Наместо да биде заведувано од изворите на информации, вознемирувано од носителите на моќта или компромитирано од личните интереси, повикуваме новинарството да и’ служи на јавноста низ чесно, коректно и одговорно информирање. Служењето на јавноста не подразбира пласирање полувистини, свесно пропуштање на важни теми и прашања и изнесување лажни тврдења заради морална тортура врз поединци, групи или институции. Едностраното информирање и погрешните информации треба да бидат отстранети, а грешките поправени.
Во Советот за етика во медиумите веќе се добиени педесетина реакции и жалби за прекршување на Повелбата и Кодексот на новинарите во медиумите, а меѓу нив се и медиуми – потписници на Повелбата.
Новинарите и уредниците ги потсетуваме да ги почитуваат и применуваат принципите за професионално известување што се содржани во Повелбата за етичко известување, која ја потпишаа најголем дел од медиумите во државата. Во исто време, сооопштуваме дека процесот на прифаќање и потпишување на Повелбата се’ уште е отворен и ги покануваме и оние медиуми кои досега не се приклучија на оваа иницијатива да го направат тоа во име на потребата од заедничко ангажирање околу создавањето независно новинарство во државата.