На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во тек е процес за креирање нов етички кодекс за новинарите и медиумите, како надградба на верзијата од 2001 година, што ќе ги одрази современите предизвици и потреби на новинарската и медиумската заедница.
Како поддршка на процесот веќе се изработени два документа, кои обезбедуваат аналитичка основа и насоки за модернизација на етичките стандарди во новинарството.
Првиот, насловен, „Темелна ревизија на актуелните практики за етика во новинарството,“ ги анализира предизвиците и слабостите на постојниот кодекс, особено во делот на справување со дезинформации, говор на омраза и употреба на вештачката интелигенција, и нуди препораки за зајакнување на транспарентноста, за известување за ранливи групи и засилување на стандардите за проверка на фактите. Документот е достапен на македонски (линк) и албански јазик (линк).
Вториот со наслов, „Од глобални искуства до локални стандарди: Етички предизвици и решенија во новинарството,“ нуди споредбена анализа на глобалните етички практики и предизвиците со кои се соочени медиумските саморегулаторни тела на земјите во Европа. Публикацијата содржи предлози за решенија и насоки за обезбедување уредувачка независност, транспарентност во финансирањето и справување со манипулативни медиумски практики. Посебно внимание е посветено на етичките дилеми поврзани со употребата на новите технологии и алгоритмите, како и на потребата од заштита на малолетниците во медиумските содржини. Документот е достапен на следниот (линк).
Консултациите се отворени за сите медиумски професионалци, со цел да креираме кодекс што ќе биде репрезентативен за сите сегменти на општеството. Во процесот што започна во втората половина на 2024 година, а ќе продолжи во пролетните месеци во наредната година, ги каниме сите заинтересирани страни и поединци да се вклучат и да придонесат за нов квалитетен етички кодекс што ќе одговори на современите предизвици и ќе ја зајакне довербата на јавноста во медиумите. Првата нацрт верзија на документот ќе биде објавена за сите заинтересирани да споделат коментари и размислувања.
Изработката на новиот етички кодекс се реализира во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ) во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).