ПОЛОВИНА ОД ПРЕКРШУВАЊАТА НА КОДЕКСОТ ВО 2025 – ЗА НЕТОЧНО ИНФОРМИРАЊЕ

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ги презентираше статистичките податоци за примени и обработени жалби во текот на 2025 година, со осврт на главните трендови на што укажуваат бројките.

Минатата година до СЕММ бea поднесени 244 жалби за медиумски содржини, што е рекорден број претставки во една година. Од нив, 96 беа разгледани од Комисијата за жалби и беа донесени 47 одлуки (за членови на СЕММ) и 43 мислења (за медиуми што не се членови на СЕММ).ПРЕСС СТАТИСТИКА

За 145 претставки беше оценето дека немаат основа за разгледување, од различни причини: поради поминат рок од моментот на објавување на содржината до поднесувањето на жалбата, поради оставени податоци во жалбата преку кои не може да се потврди нејзината автентичност, поради тоа што се однесуваа на странски медиуми за што Комисијата при СЕММ не е надлежна и др.

Најголем број од жалбите, кои беа без основа за разгледување, се однесуваа на медиумски содржини поврзани со пожарот во Кочани, главно за странски портали и телевизии, а беа поднесени во интервал од само неколку часови на 21 март 2025 година, еден ден по погребот на жртвите.

Најмногу жалби против интернет порталите

И минатата година, како и претходните,  жалителите главно се поплакуваа на содржини објавени на интернет порталите – дури 78 од разгледаните 96 жалби се однесуваат на онлајн порталите.

Една од причините зошто доминираат онлајн медиумите, како прекршители на Кодексот на новинарите, е тоа што на публиката веројатно и е полесно да ги обезбеди овие содржини како доказ при поднесувањето на жалбата.

Друга причина е фактот што зад бројни онлајн портали често стојат само еден или двајца поединци – без новинарско искуство, додека порталите со добро организирани и професионални тимови се помалку на број. 

Во традиционалните медиуми (националните ТВ станици), пак, поретко се случува прекршување на етичките стандарди бидејќи станува збор за поголеми редакции во кои работат новинари со поголемо искуство во професијата и со поголем уредувачки капацитет.

САМО МЕДИУМИ MK tabela

На печатените изданија и нивните веб-изданија се однесуваат 11 од разгледаните жалби, на веб-страниците на телевизиите – 6 жалби и една жалба е за телевизиска содржина.

 

САМО ЖАЛБИ МЕДИЈАЦИИ

Прекршување на Кодексот на новинари е утврдено во 58 жалби, додека во 32 жалби е утврдено дека нема прекршувања на професионалните и етички новинарски стандарди. Шест жалби се решени по пат на медијација или со т.н „пријателско решение“ меѓу жалителот и медиумот. СЕММ ги охрабрува медиумите во иднина да се заложат за што повеќе медијации, со што ќе одбегнат одлуките на Комисијата за жалби да се најдат како докази во евентуални судски постапки. 

 

Политичари и носители на јавни функции – најчести жалители

Најчестите подносители на жалби, со основа за да бидат разгледани, (36) се во групата „политичари, носители на јавни функции и јавни институции“. 25 жалби се поднесени од граѓани, 22 – од организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 6 – од медиуми или новинари, 6 – од политички партии, додека жалители од други категории имаат поднесено уште 4 жалби.

САМО ЖАЛИТЕЛИ

 

Половина од прекршувањата се за Член 1 од Кодексот

Како константа во статистиката останува дека најчесто прекршуван член од Кодексот на новинари на Македонија е Членот 1, кој  од новинарот бара да објавува точни и проверени информации од најмалку два независни извори. Во 2025 година ова прекршување е регистрирано дури во 46 жалби, што претставува скоро половина од сите прекршувања.

САМО ЧЛЕНОВИ НА КОДЕКС

Потоа следува Членот 3 – кој вели дека „новинарот ќе настојува да објави исправка, демант или одговор кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“.

На третото место според бројот на прекршувања е Членот 10 од Кодексот – кој од новинарот бара да не создава ниту преработува говор на омраза или дискриминација по која било основа.

Одлуките им значат на професионалците

Комуникацијата на СЕММ со новинари потврдува дека одлуките и мислењата усвоени од Комисијата за жалби на најголемиот број новинари  им се важни. Тоа сугерира дека саморегулацијата, генерално, се повеќе се прифаќа од медиумите како важен коректив што доаѓа од самата професија.

Токму затоа, на СЕММ како саморегулаторното тело му е потребна поддршка не само од професијата, туку и од институциите. Бидејќи колку што е важна работата на регулаторното тело, толку е важна и работата на Советот за етика, за да се избегне во медиумскиот сектор да се применува премногу рестриктивен пристап.

Од тука, важно е професијата сама да ги разбере и да ги почитува правилата, со што ќе се намали потребата од законски санкции.  Од друга страна, важно е да се воспостави и добра соработка помеѓу регулаторното и саморегулаторното тело, за овие две клучни тела да се надополнуваат во нивната работа.

Комисијата за жалби при СЕММ настојува да биде максимално објективна и непристрасна при носењето на одлуките и да се апстрахира од тоа кој е жалителот или кој е медиумот на кој се однесува жалбата.

Притоа, Комисијата секогаш настојува во својата оценка да ги заштити медиумите и, особено ако станува збор за мал пропуст, да им даде шанса да се коригираат, бидејќи некогаш и на најискусните новинари или на најпрофесионалните медиуми, изложени на притисок и во трка со времето, им се случува да направат грешка, 

Но, кога станува збор за намерни и сериозни прекршувања, како што е пристрасното и едностраното известување во прилог на некој политички субјект, а тоа го има многу во нашето политички поларизирано новинарство, тогаш Комисијата е најкатегорична и јасна во аргументирањето на својите одлуки.

Scroll to Top