Кодекс за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми

Кодексот е изработен на иницијатива на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во соработка со Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата „Метаморфозис“.

 Септември, 2023 година

Потврдувајќи ја определбата на модерните демократии за заштита и почитување на основното право на слобода на изразување и информирање, гарантирано со членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи;

Потсетувајќи на важноста од постоење голема разновидност на независни и самостојни медиуми во демократските општества, кои можат да ја одразат разноликоста на идеите и мислењата, и на фактот дека новите информациски и комуникациски техники и сервиси мора да се користат ефективно за да се прошири доменот на слободата на изразување;

Осудувајќи ги сите форми на изразување што поттикнуваат расизам, ксенофобија, антисемитизам и клима на нетрпеливост, омраза, насилство и дискриминација, како и секое дејство или говор што може да ги засили стравот и тензиите меѓу групите од различно расно, етничко, национално, религиозно или општествено потекло, затоа што ги поткопуваат демократијата, културната кохезија и плурализмот;

Истакнувајќи дека таквите форми на изразување можат да имаат поголемо и поштетно влијание кога се пренесуваат преку медиумите со оглед на нивната улога во модерните општества, посебно за време на избори и референдуми;

Земајќи го предвид брзиот развој на технологијата и појавата на новите медиуми, сѐ поголемата употреба и влијание на социјалните мрежи врз изборните циклуси, и импликациите од кружењето на нецелосни, неточни или злонамерни информации, особено во онлајн просторот врз демократијата;

Имајќи ги предвид инцидентите со собирање лични податоци и нарушувањето на приватноста на граѓаните, како и опасноста од нивна злоупотреба за ширење говор на омраза, шпекулации и дезинформации;

Загрижени дека нетранспарентноста или недоволната транспарентност на кој било аспект од изборниот процес може да го наруши интегритетот на изборите;

Во согласност со правната и политичката рамка за медиумите и изборите, вклучувајќи ги, но не ограничувајќи се на Изборниот законик, Законот за медиуми, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, Кодексот за етика на новинарите на Македонија и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите

Се донесе следниов

КОДЕКС ЗА ОДНЕСУВАЊЕ ВО ОНЛАЈН ПРОСТОРОТ ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРНИ ПРОЦЕСИ И РЕФЕРЕНДУМИ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Опсег на Кодексот

Член 1

Овој Кодекс го опфаќа однесувањето на политичките партии, нивните кандидати и независните кандидати во онлајн просторот (вклучително на социјалните мрежи), за време на изборните циклуси и референдуми. Кодексот ги опфаќа и интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.

Кодексот ќе служи како насока за добро однесување заради обезбедување интегритет на информациите за време на избори и референдуми и транспарентност на политичкото рекламирање и неговото финансирање, приватност и безбедност на обработката на личните податоци на граѓаните, како и за спречување на ширењето дезинформации (неточни, нецелосни, лажни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа.

Почитувањето на овој Кодекс е на доброволна основа и не е замена за постоечките или за идни законски правила и прописи, но е алатка којашто ги повикува на индивидуална одговорност субјектите на кои се однесува.

Цел на Кодексот

Член 2

Целта на Кодексот е да се зголеми транспарентноста на изборите како и да се зајакне довербата на граѓаните преку обезбедување поволен амбиент и услови за почитување на законски загарантираните права, на слободата на изразување и информирање, како и на приватноста и безбедноста на личните податоци на граѓаните во онлајн просторот.

Дефиниции

 Член 3

За потребите на овој Кодекс, одредени поими се дефинираат на следниов начин:

„Изборен процес“ е времето од датумот на донесување на актот за распишување на изборите до датумот на објавување на конечните резултати од одржаните избори.

„Изборна кампања“ е јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми во предизборниот период за одреден вид на избори;

„Изборен молк“ започнува и трае во период од 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.

„Учесник во изборна кампања“ е овластено лице од политичка партија, коалиција или група избирачи кои ја организираат изборната кампања;

„Директен пристап до избирачите“ се облиците на бесплатно политичко претставување и на платено политичко рекламирање, преку кои учесниците во изборната кампања слободно ги промовираат своите програми, ставови и кандидати;

„Платено политичко рекламирање“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој за паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите. Видови платено политичко рекламирање се: огласи, соопштенија, политички изборни спотови, музички спотови што функционираат како химни на учесниците во изборната кампања, преноси или снимки од митинзи, средби и други настапи на учесниците во изборната кампања;

„Социјални медиуми“ се платформи базирани на интернет кои овозможуваат интеракција меѓу корисниците и во чии рамки тие можат да создаваат, споделуваат и разменуваат информации преку виртуелни заедници и мрежи. Социјалните медиуми можат да вклучуваат, но не се ограничени на Facebook, Twitter, YouTube, Instagram, ТикТок, блогови, форуми и слично.

„Неспонзорирани содржини на социјалните медиуми“ се содржини кои ги креираат корисниците во реално време и за чија објава, односно промовирање, не се плаќа. Под вакви содржини се подразбираат објави, фотографии, видеа, мемиња, „приказни“ и слично, кои корисниците употребувајќи ги бесплатните алатки на социјалните медиуми ги користат за интеракција со другите корисници на социјални медиуми.

