Неопходноста од почитување на Кодексот на новинарите и најчестите прекршувања на етичките стандарди во медиумските содржини, во предизборни периоди, беа во фокусот на двете дебати што Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите заеднички ги организираа на 14 и 15 октомври во Битола и во Скопје.
Новинари, уредници и медиумски експерти дискутираа за клучните аспекти на професионалното известување во контекст на изборите, а претставниците на Советот за етика, Билјана Георгиевска, Мирче Адамчевски и Тамара Чаусидис презентираа одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ, како примери за најчестите прекршувања на Кодексот во предизборие.
Етиката и почитувањето на професионалните стандарди во работата на новинарите се важни секогаш, во секоја вест, извештај или истражувачка сторија. Но, известувањето на медиумите во предизборни периоди има посебна тежина, бидејќи може директно да влијае врз одлуките на граѓаните и изборниот резултат.
Објавувањето недоволно проверени или неточни информации, сензационализмот, мешањето факти со лично мислење, ширењето говор на омраза и непочитувањето на обврската за објавување исправка или демант – беа посочени како најчести прекршувања на правилата за одговорно новинарство, не само за време на избори, туку и во редовното работење на медиумите.

Како сериозен проблем за објективно информирање, како што посочи Тамара Чаусидис, член на Комисијата за жалби при СЕММ; е фактот што голем дел од медиумите денес живеат од политичките пари:
„Платеното рекламирање и задолжителните изборни извештаи ги полнат информативните блокови до таа мера што речиси и нема простор за „обични“ теми. Дури и кога ќе ги има, тие често се обоени од логиката на кампањата. Така новинарството живее во постојан судир меѓу професионалниот идеал и економската реалност и тешко ја задржува професионалната дистанца – не затоа што не знае како, туку затоа што сè помалку има простор за него.“
Навивањето, механичкото пренесување на партиски и други соопштенија, како и преобликувањето на фактите односно манипулирањето, според Чаусидис се најчестите нарушувања на професионалната етика во изборно време.
„Кога станува збор за навивање – проблемот не е само во пропагандата, туку во тоа што се изгуби срамот од неа. Повеќе не се симулира неутралност. Партиските материјали се објавуваат како вести, портпаролите се претставуваат како новинари, а блискоста со политичари е јавна тајна“
Низ динамични дискусии беа споделени размислувања за натамошно зајакнување на медиумската саморегулација, неопходноста од усогласување на домашното законодавство со европското и континуираната едукација со цел да се поттикнува одговорно новинарство и да се зголеми довербата во медиумите.
Дебатите беа организирани во рамки на регионалниот проект„ Нашите медиуми“, со финансиска поддршка од Европската унија.