Саморегулацијата и СЕММ промовирани во Битола, Охрид, Штип и Струмица

Членови на Управниот одбор, на Жалбената комисија и на Извршната канцеларија пред граѓани, претставници на граѓански организации и новинари од четирите града, зборуваа за основите на саморегулацијата како принцип на организирање на медиумите и новинарите, како и за формирањето и првите искуства на Советот во изминатите месеци.
Во дискусиите беа презентирани и расчистени дилемите дали и колку саморегулацијата е потребна и корисна, кои се разликите меѓу саморегулацијата и регулацијата, кои се разликите меѓу Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика, како саморегулацијата може да доведе до намалување на судските постапки за клевета и навреда или како одлуките на СЕММ може да бидат користени и во суд при вакви постапки, како саморегулацијата доведува до поголема доверба на граѓаните во медиумите и поголема професионалност на самите медиуми и како сето тоа придонесува за заштита на основните човекови права и слободи и јакнење на медиумите како четврта власт.
На дебатите, посебно во Охрид, беа презентирани и интересни издвоени случаи од работата на Жалбената комисија при СЕММ, со цел попластично да им се објасни на присутните работата на ова тело на Советот.
Присутните на дебатите изразија голем интерес за работата на СЕММ и за саморегулацијата, поставувајќи бројни прашања до претставниците на Советот кои ја презентираа неговата работа. Дел од нив изразија благодарност за презентациите, истакнувајќи дека не знаеле или малку знаеле за постоењето на СЕММ, како и тоа дека ова тело може да им помогне во секојдневната работа и нивните забелешки што ги имаат за известувањето на медиумите. Ова особено беше потенцирано од некои претставници на граѓански организации.
Дебатите беа спроведени во рамките на проектот „Информирај и биди информиран – зголемување на јавната свест за СЕММ“, иницијатива што е поддржана од UNESCO. Вакви дебати ќе продолжат и во други региони во Македонија, со цел што подобро запознавање на локалната јавност со активностите на Советот.

2

3

6

5

Scroll to Top