и промовирањето на саморегулацијата во државата.
Според извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева важно е да зборуваме за етиката во професијата, но и за правата на новинарите за слободно изразување и безбедна работа. Според Тунева, ако гласот на медиумите е замолкнат тогаш сите сме лишени од правото да ги чуеме.
Професорот Хуб Еверс (Hubb Evers) и член на холандскиот Совет за етика ги лоцираше најчестите грешки кај холандските новинари. Според праксата на тамошниот Совет, најчесто забележани проблеми во известувањето на новинарите се објавувањето неточни и тенденциозни информации, вести кои ја повредуваат приватноста, не се бара „втора страна“ и не се заштитува изворот на информацијата. Притоа, воопшто не го спомена говорот на омраза, кој колку за споредба, зазема сериозни размери по бројот на случаи што ги нотира македонскиот Совет за етика. Еверс зборуваше и за потребата од новинарски омбудсмани, кои во моментов, се ангажирани во пет холандски медиуми.
Професорот Жан – Жак Жесперс (Jean – Jasques Jespers), претседавач на Советот за Етика во Белгија, нагласи дека маркетинг индустријата континуирано се обидува комерцијалните содржини да ги направи да изгледаат како новинарски извештаи.
Статистиката во Белгија покажала дека 71 процент од корисниците на интернет не ја забележуваат разликата меѓу онлајн уредувачката содржина и рекламирањето. Жесперс го нотира таканаречениот „измамнички пропуст“, според кој медиумите ја сигнализираат комерцијалната содржина, но начинот на кој се сигнализира не се конкретизира, односно намерно се користат нејасни терминологии.
Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, истакна дека расте бројот на медиуми поддржувачи на Советот за етика, кој станува се’ повидлив во јавноста. Според податоците, 75% проценти од вкупниот број примени жалби се однесувале на Интернет порталите.
Директорот на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, смета дека законите најчесто ја загрозуваат слободата на изразувањето и лесно можат да доведат до самоцензура. Тој истакна дека регулацијата не може да ги направи медиумите повеќе етични и попрофесионални. Секуловски ја истакна значајната улога на Советот за етика во насока на намалувањето на тужбите за клевета и навреда.