Етничко и политичко известување за ковид 19!

Медиумско известување околу ковид за политички поени!

Секако дека како што вирусот штети на здравјето, така ваквите медиумски девијации суштински го оштетуваат новинарството, она изворното, вистинското, која се базира на професионални стандарди и етички норми, пропишани во Кодексот на новинарите на Република Северна Македонија. Јавноста веќе подолго време се соочува со тенденцијата за манипулирање преку новинарството, а манипулаторите честопати се повикуваат на слободата на изразувањето. Но, таа не подразбира право на неодговорен и несовесен новинарски пристап.

Дел од новинарите и медиумите наместо да се однесуваат критички кога забележуваат дека политичарите (од власта или опозицијата) се обидуваат да ја инструментализираат ситуацијата, самите се ставиле во функција на политичко/ партиските наративи околу коронавирусот. 

Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираше на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот. Од моментот на прогласување на вонредната состојба околу ковид 19 до август, 70% од жалбите поднесени до Советот се однесувале на медиумско известување поврзано со коронавирусот. Јавноста реагираше и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинарите (37%).  Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи за политичко поентирање од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција.

Такви се предметите: кабинет на поранешениот министер за надворешни работи против онлајн медиумите: Денешен.мк, Курир. мк и Република.мк. Комисијата за жалби при СЕММ, при што се констатира дека овие портали, во текстовите објавени на 24 март 2020, го прекршиле член 14.

Во порталите „Денешен“ и „Република“ се констатира дека „МНР и МО на Димитров и Шеќеринска за четири дена среде криза потрошиле 2,5 милиони денари за патување во странство“, a во „Курир“ се тврди дека „Министерството за надворешни работи на Димитров потрошило 1.457.517 денари за службени патувања во период на вонредна состојба“.

Комисијата во оспорените текстови препозна елементи со политичка заднина, кои се косат со начелата од членот 14 од Кодексот на новинарите. Ваквото прекршување е забележително во следните неколку реченици „Според листата, институциите потрошиле 50.053 евра во период кога лидерот на партијата на власт, Зоран Заев предлага кратење на платите на администрацијата поради кризата во која се наоѓа земјата со корона вирусот. Повторно на врвот е Министерството предводено од Димитров – 1.100.058 денари, а потоа Одбрана на Шекеринска со 361.183 денари. За ова вечерва во своето гостување во МТВ зборуваше и лидерот на опозиционата ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски“.

Во Кодексот јасно се истакнува дека известувањето од политичките процеси треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Етнички (парцијални) наративи околу глобалната пандемија!

Во дел од медиумите, неочекувано и изненадувачки, е забележан новинарски пристап во известувањето и интерпретирањето на ситуацијата создадена од ковид 19 во кое се манифестира намерна и лесно препознатлива тенденција кон скриен етноцентризам. Ваквиот медиумски дискурс води кон дискриминација кон колективниот ‘Друг’ во земјата.

Во прилогот на една комерцијална национална телевизија со наслов „Чаир ново потенцијално жариште на ковид-19“, објавен на 31 мај, 2020 година, се истакнува фактот дека во оваа општина раздвижено е како да нема пандемија на опасниот ковид 19. Телевизијата не ја дава сликата од другите скопски општини, за да се види споредбено дали се почитуваат мерките и препораките против ковид 19. „На двете страни од новиот заштитен ѕид полицајци и полициски возила. Но, новина е само графитот на ѕидот кој ја дели главната улица во Чаир. Останатата слика пресликана од изминативе денови, групирани граѓани, луѓе кои не носат маска. Сепак, имаше и такви кои ги почитуваат мерките, па стоеја на два метра, излегле од своите домови со маски и марами врз устата и носот“, известуваше телевизијата. Додека, пак, еден национален дневен весник го пренесува текстот од прилогот на една двојазична национална кабелска телевизија со едностран, тенденциозен, а во одредена мера и стереотипизирачки наслов со големи букви „Еве зошто во Чаир има најмногу заболени, ГРАЃАНИТЕ НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА ИМА КОРОНА“. Во објавениот текст се известува дека „Екипата на телевизијата ги запраша граѓаните на општина Чаир и изненадувачки беше фактот дека некои од нив не веруваат дека постои коронавирусот, додека, пак други веруваат во тоа и апелираат до другите да ги почитуваат мерките и да се пазат“.

