Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници. Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери.
Токму затоа, од службата за односи со јавноста и воопшто од претставниците на власта се очекува да покажат максимално разбирање за потребите на медиумските работници и да ги обезбедат неопходните услови за непречено остварување на нивните права и интереси. Какво било попречување и вознемирување во нивната работа ќе влијае и врз начинот на кој ќе работат и известуваат.
Државата и нејзините институции мора да имаат предвид дека е потребно континуирано да имаат афирмативна улога во поттикнувањето на слободата на медиумите, слободата на информирањето и слободата на изразување. Секаде каде што овие слободи се под ризик, ќе биде под ризик и улогата на медиумите во демократските процеси и владеењето на правото.