Оправдан е револтот кај родителите на деца со посебни потреби и кај самите лица кои ги имаат овие проблеми. Во оваа состојба на пандемија од ковид-19 државата, односно Владата, прави напори да им помогне на оние лица кои се најзагрозени за да можат да ги пребродат овие тешки времиња. И тоа е во ред и е добро, тоа, всушност, е и фунцијата на државата, односно Владата, да се грижи за своите граѓани, посебно за тие кои се во најтешка материјална и социјална состојба, но таа грижа треба да биде за сите овие категории граѓани. За жал, излезе дека не е така. Како и зошто од мерките за помош од кризата со ковид-19 беа изоставени лицата со посебни потреби, засега никој не кажува. Така и овој пат маргинализираните и понатаму останаа маргинализирани.
Во целокупниот процес на маргинализација на лицата со посебни потреби свој удел имаат и медиумите, кои во трката за најнови вести за бројот на заболени, за бројот на починати, за секојдневните политички препукувања помеѓу политичките партии, наоѓаа многу малку време и простор да информираат дека и оваа категорија лица има свои потреби и барања. Иако понекогаш ќе се појавеа во медиумите, најчесто тоа беше ако се доделува некоја донација, која, пак, се однесува за многу мал број лица со посебни потреби и на одредено место. Тоа е начинот на којшто, во времето на корона пандемијата, се информираше и се информира за лицата со посебни потреби, но и за други маргинализирани групи.
„Лицата со попреченост, покрај жените и Ромите, се уште една маргинализирана група лица која во текот на пандемијата се соочи со многу предизвици. На виделина излегоа сите недостатоци на образовниот систем. На тест особено беше образованието во однос на тоа какви услови може да им обезбеди на децата со посебни образовни потреби, на децата со попреченост во однос на правото на користење на образовни асистенти, достапност до интернет, компјутерска опрема, недостиг од соодветни наставни материјали, ограничување на движењето на лицата со попреченост. Овие прашања, личните приказни, предизвици, како живеат, како успеваат да дојдат до образовни, здравствени и други услови во време на пандемија, не успеаја да се пробијат повисоко на медиумската агенда. Некои медиуми, меѓу кои и јавниот сервис, одвоија простор за овие сограѓани за кои пандемијата создаде и нови пречки во битка со системот. Впечаток е на самите новинари дека за лицата со попреченост се известувало малку и спорадично. Маргинализираните групи и понатаму си останаа медиумски маргинализирани, како и пред кризата. Заклучоците за тоа какво е медиумското известување за маргинализираните лица не се поразлични од тие што и претходно сме ги констатирале, но за време на кризата проблемите уште повеќе се потенцирани, а маргинализираните лица се изгубија во големата слика преплавена од застрашувачки вести“, ќе каже Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми, сублимирајќи ги резултатите добиени во изминатиот период, а кои се однесуваат на говорот на омраза и на застапеноста на маргинализираните групи во нашето општество.
Невладиниот сектор кој ги застапува правата на лицата со посебни потреби апелира на поголема соработка со медиумите бидејќи потребата од таква соработка е взаемна.
„Сакам да повикам на соработка меѓу сите чинители, вклучувајќи ги и организациите кои ги застапуваат правата на маргинализираните групи. Неминовно е да се соработува, бидејќи нам ни требаат медиумите, меѓутоа и на медиумите им требаат граѓанските организации, односно самите лица со попреченост за да им кажат како соодветно треба да се известува за нивните права. Еден од генерално најголемите проблеми во начинот на известувањето за лицата со попреченост во медиумите е пристапот кој медиумските работници го имаат, тргнувајќи од терминологијата која што ја употребуваат за да ги означат овие лица или да опишат некои нивни карактеристики или права, па сè до оној генерален пристап на милосрдие или медицински пристап, како што ние го нарекуваме, при што овие лица се третираат како објекти, а не како субјекти со свои човекови права. Тука ја гледаме можноста за напредок и затоа продолжуваме и понатаму да ги афирмираме нивните права и оттука беа преземени активности со Македонскиот институт за медиуми, а такви активности ќе се преземаат и во периодот што следува. Сметаме дека перцепцијата кон лицата со попреченост единствено може да се подобри на тој начин, само со соодветна присутност и соодветна застапеност на начини кои не деградираат, туку на начини кои ги поставуваат лицата со попреченост како носители на правата“, ќе истакне Владо Крстевски, од Националниот совет на инвалидски организации на Македонија.
Иако лицата со посебни потреби ги нема многу во традиционалните медиуми нивната застапеност на социјалните мрежи од ден на ден е сè поголема. Таму се појавија повеќе социјални групи кои даваат поддршка на лицата со посебни потреби и на нивните родители, преку соопштенија, размена на искуства, идеи, совети, а во нив најчесто ги водат родители на лица со попреченост и ентузијасти кои сакаат да помогнат. Овие групи сериозно почнаа да ја пополнуваат празнината во информирањето за проблемите на лицата со посебни потреби, која традиционалните медиуми не можат, од објективни но и од субјективни причини, секојдневно да да ја исполнуваат. Но, покрај позитивните придобивки од ваквите социјални групи за поддршка на лицата со посебни потреби, и во овој простор, од ден на ден, сè поприсутен е феноменот кој стана наше секојдневие, а тоа е говорот на омраза. Сè повеќе во коментарите на некоја објава на овие групи за поддршка може да се прочитаат недолични одговори, спротивставување, неаргументирани напади, навредување и омаловажување, а неретко има и мешање на актуелната политика. Тоа е крајно загрижувачки, бидејќи таквиот говор на омраза сѐ уште не се санкционира и затоа се употребува, односно злоупотребува. На ова укажува и новинарот Мирче Адамчевски, кој е и претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите.
„Иако статистиката зборува дека се намалува говорот на омраза, јас лично мислам дека тоа не е така, туку станува збор за селење на говорот на омраза од традиционалните медиуми во социјалните мрежи или, поточно, во коментарите на социјалните мрежи каде сега медиумите ги постираат своите содржини. Така, приказната за говорот на омраза нема крај. Говорот на омраза сака како алиби да го искористи правото на слобода на говорот, но слободата на говор не значи и слобода за говор од омраза“, вели Мирче Адамчевски.
Во сите овие премрежија од пандемија, социјална несигурност и сиромаштија, „збогатено“ со говор на омраза, лицата со посебни потреби си го живеат својот маргинализиран живот, како што знаат и умеат. Дали еден ден ќе испливаат од таа долготрајна состојба и ќе го добијат заслуженото место во општеството многу зависи од нив самите, од нивната упорност и истрајност, но зависи и од сите други чинители во општеството, посебно од медиумите, кои неспорно повеќе треба да работат и да помагаат во остварувањето на оваа цел.