Сте преброиле ли некогаш колку информации добивате дневно? За колку од нив сте ја провериле веродостојноста? Информациите со кои располагаме се алатката со која ги креираме нашите одлуки. Вредни и вистинити информации – правилни одлуки!
Студентката Бојана Спасовска од Скопје има дваесет години и смета дека младите се подложни на дезинформации и од медиуми и од порталите што креираат содржини без почитување на новинарската етика, но и од јавни личности и лица кои сметаат дека на социјалните мрежи можат да објавуваат што сакаат. На тој начин, признава Бојана, младите можат да бидат изманипулирани, па дури и загрозени од содржини кои навидум им изгледаат привлечни.
„Младите најчесто се информираат преку социјалните мрежи, а во онлајн просторот дезинформациите се најмногу застапени. Младите не обрнуваат многу внимание дали информацијата е точна или не и ретко ја проверуваат“, вели Бојана.
Според психологот и психотератевт Радмила Живановиќ, младите најчесто не знаат дека се дезинформирани исто како што не знаеме ниту ние возрасните, посебно кога сите сме преплавени со информации, капацитетот да се процени што е вистина што е дезинформација или спин е значително намален. Младиот станува гладен за информации, а притоа не знае како да ги процесира или потврди тие информации и да ги стави во функција, поради недостаток од искуство и можности.
„Секоја информација се зема за релевантна, а тоа може да им создаде голема конфузија во однос на тоа што е реално, а што не. Како да се брише границата помеѓу реалноста и фикцијата, и се’ станува или премногу реално или целосна фикција. Кога е премногу реално создава огромна преоптовареност и анксиозност, кога е фикција, пак, се губи контактот со реалноста и може да доведе до изолација и живеење во сопствен свет“, дополнува Живановиќ.
Вознемиреност, слабост и неспокојство поради дезинформации
Студентката Бојана објаснува дека кога сака да се информира за одредена тема следи неколку медиуми на социјалните мрежи за кои таа смета дека се кредибилни и продуцираат точни и проверени вести. На тој начин верува дека е заштитена од дезинформации, иако остава простор и во тие медиуми да се објави непроверена информација, па младите да ја читаат, слушаат и споделуваат без да проверат и во друг медиум, или да пребараат на интернет.
Според комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, младите се изложени на поголем ризик од дезинформации. Токму поради тоа важно е секој од нас да придонесе за идентификација на поединците и групациите што создаваат и шират неточни и непроверени содржини. Од друга страна, додава Кордилов, треба да вложиме и во едукацијата, во образовниот систем, и во креирањето на повеќе продуктивни дигитални содржини со цел да се зголеми дигиталната писменост и да се застане на патот на ваквите ризици.
„Фактите се во полза на младите во делот на нивната снаодливост во онлајн просторот, особено споредено со повозрасните генерации. Но, она што не амнестира никого од нас, како возрасни, е фактот што правилата и начинот како да се однесуваат децата во онлајн просторот на почетокот го стекнуваат од нас, како и од одговорните за нив во институциите уѓте од раното образование и воспитание“, дополнува Кордалов.
Универзитетскиот професор Страшко Стојановски смета дека младите дури и не се подложени на дезинформации во голема мера, за разлика од повозрасното население кое многу полесно подлегнува на манипулација или пропаганда. Ваквата претпоставка се темели на повисокиот степен на медиумска писменост кај младите и широко достапниот дијапазон на диструбуција на вести, особено преку социјалните мрежи, кон кои пристап има целокупното население.
Едно од влијанијата на дезинформациите врз младите, според професорот Стојановски, е можноста да изградат погрешна слика за реалноста. Тоа, во крајна истанца, може да ја поткопа довербата во институциите, да предизвика паника, па дури, доколку е проширено во поголем обем, може да го дестабилизира општеството.
За време на ковид-пандемијата сите се соочивме со бран дезинформации што се ширеа низ социјалните мрежи, на пример дека вакцините содржат чипови за луѓето да бидат чипирани, или се објавуваа упати за тоа кој лек е најефикасен против короната, главно за да се стекне профит во кризни услови. Во таквите вести веруваа и повозрасните. Дезинформациите за бомбите во училиштата, од друга страна, беа главна тема неколку месеци со кои секојдневно започнуваа вестите. Родителите чувствуваа паника и несигурност дали децата треба да ги пуштат во училиште, а децата чувствуваа страв надевајќи се дека денот ќе помине без најава за лажна бомба.
