Дебата на СЕММ „Како кризата со коронавирусот го погоди новинарството и саморегулацијата?“

Претставувајќи го проектот поддржан од Канадскиот фонд за локални иницијативи преку Амбасадата на Канада, во рамки на кој се одржува дебатата, извршната директорка на СЕММ Марина Тунева истакна дека „Репортери без граници“ во Светскиот индекс за слобода на медиумите од годинава укажува дека претстојната декада ќе биде одлучувачка за иднината на новинарството, при што пандемијата на КОВИД-19 ќе ги потенцира и засилува многуте кризи што го загрозуваат правото на слободно известување и пласирањето независни, разнолични и кредибилни информации. Според Репортери без граници, постои јасна колерација меѓу потиснувањето на слободата на медиумите како одговор на пандемијата на коронавирусот и рангирањето на една земја во Светскиот индекс за слобода на медиумите.

Тунева, накратко, ги претстави некои од најчесто пријавуваните проблеми од соседните држави кога станува збор за влијанието на кризата врз медиумското известување. Дел од тие проблеми се следниве:

  • Приоритет им се дава на аналитичари и креатори на јавно мислење, кои не се експерти од јавното здравство или лекари, а кои вообичаено застапуваат одреден агол во аргументацијата во зависност од определени политички интереси. Со тоа новинарите и експертите кои ги преиспитуваат или критикуваат мерките од власта се изложени на обвинувања за ширење паника.
  • Се одржуваат секојдневни прес-конференции, но сепак не се одговара на прашањата на новинарите. Институциите не одговараат навремено на барањата, оправдувајќи го тоа со вонредната ситуација. Се организираат дневни онлајн прес-конференции, но третманот кон новинарите е нееднаков и остануваат многу неодговорени прашања.
  • Сториите за големи случаи на корупција откриени од страна на новинарите од истражувачките редакции не стигнуваат до ‘мејнстрим’ медиумите, освен кога истите тие медиуми се вклучуваат во одбрана на надлежните органи, што резултира со обвинување на новинарите.

Извршната директорка на СЕММ потсети на укажувањето на комесарот на ОН за човекови права Мишел Башале дека некои држави ја искористиле кризата како изговор за ограничување на информациите и за пригушување на критиките, вклучувајќи и апсење и заплашување на новинарите. Според Башале, изјавите на некои политички лидери биле насочени против новинарите, што е неприфатливо, бидејќи слободните медиуми се секогаш неопходни, но сега повеќе од кога и да е.

Во однос на предизвиците за Советот за етика во медиумите на Македонија и за најчестите реакции за медиумското известување, излагање имаше претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски.

adamcevski

СЕММ, уште при појавата на првиот случај на коронавирус во земјава, на 27 февруари излезе со соопштение со кое побара „внимателно и одговорно известување околу коронавирусот“. Медиумите беа повикани да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника кај јавноста. Беше потенцирано дека „информирањето во вакви случаи, според Кодексот на новинарите (член 8), мора да биде ослободено од сензационализми. Медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните“. Со други зборови, како што истакна Адамчевски, да се однесуваат одговорно кон новонастанатата ситуација. Од медиумите беше побарано внимателно да им пристапуваат на информациите со коишто се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата. Адамчевски нагласи дека, и покрај укажувањата на Советот за етика во медиумите, растот на бројот на жалбите во првите месеци од кризата било повод, во средината на април, да се реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот. Во тој период дури 70 проценти од жалбите се однесуваа на известувања за коронавирусот, информира Адамчевски.

Прекршувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 46% од пријавените случаи или 16 текстови за кои е поднесена жалба, додека прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 11 текстови или во 31% од пријавените случаи. Според Адамчевски, граѓаните реагираат и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во 13 од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (37%). Во 16% од случаите станува збор за прекршување на членот 12 од Кодексот на новинарите, според кој плагијаторството, најчесто копи-пејст е неприфатливо, а цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот. Позитивна практика е што се зголемува бројот на случаи решени низ медијација, токму за жалби околу коронавирусот. Инаку, најголеми нарушители на етиката се онлајн медиумите. Искажаните податоци говорат дека, прво, новинарите објавуваат неточни информации или дека известуваат еднострано, па дека кокетирале со политичарите, дека се сензационалисти и плагијатори, односно копи-пејст новинари. Ова, рече Адамчевски, беа само неколку примери кои кажуваат дека во Македонија МЕДИУМИТЕ ИМААТ СЛОБОДА ДА СОЗДАВААТ МЕДИУМСКИ ПРОИЗВОДИ ДУРИ И ВО ВОНРЕДНИ СОСТОЈБИ. Тоа го потврдува и големата бројка текстови за кои се поднесени жалби. Но, притоа не треба да се заборави дека слободата значи и одговорност. Истата бројка потврдува дека слободни медиуми не значи и професионални и етички медиуми.

