Глас за сите во медиумското известување

„На почетокот на пандемијата очекувавме дека медиумите ќе бидат поодговорни и нема да известуваат согласно практиките на известување за политички настани и процеси. Нашата статистика покажува дека најмногу се нарушува членот 1 од Кодексот, којшто подразбира објавување точни и проверени информации, што значи дека јавниот наратив беше обземен со лаги и шпекулации. Обврска ни е да се бориме против овие појави“, истакна претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Катерина Синадиновска.

2204 2

Неда Чаловска Димовска, експертка за родова еднаквост, малцинства и недискриминација оцени дека предрасудите и стереотите се доста присутни во нашето општество, особено поради тоа што години наназад не се работело на нивното искоренување. Оттука постои потреба од системска поддршка за инклузија на маргинализираните групи. Таа ги претстави механизмите за заштита од дискриминација и повреда на права, упатувајќи како на меѓународната регулатива, така и на националната правна рамка. „Стереотипите и предрасудите се присутни во сите општества, но разликата лежи во тоа колку државата ќе ги адресира и ќе обезбеди системска поддршка за вклучување во општествените процеси“, нагласи Чаловска Димовска.

2204 3

Извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, опишувајќи ги најчесто пријавуваните случаи на непрофесионално известување за ранливите групи, истакна дека за нив доминираат сликите на жртви, некои коишто се идентификуваат според припадноста, помалку се претставуват како некои со моќен статус во општеството,   не се видливи и ги нема во медиумското известување. „Одговорното и инклузивно новинарство значи подигнување на видливоста на маргинализираните лица во теми коишто не се однесуваат само на нив. Нечија возраст, пол, етничка припадност, религија, правен статус, попреченост, брачен статус и сексуална ориентација треба да се споменат само онаму каде што се директно релевантни за некоја сторија“, истакна Тунева. Директорката на СЕММ ги претстави и одредбите содржани во Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, подготвени со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и Насоките за инклузивно медиумско известување за Ковид-19, подготвени со поддршка од УНЕСКО во рамки на проектот финансиран од ЕУ „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа – фаза 2“.

2204 4

Претставувајќи го статистичкиот преглед од работата на Комисијата за жалби при СЕММ, Даниел Димитриески, координатор за програми и прием на жалби, истакна дека минатата година СЕММ забележува двојно зголемување на доставените жалби во споредба со 2019 година. Најмногу реагираат граѓаните и граѓанските организации, истакна тој, упатувајќи ги и понатаму да реагираат на случаите на непрофесионално и неетичко известување во медиумите, преку поднесување жалба до СЕММ.

Настан: Инклузивно известување за различностите во медиумите во време на Ковид-19

2204 5

2204 6

 

Scroll to Top