„Свесни сме дека новинарските редакции во земјава честопати се соочуваат со недостиг на кадар и ресурси за континуирано и доследно истражувачко новинарство. Нашата улога како саморегулаторно тело, главно, се фокусира на справување со жалбите каде што е детектирано потенцијално кршење на новинарската етика во земјата. Сепак, благодарение на Проектот финансиран од страна на УНЕСКО, успеваме да пратиме позитивна порака и да ставиме позитивно светло врз новинарската професија во земјата. Ова доделување награди помага да се најдат професионалците во медиумите кои играат значајна улога во унапредувањето на работата на новинарите и подобрување на пристапот до значајни социјални информации во регионот, рече Марина Тунева од СЕММ.
Вкупно шест талентирани новинари беа наградени од страна на СЕММ на прес-конференција во Скопје, на 29 септември, 2017 година. Ирена Мулачка освои награда за извонреден новинарски труд објавен во неделниот весник Фокус. „Сториите на Ирена Мулачка предизвикаа висок јавен интерес и сериозна дебата помеѓу двете страни, граѓаните и претставниците од здравствениот систем во земјата. Квалитетот во нејзиното истражување и известување е одличен пример за квалитетно истражувачко новинарство“, рекоа членовите на жирито. Останатите награди беа доделени на: Никола Здравковиќ, кој што беше второнаграден за сторијата објавена во рамките на емисијата 360 – степени на Телевизија Алсат – М, Мирјана Мирчевска – Јовановиќ за серијалот прилози објавен на Канал 5 телевизија, Марјан Николовски за прилогот објавен на телевизија Сител, Маја Раванска за сторијата објавена во весникот „Лице во лице“ и Зоран Јованоски за прилог објавен на Телевизија Алсат – М.
„Денешните награди се признание за професионализмот на авторите. Многупати сме ја нагласувале важноста на професионалното новинарство, улогата на медиумите во објавувањето објективни информации, потребата да се подобрат работните услови на новинарите и саморегулацијата во надминувањето на етичките предизвици. Сите тие прашања се’ уште се актуелни и денес, изјави Шефот на делегацијата на ЕУ Семуел Жбогар, во неговото обраќање на настанот.
Проектот на УНЕСКО „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција“ започна во 2016 и има за цел да го подобри медиумското управување и почитување на професионалните стандарди во медиумите. Во овие рамки, УНЕСКО ги поддржува советите за етика во регионот преку директно финансирање и реализација на активности кои што имаат за цел да го подобрат нивното функционирање и присутност. Овој проект е финансиран од Европската Унија.