„Онлајн медиуми“ се медиуми базирани на интернет, кои потекнуваат од еден извор или од статична веб страница при што содржините може да се читаат/следат или преземаат преку веб-прелистувачи и служат за пласирање уреднички обликувани содржини кои досегаат до голема публика и чија намена е да информираат, забавуваат или образуваат.

„Дезинформации“ се информации коишто се погрешни и намерно креирани за да нанесат штета на личност, група, организација или држава.

„Злонамерни информации“ се вистинити, но злонамерни информации коишто се споделуваат за да предизвикаат штета, често со пренесување на информациите што треба да останат приватни.

„Лажни вести“ се неточни, понекогаш сензационалистички, текстови создадени со цел да привлечат внимание, да доведат во заблуда, да измамат и/или да наштетат. Тие не мора да бидат целосно лажни за да бидат манипулативни, можат да бидат точни, но нецелосни, да недостасуваат клучни детали или да се претставени во погрешен контекст и на тој начин да го манипулираат консументот.

„Трол-фарма“ е група корисници коишто спроведуваат дезинформациски пропагандни активности на интернет. Активностите често се затскриени како спонтани или како работа на некоја агенција за односи со јавноста или пак некоја друга група. Трол-фармите главно ги постигнуваат своите цели преку дезинформации и говор на омраза.

„Проверувачи на факти“ се организации кои врз основа на однапред определени критериуми ја проверуваат фактичката точност на сомнителните содржини, извештаи и изјави. Проверката на фактите може да се спроведе во рамки на самите редакции пред објавување на информацијата, или јавно од страна на специјализирани медиуми, организации или оддели за проверка на факти откако текстот или содржината ќе бидат објавени или на друг начин дистрибуирани.

НАЧЕЛА И СТАНДАРДИ

Начела и стандарди за медиумите

 Член 4

Сите медиуми, како традиционалните така и онлајн медиумите, треба да се придржуваат до новинарските стандарди и правила востановени во Кодексот на новинарите на Македонија и во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите изготвени од Советот за етика во медиумите, истовремено почитувајќи ги принципите на човековото достоинство и недискриминација.

Ова особено важи при нивното информирање за време на изборни процеси и референдуми, со оглед на тоа што гласачите треба да можат ним да им веруваат и да имаат доверба во содржините коишто тие ги емитуваат или објавуваат за време на изборните кампањи.

Онлајн медиумите,  радиодифузерите и нивните интернет изданијата  сносат општествена и етичка одговорност, поради што треба да:

  • објавуваат и шират вистинити и точни информации, чија веродостојност е проверена, особено доколку истите ги добиле преку социјалните мрежи, блогови и други извори на интернет. Ако вистинитоста на одредена информација не може да се потврди, овој факт треба соодветно да се нагласи;
  • објават корекција доколку претходно објавената информација е погрешна, согласно Законот за медиуми;
  • ги пренесуваат информациите на јасен и недвосмислен начин така што публиката ќе може да направи јасна разлика меѓу вест и коментар;
  • објавуваат разни ставови и гледишта и нема намерно да прикриваат или да премолчуваат важни факти чие обелоденување може да влијае врз толкувањето на содржината;
  • го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации;
  • го почитуваат правото на заштита на личните податоци при процесот на информирање согласно Законот за заштита на личните податоци;
  • известуваат без сензационализам, стереотипи, предрасуди, поттикнување на насилство, дискриминација, говор на омраза и потпалувачки говор;
  • го наведат изворот секогаш кога објавуваат информации, фотографии, видеа или слични содржини што не се нивни, и да обезбедат линк кон оригиналната содржина;
  • одбијат да објават каква било реклама за пропагандни или промотивни цели доколку нарачателот не е јасно означен;
  • во случај на платено политичко рекламирање јасно ќе го означат рекламирањето како такво;
  • ги почитуваат правилата за изборен молк и да не објавуваат содржини со кои ќе го прекршат.


Начела и стандарди за политичките партии и (независните) кандидати

Член 5

Интернетот им овозможува на политичарите да имаат директна интеракција со граѓаните, да досегнат до поразновидна публика и да ги поттикнат корисниците/„следачите“ да споделуваат содржини за нивна поддршка.

Ширењето неточни, нецелосни, лажни или злонамерни информации во комбинација со говор на омраза може да ги заплаши гласачите и да поттикне насилни конфронтации, што може да ги доведе во прашање кредибилноста и легитимитетот на изборните резултати.

