Медиумските содржини се значаен извор на информации и важен дел од неформалното образование за клучни социјални и општествени теми. Градењето на ставови, кои понекогаш можат да преминат во стереотипи и предрасуди, честопати се резултат на преносот на информациите и знаењето преку медиумите. Оттука, улогата на медиумите е круцијална во формирањето на јавните перцепции, а останатите чинители треба да ги поддржат медиумите во намалување на дискриминацијата наместо нејзино предизвикување или поттикнување.
Граѓанските организации кои се занимаваат со човекови права на маргинализирани групи граѓани, вклучувајќи ги организациите на лицата со попреченост, се еден од најбитните чинители во овој процес. Граѓанските организации и медиумите се важни актери во процесите на демократизација и во создавањето на поинклузивни општества за лицата со попреченост. Имајќи ги предвид нивните специфични улоги, од суштинско значење е тие да ги здружат силите и да воспостават меѓусебна соработка, со цел да се зголеми влијанието врз ставовите на јавноста кон лицата со попреченост. Сепак, оваа соработка е честопати проблематична и како да постои врска што недостига, што всушност претставува недоволно разбирање и несоодветна комуникација меѓу граѓанските организации и медиумите и обратно.
Надминувањето на овој јаз во разбирањето и зајакнувањето на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите беше една од целите на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, кој во изминатите две години заеднички го спроведуваа Институтот за различности во медиумите, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации. Во рамките на проектот, беше потврдено дека за подобрување на заемната комуникација клучно е одржувањето отворена, инклузивна и континуирана дебата меѓу граѓанското општество, медиумите и институциите. Тоа може да се постигне преку јакнење на капацитетите на новинарите за покривање на граѓанските теми и нивна поголема иницијативност за вклучување на граѓанскиот сектор во информативните рубрики, а од друга страна, потребно е да се зајакнат и капацитетите на граѓанските организации за комуникација со медиумите и да се охрабрат да бидат погласни и проактивни во нивниот пристап кон медиумите.
Препораки
- Медиумите треба да бидат поотворени за граѓанските организации на лицата со попреченост: на граѓанските организации им треба партнерството со медиумите за подигнување на јавната свест, разбивање на предрасудите и решавање на состојбите со човековите права на лицата со попреченост.
- Медиумите треба да бидат свесни дека граѓанските организации имаат потреба од поголема застапеност и подобро позиционирање на „жешките теми“ за лицата со попреченост. Новинарите треба да бидат обучени за покривање на областа, тие треба да знаат да го препознаат проблемот, да препознаат приказна, но и подобро да се запознаат со тематиката.
- Медиумите треба да имаат инклузивен пристап кон темата попреченост и, наместо специјализирани емисии/рубрики, треба да подготвуваат тематски емисии или текстови што ќе обработуваат прашања од областа на попреченоста, како и лични приказни од секојдневниот живот во сите сегменти на својата програма/списание.
- Медиумите во нивното известување треба да го прифатат пристапот заснован на човекови права за лицата со попреченост, да придонесат за креирање на позитивна слика за овие лица (со избегнување на сензационалистички приказни, „површинско известување“, несоодветна терминологија) и да ги користат експертизите, знаењето и веродостојните податоци на граѓанските организации.
- Граѓанските организации очекуваат нивните клучни пораки соодветно да бидат споделени преку медиумите, а суштината, од перспектива на човековите права, треба да биде јасно и конкретно пренесена. Граѓанските организации кои ги претставуваат лицата со попреченост очекуваат континуирана соработка и консултации со медиумите, а не само пополнување на медиумската програма.
- Медиумите треба да се борат против предрасудите во јавноста дека лицата со попреченост се неспособни и беспомошни. Медиумските производи преку афирмативен пристап, ослободен од сензационализам, драматизирање или сожалување треба да ги прикажуваат лицата со попреченост како лица кои можат да придонесат кон промени во сите сфери на живеењето, со што ќе промовираат поинклузивно и толерантно општество.
- Медиумите влијаат врз јавното мислење. Начинот на кој се портретираат лицата со попреченост, и колку често се појавуваат во медиумите, има влијание врз сликата што за нив се создава во општеството. Имајќи го тоа предвид, граѓанските организации треба да размислат за темите што ги промовираат и лицата кои ги претставуваат, а новинарите, преку професионален пристап, треба да најдат протагонисти кои ќе можат да ја раскажат приказната и да испратат позитивна порака за лицата со попреченост.
- За промовирање на позитивното портретирање на лицата со попреченост преку медиумите, како и за квалитетно професионално известување, на новинарите им е потребна поддршка од граѓанските организации кои може да посочат на теми што се значајни за нив, но и да овозможат обуки за подобрување на вештините за комуникација на нивните членови, со што новинарите би можеле да ги следат насоките за известување за попреченоста:
- Новинарите треба да им овозможат на лицата со попреченост да говорат во свое име.
- Новинарите треба да се фокусираат на потенцијалот на индивидуата, а не на неговите/нејзините ограничувања.
- Подобро е да се нагласи способноста, а не попреченоста, секогаш кога тоа е можно.
- Новинарите треба да избегнуваат тажна музика во позадина на прилог кој се емитува на ТВ или радио програмата, кога се говори за попреченоста.
- Новинарите треба да се обидат да ги прикажат лицата со попреченост како активни во општеството.
- Новинарите треба да ги интервјуираат лицата со попреченост и на теми кои не се поврзани со попреченоста.
- За да можат медиумите да се спротивстават на предрасудите, граѓанските организации треба да им овозможат на новинарите да воспостават контакт со лица со попреченост кои претставуваат „сликa“ за способност, сила и потенцијал, наместо пренесување на тажни или пасивни приказни; со лица кои се подготвени да говорат јавно за својот живот и за потребите со кои се соочуваат во секојдневието.
- Граѓанските организации треба активно да обезбедуваат идеи за прикажување на можностите и потребите на лицата со попреченост, редовно да ги контактираат медиумите со кои имаат соработка, да соработуваат со новинарите на тој начин што ќе им доставуваат предлози за активности или теми кои тие би сакале медиумите да ги обработат.
- Граѓанските организации треба да ја негуваат воспоставената соработка со новинари кои продуцираат одредени медиумски содржини, поврзани со области поврзани со лицата со попреченост, со цел овие содржини да бидат застапени во редовните програми.
- Граѓанските организации треба да ги зајакнат и своите капацитети за комуникација со медиумите, во смисла на обука на својот кадар кој би бил во редовна комуникација со новинарите, би можел да им понуди атрактивни теми, професионално „спакувани“ содржини кои би можеле да го привлечат вниманието на медиумите и да зборува во име на лицата со попреченост, наместо техничка комуникација со медиумите (испраќање соопштенија, покани и информации за настани и активностите на граѓанските организации):
- На граѓанските организации им се потребни обуки за унапредување на вештините за комуникација со медиумите и за начинот на пакување на информациите за медиумите.
- Граѓанските организации треба да имаат обучени лица кои ќе ги претставуваат во медиумите преку изјави, интервјуа и експертски мислења.
- Граѓанските организации треба да имаат поиницијативен пристап и да наметнуваат самите теми во медиумите и во јавноста, кои тие сметаат дека се актуелни, релевантни во моментот или за кои им треба „сојузништво“ со медиумите за да извршат притисок врз институциите.
Граѓанските организации треба да ги зајакнат вештините за користење на новите дигитални медиуми, со цел да воспостават двонасочна комуникација со своите целни групи, но и да имаат пристап до пошироката публиката, вклучително и до помладите генерации кои што повеќе ги користат онлајн медиумите.