Особено сме загрижени што дел од медиумите, неколку денови наназад, со своето известување не само што не го осудија говорот на омраза од група граѓани кои извикуваа слогани повикувајќи на насилство, смрт и нетрпеливост на етничка основа, туку и активно учествуваа во потпалување и разгорување на страстите кај јавноста. Ги повикуваме новинарите и воопшто медиумите при известувањето за ваков тип кривични дела тоа да го прават одговорно и во согласност со Кодексот на новинарите. Имајќи го предвид фундаменталното право на слобода на медумите, ги потсетуваме новинарите и уредниците дека медиумските извештаи мора да ја содржат вистината и да не иницираат полемики и дискусии со кои ќе се разгорат тензиите и ќе се влошат односите меѓу граѓаните.
Медиумите мора да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и треба да ја применат и својата улога како смирувачи на тензиите во општеството, а особено во случаи кога се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата. Тие треба да ги објаснат фактите, учесниците во случувањата, различните позиции и прашања, како и внимателно и аналитички да ги истражат настаните.
Во битката за стекнување поголема публика не смее да настрада професионалното новинарство и улогата на медиумите како активен и објективен набљудувач на случувањата.
Во исто време, го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза, а потоа Основното јавно обвинителство да покрене и случај преку кој тие ќе ги бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон. Овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза.
Очекуваме кон јавната осуда на ваквите случувања да се приклучат и високите претставници на Владата на СРМ, политичките партии, како и верските заедници. Со овој гест тие ќе ги мотивираат институциите да бидат активни во превенција и санкција на говорот и делата од омраза, а и самите ќе покажат пред јавноста дека не е дозволена толеранција кога се злоупотребува слободата на изразување.