Македонската делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, денеска е во Рим, во работна посета, во рамки на одбележувањето на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Во рамки на посетата присутни се новинари и медиумски работници на неколку медиуми за да известуваат за настанот.
За изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети.
Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми.
Немањето на транспарентни и јасни критериуми како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба.
Користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поедини медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните.
Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации и на можности истите да ги добијат за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи.
Оваа практика на Владата, неодамна ја спроведе и Собранието фаворизирајќи медиум при официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи.
ЗНМ и СЕММ за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.