Резултатите од мониторингот што го спроведе Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), со цел да се утврди степенот на почитување на професионалните и етичките стандарди при известувањето на онлајн медиумите за време на Локалните избори 2025 покажуваат подобрување во однос на транспарентноста на структурата на медиумите, но и во наведувањето на изворите на информациите.
Негативни трендови што остануваат како редовна практика во секојдневната работа на онлајн медиумите се т.н копи-пејст новинарство и нагласеното потпирање врз објави на социјалните мрежи како извор на информации, што во изборен период се сметаат за сериозен ризици за читателите.
Анализирани беа 30 онлајн медиуми, во периодот од 20 октомври до 10 ноември 2025 година, поточно информациите што на дневна основа ги објавуваа поврзани со изборниот процес.
Мониторингот опфати просечно по 90 текстови на ден, што овозможи јасна слика за квалитетот, транспарентноста и професионалното известување во период кога јавноста е особено чувствителна во очекувањата точни и кредибилни информациите.
Извештајот е наменет за општата јавност, медиумската заедница и партнерските организации, како чекор кон подобрување на медиумските практики.
Мониторингот беше спроведен преку комбиниран пристап кој вклучува квантитативна и квалитативна анализа на медиумските објави. Секој текст беше оценуван според критериуми поврзани со транспарентноста на медиумот, пристапот во известувањето, професионалната атрибуција на извори, заштитата од дискриминација, почитувањето на пресумпцијата на невиност и присуството на плагијаторство.
Овие параметри се темелат врз Кодексот на новинарите на Македонија и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите.
Проценките се правени од обучен мониторинг тим, а обработката на податоците беше извршена со стандардизирани статистички техники.
Целосниот извештај за мониторингот за известувањето на онлајн медиумите за време на Локалните избори 2025 година можете да го преземете тука: Мониторинг на онлајн медиумите за време на Локалните избори 2025