„Предизвици за советите за етика во медиумите во Балканскиот регион“

Работата на саморегулаторните тела во Балканскиот регион е проследена со мноштво предизвици од кои зависи и нивната успешност во вкупното работење. Како што се развиваат технологиите така се зголемува бројот на предизвиците. Ако некогаш се зборувало само за печатени медиуми, денес се’ поголем број саморагеулаторни тела под свој „чадор“ ги ставаат сите видови медиуми. А секој од нив си има свои специфики. И советите за етика мораат да водат сметка за нив. Но не се предизвик само медиумите. Властите во речиси сите држави на Балканскиот простор се’ повеќе се настроени да ги „затегнуваат штрафовите“ – да воведуваат регулација и онаму каде што не е потребно- на пример, онлајн просторот.

Дводневната конференција во Скопје беше можност учесниците на неа да се произнесат за состојбите со саморегулацијата во нивните средини. Тие дискутираа за важноста за справување со говорот на омраза во медиумите, за прашањата и предизвиците на етиката во дигиталниот свет, за дискриминацијата преку медиумите и улогата на советите за етика. Се обидоа да одговорат на прашањето за тоа дали се користат сите капацитети на Интернет за обезбедување на медиумска одговороност, од аспект на етика во нив и во јавноста. Исто така, расправаа и за активности и кампањи за вклучување на различни актери во работата на советите за етика, за идеите и предизвиците пред советите во поглед на нивната одговорност и транспарентност и за иновативните начини за вклучување на граѓаните во работата на советите за етика.

Добредојде на учесниците им посакаа Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите, Резарта Шуц, раководител на Одделението за владеење на правото, Мисија на ОБСЕ во Скопје и Валтер Пломп, амбасадор на кралството Холандија во Скопје. Изразувајќи задоволство од настанот, Тунева, нагласи дека работилницата ќе успее да одговори на бројни прашања за потешкотиите, но и за позитивните страни и можности во процесот на подигнување на професионалните стандарди. Исто така, изрази увереност и сигурност дека уште повеќе ќе се зајакне соработката и координацијата меѓу сите саморегулаторни тела во регионот.

За Резарта Шуц, саморегулацијата станува клучна, преку поставување стандарди до коишто новинарите треба да се придржуваат за зачувување на професијата. Во исто време, според неа, акциите и заклучоците од комисиите за жалби даваат интерен механизам за подобрување на состојбите. „Поради сите овие причини, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со претставници од секторот за слобода на медиумите, со задоволство го поддржа Советот за етика во медиумите уште од неговото основање во 2013 година и бевме исклучително среќни да гледаме како станува ефективно и функционално тело и успеа да воспостави врски со колегите од регионот“, нагласи претставничката на ОБСЕ.

 

За амбасадорот Пломп, саморегулацијата многу често е поефективна од регулацијата, бидејќи медиумите ја разбираат средината во којашто дејствуваат подобро отколку Владата. „Токму затоа и ние дадовме поддршка во формирање на првото саморегулативно тело во Македонија. Советот успеа да реши бројни проблеми и воедно задржувајќи ја неговата независност“, рече Пломп. Според него, потпишувањето на Повелбата за етичко известување од страна на медиумите во предизборната кампања беше еден од настаните коишто се вредни за поздравување. Пломп вели дека медиумите се трансформирани во бојно поле на политичките препукувања, каде што оние со најдлабоките џебови ја прават најголемата врева. Ваквиот тек на настаните, според него, покажува колку е важно да имаме независни и слободни медиуми, како и саморегулаторни тела. Саморегулаторните тела мора да се многу гласни за стандардите за профеисонално работење: точност, објективност, непристрасност и фер однос. Само на тој начин тие може да ја имаат улогата во зачувување на стандардите за професионално известување и да ги донесат медиумите до наредно ниво на развој.

Воведната сесија на работилницата се однесуваше на важноста од справување со говорот на омраза во медиумите, на која зборуваа Драган Антоновски од Управниот одбор и Сефер Тахири од Комисија за жалби на Совет за етика во медиумите. Сесијата за Етиката во дигиталниот свет – прашања и предизвици ја отвори проф. Енес Османчевиќ од Советот за печат на Босна и Херцеговина.

Воведен излагач на вториот ден од работата на работилницата беше проф. Дејан Донев, кој зборуваше за Дискриминација преку медиумите и улогата на советите за етика. Бисера Занкова од Советот за печат на Бугарија пред присутните се обрати со темата: Етиката во медиумите и јавноста: дали се користат сите капацитети на Интернет за обезбедување медиумска одговорност? Мајда Бахто Кестенџиќ од босанскиот Совет за печат, Мирче Адамчевски и Мери Јордановска зборуваа за Активности и кампањи за вклучување различни актери во работата на советите за етика, за Одговорност и транспарентност на советите за етика – идеи и предизвици и за Иновативни начини за вклучување на граѓаните во работата на советите за етика.

Во дискусиите по темите учесниците дадоа свој придонес и видувања поаѓајќи од искуствата во нивните земји. Тие, исто така, заклучија дека е неопходно и натаму да се продолжи со размената на искуствата, со цел да се одговори на предизвиците со наоѓање на решенија за нив.

Во рамките на работилницата беше промовирана и публикацијата „Прирачник за основните професионални стандарди во новинарската професија” подготвен од професорот Дејан Донев. Според него, „Идејата за овој прирачник беше да создадеме нешто што ќе биде кратко, односно да претставува краток придружник во медиумското работење и, токму затоа, се определивме само да ги претставиме базичните, основните четири морални начела на новинарското работење, а сепак во доволна мера тоа да биде практично и умешно прикажано. Овој Прирачник да биде спој помеѓу теоретскиот фундус и практичните примери на професијата, но и убавото не толку многу во естетска смисла колку што во етичка“.

   
         
   
Scroll to Top