Прво место, според едногласната одлука на 3-членото жири, освои редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија за сторијата на тема „Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ“. Сторијата опфаќа мошне релевантна и содржајна тема од поширок јавен интерес, којашто открива меѓународна мрежа на злоупотреби во име на профитот во време на пандемија. Жирито истакнува дека сторијата се одликува со силен новинарски и тимски ангажман, висок квалитет, урамнотеженост и ексклузивност, со добра визуелна опременост и соодветни извори на информации.
Втората награда на годинешниот конкурс на СЕММ ја oсвои сторијата со наслов „ТВ 21 влезе во лабораторија, како се обработуваат тестовите со коронавирус“, на авторот Јовица Пауновски, објавена на Телевизија 21. Се работи за репортажа која носи актуелна приказна од Лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина, Скопје, каде што се обработуваат брисевите од пациенти со симптоми на Ковид-19. Со длабински пристап и значителен новинарски и снимателски ангажман, репортажата ги објаснува постапките во правењето на тестовите за коронавирусот, условите и начинот на којшто се работи и луѓето кои се вклучени.
Жирито одлучи на годинешниот конкурс третата награда да ја поделат новинарски трудови на двајца автори.
Во првиот случај наградени се ТВ-прилозите „Битката за храна посилна од стравот од КОВИД-19“ и „Дијабетот – втор најголем ризик за коронавирусот“ на авторката Катерина Топалова, емитувани на МТВ. Топалова на едноставен, разбирлив и приемчив начин обработува прашања од клучна важност за неколку ранливи категории на граѓани над кои бдее опасноста од болеста КОВИД-19, во случајов за најсиромашните слоеви и заболените од дијабетес.
Вториот серијал третонаградени стории се „Во село Баланци и во Дебар непосредно пред прогласувањето на кризна состојба“ и „Најголем број од новозаразените во последните недели се од неколку скопски општини и од Тетово – слика од терен“ на авторот Хекуран Акифи, емитувани во емисијата 360 степени, на телевизија Алсат – М. Низ силен новинарски (и снимателски) ангажман и посветеност, претставени се две, тогаш актуелни, жаришта на кризата со коронавирусот, обработувајќи ги сите релевантни аспекти и претставувајќи ги проблемите на сите вклучени страни.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и две пофалници. Првата пофалница се доделува за новинарскиот труд на авторот Петре Димитров за сторијата со наслов „Македонски маски, визири, тунели за дезинфекција, скафандери: Коронавирусот отвори и нови бизнис можности“, објавен на порталот Емагазин. Жирито одлучи да му додели пофалница на новинарот Зоран Јованоски, за сториите „Истражување: зошто ги нема, а и ако ги најдете се поскапи – маските, средствата за дезинфекција, ракавиците“ и „Во струшко Лабуништа раздвижено и по 5 починати и 20-ина заразени од коронавирусот“, емитувани во емисијата 360 степени, на ТВ Алсат М.
Со жирито претседаваше Венера Азизи, а негови членови беа и Емилија Петреска Камењарова и Герман Филков.
Како што истакна извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, без неуморната работа на медиумите и професионалното известување, на граѓаните ќе им недостигаа многу информации околу справувањето со вирусот, ниту, пак, ќе беа во можност да се изборат со мноштвото дезинформации, шпекулации и невистини кои што дополнително ја зголемуваат загриженоста и стравувањето кај јавноста.
Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции, кои објавиле свои стории во медиумите во Македонија, во периодот од 1 јануари до 31 мај годинава. На годинешниот конкурс се пријавија вкупно 66 новинарски стории од кои 28 објавени на телевизија, 26 на интернет портали, шест во новинска агенција, три во печатени медиуми и три на други медиумски платформи, односно вкупно 30 автори.
Наградите се доделуваат со финансиска поддршка од УНЕСКО и ЕУ во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција – фаза 2“.