Повелба за етичко известување за изборната кампања за локални избори 2021

Принципите на вистинитост и објективност 

– Што подразбира потрага по вистината и коректно известување, преку пренесување на фактите на јасен и недвосмислен начин. Во случај на објавување погрешни информации, медиумот ќе стори сè за да ги коригира таквите информации.

Принципот на урамнотеженост

– Што подразбира претставување на различните ставови и гледишта во вистинскиот контекст и без заземање страна кон кој било кандидат, партија или коалиција.

Принципот на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите

– Што подразбира дека информациите ќе се обликуваат на начин што на публиката ќе ѝ биде јасна разликата меѓу фактите и гледиштата и мислењата.

Принципите на чесност и независност

– Што подразбира дека медиумот ќе користи чесен пристап во добивањето информации и во нивното презентирање, избегнувајќи сензационалистички прикази на темите и настаните, како и погрешни претпоставки кои би можеле да ја доведат јавноста во заблуда.

Принципот на професионална солидарност

– Во својата работа медиумот ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да дејствува на начин што ќе значи пресметка со другите медиуми и колеги.

Принципот на уредувачка независност и професионален интегритет

– Медиумот се обврзува да известува на начин што ќе биде независен од какви било лични гледишта, надворешни интереси и влијанија што би можеле да ја поткопаат уредувачката независност и професионален интегритет.

Принципот на почит и толерантност

– Што подразбира почит на достоинството, угледот, правата и личниот интегритет на поединците во информирањето на јавноста. Медиумот во своето известување нема да се служи со стереотипи, предрасуди и дискриминација по ниту една основа и нема да се служи со говорот на омразата и потпалувачки говор.

Принципот на еднакви можности на жените и мажите

– Што подразбира дека медиумите ќе обезбедат еднакви можности за пристап кон медиумските услуги на сите кандидати. Медиумите понатаму ќе се водат од овој принцип и при покривањето на изборните активности на кандидатите.

Принципот на слобода и одговорност

– Што подразбира дека слободата им наметнува одговорност на медиумите за формата и содржината на пораките што ги упатуваат кон јавноста и последиците кои произлегуваат од нив врз поширокото општествено опкружување.

Потписниците на оваа Повелба се согласни дека ќе се придржуваат до нејзините принципи и активно ќе се залагаат за афирмирање на етиката и професионалноста во известувањето.

Scroll to Top