Слободата на говор треба да се негува, а злоупотребата на истиот не смее да се потцени. Во оваа насока, Адам Мичник, познат полски публицист и есеист, ќе каже „Луѓето убиваат првин со зборови, а дури потоа со мечот“. Тој со оваа своја мисла само нè потсетува на значењето на јавниот говор, но, исто такам нè предупредува дека не треба да се потценува злоупотребата на слободата на изразување.
Моќта на јавно кажаниот збор во модерното време има повеќе влијание од кога било и има неколку причини зошто е тоа така.
Прво, во последните години, секојдневната комуникацијата помеѓу луѓето има тенденција да биде дигитална на затворени апликации или полуотворени социјални мрежи, а една од најдоминатните е Фејсбук мрежата. Повеќе од една третина од луѓето во светот или 2.7 милијарди имаат свој Фејсбук профил, а во Република Северна Македонија, според Датапортал, од 1.69 милиони корисници на интернет над 1.1 милиони ги користат социјалните мрежи, а најмногу Фејсбук. Ова значи дека повеќе од половина од граѓаните во Северна Македонија кои имаат пристап до интернет се присутни активно или пасивно на социјалните мрежи, што е значително поголем процент од светскиот просек.
Втор аргумент е дека непознавањето на ризиците од злоупотребата на говорот и користењето на говорот на омраза дури и на социјалните мрежи може да предизвикаат општествени тензии кои би го нарушиле јавниот ред и мир. Дополнителен фактор е релативно ниската култура во јавната комуникација на политичарите во Република Северна Македонија, која е особено изразена во партиските кампањи пред избори без разлика дали станува збор за редовни или вонредни. Во услови на очигледна поларизација по политичко – партиска припадност во општеството преку ваквата, честопати, непримерна комуникација од најголем дел од политичарите се поттикнуваат групи на граѓани да шират омраза и нетрпеливост најчесто на социјалните мрежи, но и на јавни собири. Природата на искажаната омраза во овој контекст е вообичаено по партиска припадност, но честопати може да биде и на друг основа, како што е етничката, религиозната или сексуалната.
И трето, а можеби и најважно, е неказнивоста на говорот на омраза и јавните закани, пред сè, на социјалните мрежи во домашен контекст, кои, за жал, се секојдневие. Според Здружението на новинари на Македонија, во моментов има само две правосилни пресуди кои Кривичниот законик ги квалификува како дела од говор на омраза (член 319) и само неколку пресуди за јавно искажани закани со кои се загрозува безбедноста на поединецот или група на луѓе. Недостигот на судска пракса говори дека проблемот со неказнувањето кога се користи говорот на омраза во јавниот дискурс, пред сè, е системски, а ова, пак, може да предизвика сериозна штета на безбедносен план ако се толерира јавно искажаната омраза од страна на надлежните институции.
Токму овие три фактори во комбинација – лесно достапниот интернет, односно дигитални платформи за масовна комуникација, политичката некултура која се одразува на начинот на комуникација на граѓаните и високиот степен на неказнивост се опасна подлога за сериозен безбедносен ризик во Република Северна Македонија не само за поединци и групи туку и за целото општество.
Граѓаните треба да знаат дека, според членот 10 од Европската конвенција за човекови права, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и преземање информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Уште поважно е тоа што ова право не е апсолутно и кога ќе ги загрози другите права, посебно апсолутните како што е правото на живот или правото на мисла, подлежи на одредени ограничувања.