СЕММ реагира на интервјуто на Латас со Заев – 11.02.2016

Служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија. Неспоиво со оваа професија е непримерната комуникација со соговорникот, а преку тоа и со јавноста, како и поттикнувањето стереотипи по која било основа, а грешките од ваков тип може да имаат трајни последици врз работењето на медиумот и перцепциите на јавноста.

Фундаментална цел во работењето на медиумот е да и’ служи на јавноста и да покренува прашања од јавен интерес низ факти, гледишта и коментари, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти. Служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда, може да создадат конфузија и до неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи. Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да го искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања.

Повикуваме на соработка од уредништвото на оваа телевизија, кое има крајна одговорност за тоа што се објавува и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, со цел да се стекне и одржува доверба на јавноста во информирањето. Апелираме до медиумот да биде свесен за својата професионална одговорност кон публиката и да им даде предност на вистинитоста и на потврдувањето на информациите од повеќе извори наспроти едностраното информирање.

Во исто време, ги повикуваме граѓаните и пошироката јавност да реагираат до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите доколку забележуваат примери на неетичко и непрофесионално однесување во медиумското известување.

Советот за етика во медиумите на Македонија – СЕММ, утре (12 февруари), во 12:00 часот, во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје ќе организира настан на кој ќе се потпишува Повелбата за етичко известување за изборите. Потпис на Повелбата ќе стават медиумите кои ја прифатиле нејзината содржина и кои преку тоа се залагаат за афирмирање на етиката и професионалноста во известувањето. На настанот, покрај претставници на медиумите, ќе присуствуваат и претставници на меѓународната заедница во државата.

Scroll to Top