Пораките на лекарите и здравствените експерти континуирано беа истите „Останете дома. Тоа е единствениот начин да се намали ширењето на вирусот, да се спасат животи“. Но, новинарите и медиумските работници, сакајќи или не, во потрагата по информации од јавен интерес мораа да продолжат да ја вршат својата работа, а со самото тоа и да се изложуваат на ризици.
Отсуствува механизми за нивна заштита, регистриран беше недостиг на соодветна заштитна опрема, а подготвеноста за во услови на криза предизвикана од пандемија беше минимална.
Со прогласувањето на вонредната состојба и ограничување на движењето на 18 март годинава, дел од редакциите во државата се соочија и со тешкотии во вршење на своите редовни обврски за објективно и навремено информирање на граѓаните. Главна причина беше недостигот на протоколи од аспект на тоа како институциите ќе ги третираат новинарите и како би се обезбедило нивно непречено работење.
Се создадоа и бројни други притисоци, меѓу кои и економските. За голем дел од редакциите тоа значеше работа со загуба, што најмногу се должеше на драстичното намалување на приходите врз основа на рекламирање. Медиумските работници се соочија со различни проблеми. Покрај ризикот од загрозување на личната безбедност и безбедноста на оние со кои што живеат, нарушувањето на нивните работнички права набргу се покажа како растечки проблем. Сето тоа беше причина за зголемен емоционален стрес.
На почетокот на кризата на повидок беше и ризикот од прелевање на праксата од соседните држави на носење неповолни и рестриктивни мерки за медиумите, посебно од Србија и Црна Гора, каде што властите наметнаа отворање единствен центар за информирање во врска со Ковид-19. Во Црна Гора три новинари беа притворени поради ширење паника и „лажни вести“. Во повеќе држави ширум светот се носеа закони против дезинформациите со цел да се замолкнат новинарите, па дури и да ги сместат во затвор поради изнесување статистички податоци што не кореспондираат со официјалната верзија на случувањата. Кај нас не беа забележани посериозни и драстични случаи на злоупотреба на пандемијата преку наметнување рестрикции на слободата на изразување од страна на власта, а регистрираните случаи не беа толку драстични како во околните земји.
Здружението на новинари на Македонија во периодот на кризата ја интензивира соработката со здруженијата на новинари во регионот и ширум Европа. Зголемената меѓусебна комуникација, во релативно краток рок, овозможи не само препознавање на предизвиците, туку и брзо градење механизми за заштита и помош на редакциите и медиумските работници.
Со помош на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Здружението на новинари склучи договор за набавка на околу четири палети заштитна опрема (маски, ракавици, средства за дезинфекција, костуми и сл.) кои беа обезбедени и дистрибуирани до редакциите на 110 медиуми во релативно краток рок. Од друга страна, со помош на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници беше обезбедена бесплатна професионална помош од психијатри и психотерапевти.
Во обид да им се помогне на реакциите, ЗНМ и Советот за етика во медиумите (СЕММ), подготвија „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19)“. Прирачникот, кој е меѓу првите од овој тип во Европа, е преведен на неколку јазици. Целта на овие Насоки е да понудат и основни информации за заштита на новинарите и на медиумските работници при извршувањето на нивните работни обврски на терен и во редакциите и студијата. Овие Насоки треба да ги насочат новинарите и медиумските работници, пред сè, да се самозаштитат, но и да ги заштитат останатите околу нив, за време на извршувањето на своите работни обврски.
Насоките за професионално, одговорно и етичко известување за коронавирусот се подготвени во рамки на заложбите да се поттикне значајната улога на медиумите во правилно разбирање на појавата на коронавирусот, последиците од неа и начините на ефективна превенција. Тие се засноваат на препораките на меѓународни организации, како што се Poynter, First Draft, Journalist’s Resource, Open Notebook, Reframe, Светската здравствена организација (СЗО), искусни новинари, научници и експерти.
Почитувајќи ги сите заложби за помош на редакциите, едно е со сигурност јасно. Здравјето и безбедната работа се приоритети од редакциите ќе се очекува и понатаму да се приспособуваат на новонастанатите околности и препораки. Во меѓувреме, додека голем дел од светот подзастана, останува и една друга вистина, а тоа е тоа дека „вестите никогаш нема да прекинат“. Без разлика дали новинарите се во редакција или во дневна соба, од нив се очекува да бидат исто толку посветени во информирањето на јавноста како и претходно. Тоа е врвната цел на професијата!
„Авторот е правник и соработник на ЗНМ“