Додека на ваков начин известуваа дел од медиумите на македонски јазик за присуството на вирусот во скопската општина Чаир, во која мнозинството граѓани се Албанци, четири месеци потоа, медиуми на албански јазик го враќаат „ударот“! Во период кога две скопски општини, во кои доминантно мнозинство се Македонците, во медиумите на албански јазик владее наративот кој го пренагласува фактот дека овие општини имаат најголем број инфицирани од ковид 19.

Една национална комерцијална телевизија, на 6 октoмври 2020 година, известува преку прилогот со наслов „Општина Аеродром „жариште“ на вирусот корона“, а следниот ден, на 7 октомври, известува со наслов „Центар и Аеродром со повеќе активни случаи со ковид 19 во Скопје“.

Во прилогот со наслов „Општина Аеродром „жариште“ на вирусот корона“ новинарот, преку стенд- ап, речиси слично во наративна смисла известува како што известуваше националната телевизија на македонски јазик за Чаир. „Со денови, општина Аеродром е главното жариште на проширување на ковид 19 и општина која секој ден има нови случаи. Меѓутоа, граѓаните се движат слободно и има многу од тие кои не ги почитуваат заштитните мерки, како што е носењето на маската. Исто така, се забележува дека на нормален начин работат и локалите“.Во вториот прилог се набројуваат општините во Скопје, додека Чаир воопшто не се споменува. Во дел од порталите на македонски јазик не се заборава да се истакне дека Чаир имаше најголем број заболени, што е факт, но кога се истакнува одвоено од другите ошштини се создава впечаток на (не) намерна (етничка) стреотипизација. „Сите други општини имаат значително помалку активни случаи, а Чаир која беше општина со најмногу случаи сега има 55“, известуваше еден портал на македонски јазик.

Но, за разлика од овие примери, Весна Никодиноска, раководител на проекти во Македонскиот институт за медиуми, на дебатата со тема: „Говорот на омраза и дискриминаторните практики во медиумското известување – до каде сме?“ истакна неколку примери околу известувањето за Ромите, кои, според податоците што ги претстави, важат за особено ризична група, што се потврди и во време на пандемијата и тоа во сите држави во Европа каде што тие живеат. Никодиноска смета дека стереотипизацијата и стигматизацијата и во нормални услови е присутна кон нив. „Дека улогата на медиумите е клучна да се слушнат проблемите на оние кои се безгласни покажаа некои редакции кои одвоија простор за квалитетни прилози преку кои публиката можеше да дознае, на пример, дека:

  • само 14% од жените Ромки кои биле опфатени со истражувањето биле запознаени со информациите каде да се обратат доколку имаат симптоми и каква е постапката за натамошно лекување
  • во мај 2020 немаше пункт за тестирање за ковид-19 во Шуто Оризари
  • или, на пример, дека од 200 патници, само 10 музичари-Роми беа испратени во карантин во касарната Пепелиште на Криволак, на почетокот на пандемијата во март 2020“, посочи Никодиновска во својата презентација на дебатата.

Сепак, според неа, многу прашања останаа и непознати: Колку ромски деца можеа да следат онлајн настава? Колку од нив имаат компјутер дома? Колку ромски домаќинства имаат пристап до чиста вода за пиење или за одржување хигиена, особено во услови на криза? Или како Ромите заработуваа за живот во време на карантинот?

Начинот на известување на дел од медиумите, како што посочивме преку примери, докажува дека, за жал, дури и кога се соочуваме со глобална здравстсвена опасност, која не ги селектира луѓето по ниедна основа, медиумите во земјата се делат по етничка линија, како и за многу други настани и појави.

Како заклучок може да речеме дека во медиумското известување за и околу ковид 19, наместо да преовладуваат хуманите вредности и солидарноста, се забележува негативна стереотипизација, која води кон етноцентризам и стигматизација, односно кон етничка дискриминација.

Scroll to Top