Наградите за најдобри новинарски стории и фотографии/видео, што Советот за етика во медиумите на Македонија ги доделува во пресрет на 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, денеска им беа врачени на неколкумина новинари и фоторепортер, на свеченост во Европската куќа во Скопје.
Првата награда на конкурост на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“ е доделена за видео сторијата: „Аерозагадувањето во Македонија одзема 5000 животи годишно, како да сме во војна“, од авторките Сунчица Николоска (МРТ), Мирјана Мирчевска Јовановиќ (Канал 5) и Пелагија Младеновска (ИРЛ), објавена на платформата Дома.еду.мк, при Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Втората награда ја освои новинарката Дивна Грданова Караџовска, за видео сторијата „Како да се спаси моликата на Пелистер“, објавена на ТВ Тера од Битола.
Наградата, пак, за најдобра фотографија/видео во медиумска содржина, што СЕММ оваа година прв пат ја воведе, жирито одлучи да му припадне на фоторепортерот Борис Грданоски за фотогарафиите со наслов „Смог“, „Најтопла година“ и „Бегство“.
Пофалници за серија текстови за еколошките црни точки во околината на Велес и Прилеп, им беа доделени на новинарите Катерина Топалова (МРТ) и Орце Костов (Фокус).
Наградите ги врачи амбасадорот на ЕУ во С.Македонија, Михалис Рокас, кој при тоа рече:

„Климатските промени предизвикани од човекот се факт. Како и последиците од нив, кои ќе стануваат сѐ потешки и пораширени доколку не дејствуваме веднаш, колективно и глобално. Во Северна Македонија, последниве години видовме катастрофални поплави, топлотни бранови, уништувачки пожари. Има и други еколошки проблеми, како загадувањето на воздухот, меѓу другото, поради зависноста на земјата од јаглен. Ова со години има сериозно влијание врз здравјето на луѓето. Сето ова јасно зборува за итноста на овие прашања. Потребно е да се делува сега, мислејќи на иднината, следејќи ги столбовите на Европскиот зелен договор, кој не само што се справува со климатските и еколошките предизвици, туку ги претвора и во економски можности.“
Амбасадорот Рокас истакна дека на патот за справување со климатските промени, како пречка стојат дезинформациите:

„ Дезинформациите не само што збунуваат, тие парализираат. Го одложуваат дејствувањето. Создаваат лажна слика на неизвесност што ја попречува потребната реформа на политиките и одговорноста на корпорациите. Уште полошо, дезинформациите поттикнуваат поделби, а универзалната грижа за здравјето на нашата планета ја претвораат во идеолошко бојно поле. Ги поларизираат општествата, заменувајќи ги фактите со недоверба. И несразмерно ги погодуваат маргинализираните заедници, кои веќе го трпат најголемиот товар од климатските промени. Па, што можеме да направиме? Прво, мораме да се едуцираме себеси и другите. Второ, мораме да ги засилиме доверливите и кредибилни извори. Трето, мораме да проговориме и да се спротивставиме на лагите. И четврто, мораме да се залагаме за посилни механизми што ќе го гарантираат правото на јавноста да добие вистинити информации. Денес славиме новинари кои се водат по овие принципи. Кои преку својата работа градат доверба. Кои ја осветлуваат реалноста на климатските промени, ги разобличуваат дезинформациите и ги оспособуваат заедниците со знаење.“
Жирито што ги избра најдобрите стории од вкупно пристигнатите 30 медиумски содржини , од 25 автори, го сочинуваа Ирена Мулачка – главна уредничка на магазинот „Фокус“ , Билјана Георгиевска – извршна директорка на Советот за етика во медиумите и Горјан Јовановски – еко активист и советник во Град Скопје од независната коалиција Зелен Хуман Град. Јовановски рече дека токму новинарите што аплицираа со свои стории за наградата на СЕММ, можат да ги придвижат работите кон подобрување на животната средина во земјата:

„Мораме да ги одликуваме сите оние кои што решиле да застанат на фронтот за климата , за заштита на животната средина и за заштита на нашата иднина тука во Македонија. Бе новинари, како сите што се тука присутни, но и сите што аплицираа на повикот за оваа награда, нема да мрднеме напред. Вие сте на фронтот на борбата, вие сте во првите редови, со вашите новинарски текстови, видеа, фотографии и со вашата издржливост. Многу ми е мило што бев дел од оваа комисија.“
СЕММ по втор пат годишните награди ги доделува за тема поврзана со човековата средина и климатските промени, бидејќи згадувањето и уништувањето на почвата, водите и воздухот во земјава, го доведува во прашање опстанокот на сите, што ги обврзува медиумите да алармираат, да истражуваат и да бараат решенија.
Конкурсот за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“ на СЕММ е дел од активностите во проектот “Градење доверба во медиумите во југоисточна Европа: поддршка за новинарството како општо добро”, поддржан од УНЕСКО, а финансисран од Европската Унија.