Психологот Живановиќ, за последиците врз децата од претрпениот страв од дезинформациите за „бомбите“ во училиштата, вели дека лажните дојави создаваат интензивен страв, терор и паника, што не заминуваат откако ќе се утврдува дека одредена дојава е лажна. Тој страв и паника беа долготрајни чувства, како фон за понатамошните однесување, голема претпазливост, вознемиреност, слабост и неспокојство.
„Дојавите не влијаат само на децата туку на сите во семејството кои се грижат за добробитта на децата. Имаат потенцијал да покренат уште поголема вознемиреност и страв, несигурност, горчина и бес посебно кон системот кој треба да не штити од вакви злокобни сценарија.“, објаснува Живановиќ.
Како можат младите да се изборат со дезинформациите?
Комуникологот Кордалов посочува дека прво треба да се создадат генерации возрасни луѓе -родители, наставници и професори кои и самите ќе бидат отпорни на лажни вести, на теории на заговор и дезинформации. Тие треба да имаат развиено критичко и креативно размислување, личен став базиран на факти и храбри мислења за тоа како да се решаваат проблемите и предизвиците, како секојдневно да постапуваме заподобро, понапредно и поинклузивно општество за секој човек.
„Наместо два листа или табак за пишување, потребни се дигитални средства и апликации што се корисни во учењето на децата и младите и што овозможуваат тие да стекнат критичко размислење, креативност и првенствено целосна дигитална писменост“, потенцира комуникологот.
Професорот Стојановски истакнува дека младите, за да можат да се изборат со дезинформациите, треба да постигнат повисоко ниво на медиумската писменост, особено во сферите во кои се најактивни.
„Тука не се подразбираат ад-хок решенија добиени преку работилници, кампањи и едукации за препознавање на веста во техничка смисла на зборот, туку пред се преку поттикнување на критичкото мислење на младите. Ова е поврзано со сите општествени агенции, почнувајќи од семејството, преку образовниот систем, па се до улогата штоз медиумите ја имаат за консумација на веста“, дополнува универзитетскиот професор.
Според психологот Живановиќ младите треба да ги знаат ризиците и последиците од неточни информации и нивното ширење. Треба самите да се едуцираат и да зајакнуваат способности да се справат со нив, да им се обезбеди постојана психичка поддршка доколку се дел од некаква псевдоприказна спинувана на социјалните мрежи со ризик да бидат јавно „линчувани“, да ја разберат сопствената одговорност во ширењето на говорот на омраза и во дезинформациите, да знаат како да ги проверат изворите на информациите и да создадат врснички механизми со кои можат да се спротивстават.
Сомничавост и проверка како одбрана од дезинформации
Младите се чувствуваат излажани, измамени и се помалку веруваат во реалноста и во вистинитоста на информациите. Според Живановиќ може да се појави анксиозност, повлекување во себе, дури и депресивност, особено кога и самите се дел од креирањето дезинформации. Најлошите последици се одредени психички нарушувања и само-деструктивност.
Луѓето што им подлегнуваат на дезинформациите си прават штета себеси. Во оваа смисла, Кордалов посочува особено на лицата што веруваат на дезинформации поврзани со здравјето. Тие ризикуваат да не примат одредена важна медицинска терапија, за сметка на разни средства што се рекламираат како „спас“ за одредена болест, загрозувајќи си го сопственото здравје и животот, или пак здравјето на некој близок, на сметка на финансиската добивка на тој што ја креирал дезинформацијата.
Ова особено негативно влијае врз младите бидејќи тие се поизложени на информации преку разни канали. Може да го наруши нивното ментално здравје и развојот, од што долгорочно може са имаат последици.
Во ова мноштво од видеа, фотографии, текстови што секој може да ги напише и да ги објави на интернет, тоа што на сите ни преостанува е да бидеме внимателни и темелно да ги проверуваме информациите.
Авторка: Ивана Крстеска јаневска
Оваа сторија е во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на медиумите против дезинформациите во Северна Македонија“, поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени во оваа сторија се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.