Саморегулација без влијание на државата – 21.11.2017

Ефикасното функционирање на саморегулацијата во медиумите исклучува каков било облик на сместување на професионалните новинарски стандарди во законската рамка и воведување санкции кон медиумите за нивното непочитување. Кога станува збор за етичкото и професионално известување ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите. Во таа насока, СЕММ се спротивставува на Предлог -измените на членот 61 во Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој се однесува на начелата и стандардите во работата на радиодифузерите, како и на измените во член 145 со кои се предлага изрекување казни доколку професионалните стандарди не се почитуваат.

Во околности во кои саморегулацијата во медиумите во државата постепено започна да се прифаќа и се’ повеќе да се поддржува работата на Советот за етика во медиумите, поставувањето какви било препреки од страна на Владата на тој пат и маргинализирањето на работата на Советот ќе резултира со намалување на одговорноста кај самите медиуми и поддршка на праксата на цензура и самоцензура.

Поздравувајќи ги неодамна искажаните заложби на Владата за силно охрабрување на системот на медиумска саморегулација, истовремено потсетуваме дека на саморегулацијата не треба да и’ се дава второстепено значење, туку да биде еден од приоритетите во постигнувањето промени и реформи во работата на медиумите.

Scroll to Top