Адамчевски посочи на искуството на Европскиот парламент кој направил заедничка страница со други институции на која се наоѓаат сите детали за борбата на ЕУ со вирусот, меѓу кои и „демонтирање“ на разни митови кои најчесто се појавуваат во јавноста и посебно на социјалните мрежи. Можеби и ние како медиумски организации, укажа Адамчевски, би можеле да направиме таква страница, и покрај тоа што СЕММ одлуките на Комисијата ги објавува на својот сајт на ФБ и ги праќа до своето членство. „Една координирана акција би придонела повеќе за професионалноста. Исто така, треба и во иднина да се инсистира на отвореност на официјалните извори. Само на тој начин ќе се намали бројот на шпекулативните текстови и извештаи“, рече Адамчевски. Тој заврши со препораката уште повеќе да се поддржи саморегулацијата, зашто е единствениот сигурен начин медиумите да ги подобрат своите практики на известување, притоа заштитувајќи ја слободата на изразување и известување, без да се соочат со други механизми на контрола или „судење“ за нивната работа.

За механизмите за заштита и помош на редакциите во услови на криза зборуваше извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски.

dragan sekulovskiScreen Shot 2020 08 27 at 11.28.05Тој истакна дека на почетокот на кризата, редакциите не биле подготвени да работат во услови на криза предизвикана од пандемија (недостаток на протоколи и претходна пракса). На 18 март, со прогласувањето на вонредната состојба во земјата и започнувањето на ограничувањето на движење, дел од редакциите имаа потешкотии во вршење на своите редовни обврски, а со цел објективно информирање на граѓаните.

Според Секуловски, предизвиците за медиумите во услови на криза биле следниве:

  • Одржување физичка дистанца (посебно за големите медиуми
  • Недостиг на заштитна опрема и претходна пракс
  • Економски притисок
  • Ризик од рестриктивни мерки и останати прописи од страна на Владата.

За самите новинари, како што посочи тој, проблем била: личната безбедност и безбедноста на најблиските, нарушувањето на работничките права, емоционалниот стрес и намалениот пристап на информации од јавни институции.

Механизмите на заштита Секуловски ги групираше на:

  • Внатрешни – механизми кои менаџментот на медиумот ги спроведува со цел заштита на новинарите и медиумските работници од аспект на здравствен ризик и економска – социјална помош
  • Надворешни – механизми кои ги презема Владата и останатите ресорни институции но и граѓанските организации, меѓународната заедница, граѓаните како и корпоративниот сектор за помош на медиумите и новинарите.

Тој ги наброја примерите на внатрешни механизми: протоколи за безбедна работа редакциите, но и од терен за сите вработени (медицински средства, смени во работа, поделба во групи, работа од дома, гостување на надворешни лица, посебни мерки кон вработени со хронични болести и сл.)  Освен ова, почитување на Законот за работни односи, интервентните мерки за економска помош и колективните договори за работа во медиумите – синдикална помош.

Во однос на надворешните механизми на заштита, Секуловски ги наведе:

  • Владата преку мерките кои економски ќе ги помогне дел од медиумите во услови кога и така кревкиот медиумски пазар е нарушен
  • Одговорност од чинителите кои организираат настани за медиумите и новинарите (следење на протоколи)
  • Граѓански организации и меѓународна заедница преку едукација и помош во опрема, средства и финансии

Драган Секуловски информира дека во втората половина на март СЕММ и ЗНМ, во интерес на подобро информирана јавност и побезбедни новинари и медиумски работници при извршување на нивните секојдневни професионални обврски, подготвија публикација со наслов: „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот“. Автори се Марина Тунева извршната директорка на СЕММ и Огнен Јанески, новинар и алумни истражувач при Одделот за јавни информации на ООН. Публикацијата претставува еден вид прирачник за етичко, професионално и одговорно известување за коронавирусот во услови на светска пандемија. Во неа се говори и за стандардните мерки за претпазливост, а се обезбедуваат и препораки за известување на новинарите и медиумските работници од терен, како и насоки за редакциско работење и гостувања во емисии на надворешни лица.

За новинарската професија во услови на криза зборуваше Фиљана Кока, новинар во Македонската радио телевизија.

filjana koka
Fullscreen capture 27.8.2020 115749Таа истакна четири нивоа на влијание на кризата врз професијата:

  • Техничко (отежнато функционирање на терен
  • Есенцијално (врз новинарските содржини)
  • Психофизичка кондиција на новинарите
  • Економската состојба.

