Претставниците на советите за етика во медиумите во Југоисточна Европа и Турција, кои во Охрид учествуваа на четвртиот по ред регионален состанок под покровителство на УНЕСКО, усвоија заедничка Регионална декларација за етичка и транспарентна употреба на вештачка интелигенција во редакциите.
Документот ја истакнува важноста на новинарството за креирање и ширењето информации од јавен интерес, особено во време на кризи и изборни процеси, истакнувајќи дека е исклучително важно оваа улога да остане ослободена од влијанија и контрола.
Во Декларацијата се нагласува клучната улога на медиумската саморегулација за заштита на јавниот интерес и промовирање одговорно новинарство во дигиталната ера, преку почитување на новинарските етички стандарди, намалување на државните интервенции во однос на медиумската слобода и сведување на минимум на судските постапки против медиумите.
Документот потсетува на тековните закани за безбедноста на новинарите во регионот и изразува загриженост “поради повторувањето на политички притисоци врз медиумската независност, како што се злоупотреба на државните ресурси, вклучувајќи и рекламирање, обидите на политичарите да ја преземат контролата врз медиумите, одземањето новинарски акредитации, груби напади со цел стигматизација и дискредитација на медиумите, како и целно користење на судски постапки против нив“, како што се вели во завршната декларација.
Во однос на употребата на вештачката интелигенција, Регионалната декларација нагласува дека ВИ треба да служи како алатка за поддршка на новинарите и редакциите, но никогаш како замена за човечката проценка, професионален суд и уредничката одговорност.
„Крајната одговорност за медиумската содржина мора да остане кај новинарите и уредниците. Пред користење на ВИ-системи, особено во чувствителни контексти како избори, конфликти или здравствени кризи, медиумските организации треба да спроведат проценки на ризик, соодветни на контекстот и потенцијалното влијание врз јавната доверба, ранливите заедници и интегритетот на информациите.
Алгоритмите не смеат да имаат одлучувачка улога без значајна човечка контрола.“, стои во декларацијата.
Во заклучокот од декларацијата, претставниците на Советите за етика во медиумите во регионот се обврзуваат на:
- -Унапредување на новинарските етички кодекси во светло на новите етички предизвици;
- -Поттикнување на соработка и размена на добри практики меѓу телата за саморегулација и медиумските здруженија во регионот.
- -Обезбедување континуирана обука за одговорна примена на ВИ во медиумите.
- – Промовирање на јавна свест и зголемување на критичката писменост за ВИ кај новинарите, медиумските професионалци и граѓаните.
“Убедени сме дека само преку етика, транспарентност и заедничка визија можеме да изградиме медиумски систем што е отпорен, инклузивен и достоен за јавната доверба во дигиталната ера” се вели во заедничкиот документ на Советите за етика ид Западен Балкан и Турција.
Регионалниот состанок на 19 и 20 мај што се одржа во Охрид е дел од активностите на проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: Пподдршка за новинарството како општо добро“, поддржан од УНЕСКО, а финансиран од Европската Унија.