Притоа, саморегулацијата почесто треба да се користи како механизам за реагирање при случаи на говор на омраза во медиумите. Надлежните институции, како што се на пример, Комисијата за заштита од дискриминација или Јавното обвинителство, треба да покажат проактивен пристап кон проблемот, а соработката меѓу Советот за етика во медумите на Македонија, регулаторното тело и други засегнати страни, треба да се интензивира со цел ефикасно справување со говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите.
Ова се дел препораките од тркалезната маса посветена на улогата и влијанието на уредниците во превенирање на говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите, што ја организираа Делегацијата на Европската Унија, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите. На настанот учестуваа уредници и новинари од електронски, печатени и онлајн медиуми, преставници на граѓански организации, регулаторни тела, државни институции и меѓународни организации.
Пред присутните гости се обрати Шефот на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, кој ја потенцираше одговорноста на новинарите и медиумите секогаш да нудат балансирани информации базирани на факти. Според него, без слобода на изразување и слободно новинарство невозможно е постоењето на информирано, активно и ангажирано граѓанство.
Во своето обраќање, претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиоумите, Мирче Адамчевски се осврна на улогата и искуството од досегашното работење на телото за саморегулација, во однос на справувањето со говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите. Членовите на Комисијата за жалби, Сефер Тахири и Филип Ѓурчиновски, се фокусираа на клучните проблеми и предизвици во третирањето на говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите, улогата на уредниците во спречувањето на таквиот говор, како и на досегашното искуството од примената на законските регулативи.
Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за подготовка на акциски план за справување со говорот на омраза и дискирминацијата во медиумите, со учество на сите засегнати страни во медиумската сфера.
Оваа тркалезна маса е дел од регионалниот проект „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“, финансиран од Европската Унија.
Превземено од mim.org.mk