На дебатата, на којашто се дискутираше за начините на кои медиумите, саморегулативното тело и образованите установи може да соработуваат во справувањето со говорот на омраза, дискриминацијата и стереотипите, учествуваа 30тина претставници од граѓанскиот сектор, образовни установи, медиумските организации и студенти од универзитети во државата.
„Се разбира дека новинарите и медиумите имаат неприкосновено право на уредувачка политика и слобода во позиционирањето во тој спектар, меѓутоа фактите се факти и тука не треба да има компромиси“, рече претседателката на УО на СЕММ, Катерина Синадиновска.
Според Дејан Андонов, раководител на наставна програма во Институтот за комуникациски студии, медиумски писмените граѓани умеат да ја разберат вредноста на вестите, да ги препознаат пораките кои доаѓаат до нив, да изградат критички став. Оттука, неопходно е континуирано да се инвестира во подобрување на вештините на граѓаните за критичка анализа на медиумските содржини.
Со тоа се согласува и професорот Насер Мифтари, кој вели дека публиката треба да има доволно знаење за да препознава што е добро и што е лошо, што треба да слуша, а што не. „Сево ова може да се постигне ако обезбедиме доволно простор во нашиот образовен систем. Нашиот систем има потреба од една длабинска реформа, а во тие реформи не сме успеале ако медиумите не ги поставиме на местото каде што треба да бидат“, нагласи тој.
Медиумите мора да имаат клучна улога не само во информирањето, вели новинарката Јасмина Миронски, туку и во сузбивањето на говорот на омраза, дискриминацијата и стереотипите.
„Во социјално-психолошките теории се објаснува дека луѓето се во таканаречени ‘балончиња’ затоа што селектираат од каде ќе се информираат, што ќе запомнат, бидејќи тоа одговара на нивните претходни уверувања. Медиумската писмесност е од исклучително големо значење, а искуствата покажуваат дека е најдобро доколку таа се инфузира низ различните наставни содржини во образованието“, нагласи претседателката на РЕСИС Снежана Трпевска.
Според Лилјана Пецова Илиеска, член на Комисијата за жалби при СЕММ, со факултетите што градатнаставен кадар треба да се стапи во контакт и да се разговара во насока на тоа како да се совладаат вештините за медиумска писменост во текот на високото образование.