Како што истакна Кока, пандемијата ги принудила медиумите да се свртат на новите технологии и начини на известување. Оваа ситуација, според неа, колку што била позитивна, толку била и негативна, бидејќи довела до тоа новинарите да имаат ограничување во пристапот до одредени информации. Што се однесува до изворите на информации или соговорниците, рече Кока, тие од институциите не биле достапни како порано, но затоа пак останатите, експерти, аналитичари, станале подостапни со помош на овие технологии. Фиљана Кока го нагласи и недостигот на истражувачко новинарство. Некои од медиумите пренесувале информации онака како што биле пласирани, некои се обидувале да дојдат до одговорите кога ќе се појави некоја вест, проверувајчи и барајќи најмалку уште една страна од приказната, што според Кока, бил единствениот нормален начин за борба против дезинформациите. Како посебен предизвик во однос на пандемијата, Кока го нагласи одржувањето на предвремените парламентарни избори во државата.

Во техничка смисла, според Кока, голема енергија се трошела во самите медиуми околу начинот на организирање на работата во самите студија, редакции и на терен. „Освен што самите требаше да се заштитиме од заразата, треба и преку личен пример да ѝ се покаже на јавноста дека носењето маска е, засега, најдобрата заштита. Но, најтешко ми беше кога тоа требаше да им го кажам на колегите. Голем дел од нив веќе потпаднаа под влијание на лажните вести за 5г мрежата, за чипирањата, за тоа дека ова е исто како и друг вид на грип, со нив беше уште потешко. Да допрете до колегата кој веќе се убедил во лагите, а истиот тој треба да ја едуцира јавноста, да ја пренесе вистината“, рече Кока. Поради потребата од заштита од евентуално инфициран колега, објасни таа, редакциите биле поделени во две групи. „Се изгуби толку битното чувство за тимска работа, што е основа на новинарството. Видеата пристигнуваа на мејл, се вклучувавме од канцеларија. И тука недостигаше интеракција со соговорникот, министрите, функционерите стааа покомотни во изјавите и на прес-конференциите, бидејќи отсуствуваше живата интеракција, која е многу поефикасна за да се открие вистината“.  Иако постоела можност да се поставуваат прашања, сепак, како што нагласи Кока, постоеја суптилни ограничувања поради траењето на конференциите и техничките можности на новинарите за посетеност на онлајн конференциите или дадените изјави. „Сето ова го претвори новинарството од динамична во трома професија, што им одеше во прилог на оние кои сакаат да останат далеку од будното око на јавноста“, нагласува Кока.

Од друга страна, според објаснувањата на новинарката на МТВ, пандемијата направила секоја битна тема да е небитна и неатрактивна во споредба со темата за коронавирусот. „Едноставно, тоа стана светска тема за најбитното – човековото здравје и живот. Сè беше фокусирано на технички информации поврзани со вирусот и технички информации и за други области и прашања. Сè помалку имаше истражувачки стории. Беше тешко да се следи корупцијата, која во вакви кризи особено знае да процвета“, нагласи Кока. Можноста за длабинска анализа била ограничена, за сметка на тоа да не се шири паника. „Се појавија и обиди критичките стории да се препишуваат на лажни вести. Како да се отвори Пандорината кутија, на пример, да се допре темата за јавни набавки, тендери во четири очи, на пример за респираторите. Ќе почне ли ловот на вештерки доколку поставам прашање кое ќе излезе од рамките на пропишаните извештаи и соопштенија? Ќе доживеам ли јавна осуда, каде најде сега овој да праша за ова, па луѓе умираат, гледај овој што го интересира сега?!? Се случи, на некој начин, колапс на новинарството“, истакна Фиљана Кока.

Секое излегување на терен, нагласува Кока, е можност за зараза. „Паниката е можеби намалена, но стравот е зголемен. Работиме за јавно добро, во интерес на јавноста, мораме да останеме доследни во обезбедувањето точни и навремени информации. Каде ако не на терен? Се враќаме дома кај семејствата и не смееме да покажеме колку ни е страшна довчерашната рутина. Огромно е влијанието врз нашето здравје, а тоа се одразува и на посветеноста на професијата. Освен тоа, секојдневно се стравуваше и се стравува за работните места, за егзистенцијата“, вели таа. На многу новинари им беа загрозени работните места, а власта им даде поддршка на медиумите, но имаше и такви кои останаа без своите работни места. „Новинарството и овојпат се покажа како многу стресна професија и професија од која сите очекуваат да се реализира на најдобриот начин. А, истовремено, не ѝ се пружа потребната поддршка од јавноста и институциите“, заклучи Кока.

Дневен ред 27.08.2020

 

Fullscreen capture 27.8.2020 124045                 thumbnail Screen Shot 2020 08 27 at 11.06.17

Scroll to Top