Имајќи го ова предвид, политичките партии, нивните кандидати, и независните кандидати за време на изборните процеси, како и предлагачите и противниците на референдумските прашања за време на референдуми:  

  • ќе ги користат социјалните медиуми на начин што ќе биде јасно чиј е, односно кој е одговорен за профилот/страната;
  • ќе осигурат носителите на јавна функција да ги користат официјалните профили/страници на социјалните мрежи исклучиво за промовирање на активностите реализирани во службено својство, а не за промоција на изборните програми;
  • ќе се воздржуваат од злоупотреба на моќта на социјалните мрежи и од намерно креирање, објавување и ширење информации со цел промовирање на неточни, нецелосни или злонамерни информации и спинови;
  • ќе се воздржуваат од и ќе осудат секаква употреба на автоматски ботови и/или неавтоматски организирани структури на социјалните мрежи (тролови и трол-фарми)  за оркестрирано злонамерно ширење дезинформации, за манипулирање со јавното мислење и со ставовите на граѓаните, за собирање политички поени или кибер-малтретирање, а особено кон новинари и други медиумски работници;
  • ќе ги почитуваат правилата и стандардите за заштита на личните податоци согласно прописите за заштита на личните податоци;
  • ќе се воздржат од какво било неетичко однесување на интернет со кое би влијаеле врз гласачите за тие да не го остварат своето избирачко право;
  • ќе настојуваат да користат аргументи и факти во јавните дебати и дискусии, примерен и учтив јазик во комуникацијата со јавноста, и ќе ги почитуваат различните ставови и мислења;
  • ќе се воздржат од водење негативна кампања против своите опоненти;
  • ќе се воздржуваат од и строго ќе го осудуваат користењето говор кој поттикнува насилство, религиска или меѓуетничка нетолеранција или дискриминација врз која било основа;
  • ќе бидат транспарентни, односно ќе објават информации за сопственоста, и/или каков било вид на поврзаност (нивна или на членовите на нивните семејства) со онлајн-медиумите;
  • ќе бидат транспарентни за онлајн-рекламирањето така што секогаш јасно ќе се означат дека тие се нарачателите на политичкото рекламирање, а во случај кога нарачатели се трети лица, ќе се произнесат каква е нивната поврзаност со нив;
  • ќе бидат транспарентни, односно ќе објават информации за потрошените средства за платено политичко рекламирање на социјалните медиуми и други онлајн алатки;
  •  ќе се воздржат од објавување содржини на нивните лични интернет профили/сметки со кои би можеле да го прекршат изборниот молк (според дефиницијата во Изборниот законик).

 Начела и стандарди за проверувачите на факти

Член 6

Проверувачите на факти ќе се придржуваат до Кодексот на меѓународната мрежа за проверка на фактите и до Европскиот код на стандарди за независни организации за проверка на факти, и особено:

  • ќе ги почитуваат воспоставените стандарди за начинот на работа, етика и транспарентност со цел најдобро да му служат на јавниот интерес;
  • при секоја проверка на факти ќе се водат од начелото дека доказите ги диктираат заклучоците;
  • сите извори ќе ги наведуваат со доволно детали за да можат читателите сами да ја реплицираат нивната работа и да дојдат до заклучокот. Исклучок ќе биде само кога деталното откривање на изворот може да ја загрози безбедноста на неговите/нејзините лични податоци;
  •  ќе бидат транспарентни за методологијата што ја користат, зошто и како избрале и испитале одредени прашања;
  • јасно ќе појаснат што е тоа што легитимно може да се провери, и притоа ќе ги охрабрат граѓаните, но и други заинтересирани страни да испраќаат барања за проверка на факти;
  • ќе објават политика за корекции и појаснувања и цврсто ќе се придржуваат до неа. Корекциите ќе бидат објавувани на видно место со цел да се овозможи видливост на коригираната верзија.

ТЕЛО ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ И ПОСТАПУВАЊЕ ПО ПРЕТСТАВКИ

 Член 7

За следење на почитувањето на начелата и стандардите од овој Кодекс ќе се формира Координативно тело, во рок од шест месеци од неговото потпишување и ќе функционира од денот на распишување на избори/референдум до нивно завршување.

Координативното тело ќе биде составено од претставници на институциите/организациите кои се иницијатори на овој Кодекс: Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата Метаморфозис. Начинот на дејствување на телото и постапката за поднесување претставки до телото ќе бидат уредени со Меморандум за соработка.

Доколку е потребно, неговиот состав може да се проширува и со други релевантни претставници, по пат на Анекс на Меморандумот за соработка.

Координативното тело може да се обрати до други институции за мислење или експертиза кога прашањето што го разгледува е целосно или делумно во надлежност на друга институција или тело.

Сите претставки и одговори ќе бидат објавени на посебна интернет страна, креирана за оваа намена, во согласност со Законот за заштита на личните податоци и прописите донесени врз основа на овој закон и согласно член 10 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

 

ПРИСТАПУВАЊЕ КОН КОДЕКСОТ

 Член 8 

Сите заинтересирани страни може да му пристапат на Кодексот со потпишување Пристапница со што доброволно се обврзуваат на почитување на неговите правила и начела.

Потпишаната Пристапница се доставува до Координативното тело од член 7 на овој Кодекс.

Откако ќе се обврзат на доброволно почитување на Кодексот, сите оние кои му пристапиле, на интерно ниво активно ќе ја подигаат свеста за неговото постоење и за стандардите утврдени во него.

Scroll to Top