Ова не е изолиран инцидент, а трендот на насилство и попречување на работата на новинарите и медиумските работници продолжува да биде сериозен проблем. Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата, апелираме за итна реакција на полицијата и Јавното обвинителство и преземање на неопходните мерки за расветлување и расчистување на инцидентите. Неказнивоста на нападите врз медиумите е недозволива, а безбедноста на новинарите мора да биде подобрена и ослободена од какви било закани и притисоци.
Државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да создаде и одржува поволна средина за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери. Во исто време, потсетуваме и на минатогодишниот извештај на Фридом Хаус, според кој медиумите во Македонија се предмет на политички притисок и вознемирување, што резултира со самоцензура, а државата се оценува како неслободна во однос на статусот на слобода на медиумите.
Од друга страна, Советот за етика во медиумите забележува дека во изминативе неколку денови се’ почести се случаите на злоупотреба на улогата на медиумите и нивно искористување како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството. Ги повикуваме новинарите и уредниците на нивната значајна и одговорна улога, особено во контекст на сегашната политичка ситуација, и примена на улогата на смирувачи на тензиите, посебно во случаите кога се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата. Не е новинарски да се пренесуваат шпекулации и да се развиваат и градат дебати врз основа на лаги и пропагандизам. Медиумите не смеат да бидат злоупотребени за повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството. Недостигот на медиумска слобода не смее да се искористува како аргумент за погрешно однесување и пласирање невистини кои му создаваат трајна штета на новинарството и повреда на интересот на јавноста.
Советот за етика досега има добиено околу 200 жалби за непрофесионално известување на медиумите. Потсетуваме дека и понатаму ќе го набљудуваме начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од СЕММ, така и на тие кои се’ уште не се негови членки, и ќе повикуваме на доследно почитување на Кодексот на новинарите, како предуслов за припадност кон ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите.