Членови на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија учествуваа на регионалниот состанок на саморегулаторните тела од Југоисточна Европа што се одржа во Белград на 20 и 21 ноември 2023 година, под покровителство на ОБСЕ.
Претседателот на Комисијата, Мирче Адамчевски и членовите Мери Јордановска и Димитар Мицев се вклучија во дебатата што се фокусираше на говорот на омраза, таблоидното и клик-бејт новинарство, личните податоци и етиката во новинарството.
Претставниците од Црна Гора, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија ги претставија клучните проблеми во медиумската сфера, согласувајќи се дека тие се речиси исти или слични насекаде во регионот – таблоидно новинарство, недоволна регулација на онлајн медиумите и штета предизвикана од дезинформациите. Ова го нотираше и шефот на мисијата на ОБСЕ во Белград, Јан Брату:
„Масовното насилство, говорот на омраза, кршењето на правото за лични податоци, сето ова се важни вредности и тие треба да нè водат да го засилиме и заштитиме новинарството од дезинформации и од клик бејт новинарство. Видете ги таблоидите во Велика Британија, точно е дека тие известуваат посензационалистички, но и понатаму го почитуваат етичкиот кодекс. Значи, тоа е возможно. Во Белград имаме по 663 претставки месечно за говор на омраза во медиумите. Позитивна работа е што во Законот за јавно информирање сега е вметната и саморегулацијата, нешто што само неколку држави го имаат направено и ние ќе ја следиме неговата имплементација“, рече Брату.
Жељко Бодрожиќ, претседател на Управниот одбор на Советот за печат од Белград го посочува таблоидното новинарство како еден од најгорливите проблеми. Тој таблоидните медиуми ги нарекува „мутанти“ кои се развиваат на просторот во Србија.
Со овој став се согласи Ранко Вујовиќ од Медиумски совет за саморегулација од Подгорица, Црна Гора, кој вели дека државата е прилично затрупана со говор на омраза и дезинформации, од кои голем дел влегуваат токму од Србија:
„Сепак, најголемиот дел дезинформации и говор на омраза произлегуваат од онлајн медиумите и од социјалните мрежи“, рече Вујовиќ.
Сандра Гојковиќ Арбутина од Советот за печат и онлајн медиуми, Сараево, БиХ, нотираше дека има премногу портали кои не се регистрирани во државата и кои немаат импресум и на кои буквално не им се знае сопствеништвото. Таа вели дека од 600 веб-портали, 280 немаат импресум во БиХ:
„Таквите медиуми можат да објават буквално било што и да не одговораат за тоа“, рече Арбутина.
На средбата, на која дебатираа околу 20 претставници на седум саморегулаторни тела од Западен Балкан, како и над 20 уредници, академици и медиумски експерти, се разговараше и за развојот на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз медиумите, како и заштитата на приватноста во новинарската етика, тема на која говореа претставниците од СЕММ.