Дезинформациите моќен непријател на ЛГБТИ+

Дезинформациите се еден од најмоќните непријатели на ЛГБТИ+ лицата во државата. Измислените приказни создаваат вистински пекол за нив. „Не е болест и не е заразно да се биде ЛГБТИ+ лице “– ова е вистината што треба да се пренесува, порачуваат припадници на оваа малцинска заедница, кои сакаат да останат анонимни – со цел да се избегнат дезинформациите околу лицата со различна сексуална ориентација и да се почитуваат различностите. Особено се загрижени поради напливот лажни информации што покренуваат говор на омраза и ја доведуват во прашање нивната безбедност и безбедноста на општеството. Велат дека дезинформациите како вирус се шират помеѓу населението, преку социјални мрежи и во дел од интернет порталите. На нив често се „лепат“ и дискриминаторски коментари, но и коментари што отворено повикуваат на насилство.

„Секој од нас можно е да има блиска личност која можеби е ЛГБТИ+ лице. Во општество како нашето во кое луѓето со различна сексуална ориентација не се прифатени, тие се принудени да живеат изолирано. Овие лица освен со предрасуди и табуа, мора да се борат и против дезинформациите. Бројни се дезинформациите. Но, се чини дека најголеми последици оставаат тие што тврдат дека тоа е заразно и може да се пренесе на друг. Ниту е заразно ниту е вистина дека станува тренд, помодарство, туку едноставно станува збор за судбинско нешто. А ако судбината така сакала, треба да се почитуваат различностите. Многу е важно да им се застане на патот на дезинформациите што им го загорчуваат животот на овие лица и ја нарушуваат нивната безбедност“ – истакнуваат припадници на ЛГБТИ+ заедницата кои се чувствуваат обесправени во државата во која се родиле, а ги имаат истите обврски кон неа како и сите други луѓе.

Не се демони и бабароги, ЛГБТИ+ може да е сечија блиска личност

Со Елена Данова, активист за човекови права и особено за правата на ЛГБТИ+ заедницата, претседателка на Здружение за едукативен развој „Еквалис“, разговаравме за поврзаноста меѓу дезинформациите и нарушувањето на безбедноста на припадниците на оваа заедница. Таа вели дека како здружение, заедно со неколку други, им даваат поддршка на овие лица, имаат бројни проекти преку што придонесуваат за подигнувањето на свеста кај населението и подоброто разбирање за оваа малцинска заедница.

„Застрашувачки говор на омраза добивавме изминатиот период. Дезинформациите и лажните вести многу очигледно ја засилуваат омразата присутна меѓу населението кон ЛГБТИ+ лицата, а особено во последните неколку години кон трансродовите лица. Она што ние како организација го согледуваме, е, дека многу често ЛГБТИ+ лицата се демонизираат и се претставуваат како „баба роги“ преку разни неточни и измислени приказни“ – истакна Данова.

Таа додава дека всушност најголемите гласноговорници против ЛГБТИ+ луѓето и нивните човекови права, се јавни личности кои на населението му станаа познати преку нивните теории на заговор во времето на пандемијата.

„Сега нивна главна преокупација се ЛГБТИ+ лицата и измислувањето приказни за тоа како некој сака присилно „да ги конвертира децата“ во нешто друго. Реалноста е дека ваквите антиродови групи кои шират дезинформации, постојано се повикуваат на нелегитимни извори, на непостоечки „истражувања“ од Запад или на целосно измислени и фантастички теории преку што сеат страв меѓу народот. Ваквиот страв е ирационален и придонесува децата и младите кои се ЛГБТИ+ и понатаму да се мачат да преживеат во ова општество“ – појасни Данова.

Таа вели дека има случаи кога млади лица, особено трансродови млади, кои поради нарушената безбедност како последица на дезинформации, не можат да се вработат и да живеат достоинствен живот. Затоа укажува на важноста секој човек со прогресивни погледи да ја поддржи оваа заедница:

„Во 21. век во земјава, многу луѓе, особено многу млади и понатаму се психофизички малтретирани, постојано се жртви на насилство, бркани од работа, исклучувани од социјалната средина. Сето тоа, само поради тоа што имаат сексуална ориентација што е поразлична од онаа што ја пропагира традиционалното општество. Овие деца и млади редовно се соочуваат со физичко насилство, булинг и сајбер насилство, насилство дома (каде се често тепани и бркани на улица сами, иако малолетни), во училиште, на работа, во своето друштво и така натаму“.

Според Данова, ЛГБТИ+ лица има насекаде околу нас и нема смисла и натаму да се кријат и да живеат под притисок и со страв.

„Навистина, живеењето под страв воопшто не е здраво ниту за личноста, ниту за општеството. Сите луѓе што живеат во страв поради опресијата и насилството што ги трпат постојано, дури и во своите домови, би можеле многу повеќе во животот да направат и да постигнат успеси, да бидат многу попродуктивни за самото општество. Но, најчесто не можат да го сторат бидејќи нивната целокупната благосостојба, нивното здравје, е под постојан ризик и се постојано под негативно влијание поради притисоците што ги има во ова општество. Мене ми е навистина жал што во 21. век мораме да се објаснуваме зошто една индивидуа треба да го има основното човеково право, да живее слободно, ослободена од страв. Јас навистина не разбирам до кога треба да се објаснуваме дека Парадата на гордоста е протест за човекови права, протест за достоинство, навистина е трагично што уште се занимаваме со ова многу базично прашање, што уште треба да се објаснуваме зошто насилството е штетно. Се работи за животот и слободата на голем процент од нашето население“ категорична е Данова.

Таа е децидна дека степенот на демократија во една држава, меѓу другото, се гледа и во тоа, колку таа држава се грижи и за правата на ЛГБТИ+ луѓето.

А како доказ колку дезинформациите можат да наштетат на овие лица и на безбедноста воопшто, таа го спомена примерот дека поради лажни вести и повици за насилство, морале да откажат организирање на традиционален камп во мало место во Северна Македонија и да го преместат на друга локација.

Отстранување налепници, оштетување врата, навреди, насилство

Дека навистина дезинформациите ја загрозуваат безбедност на ЛГБТИ+ лицата и безбедноста воопшто, докажуваат и пријавите поднесени до Министерството за внтарешни работи.

На новинарско прашање, од МВР соопштија дека во периодот од јануари 2015 година до крајот на јуни 2024 година, во секторите за внатрешни работи се регистрирани вкупно 28 случки поврзани со припадниците на ЛГБТ+ заедницата.

„Во 2015 година регистрирани се три настани, од кои, во едниот случај се работи за оштетено патничко моторно возило, сопственост на припадник на ЛГБТ заедницата. Сторителот се гони по приватна тужба, но не е пронајден, а на пријавителот му е дадена правна  поука. Во останатите два случаја се работи за примени поплаки поради омаловажување од непознати лица, за што на пријавителот му е дадена правна поука“ -се вели во одговорот од МВР.

Во 2016 година регистрирани се три настани.

„Во едниот случај е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „противправно лишување од слобода“, додека во вториот случај се работи за поплака против повеќе лица, при што од ОЈО е добиено известување дека нема основ за преземање на кривично гонење, бидејќи за дел од дејствијата настапила застареност за кривично гонење. Од останатите дејствија не произлегуваат основи за сомневање дека е сторено кривично дело што се гони по службена должност. Во третиот случај се работи за примена поплака поради омаловажување од непознато лице, за што на пријавителот му е дадена правна поука“ – одговараат од Министерството за внатрешни работи.

Во 2017 година евидентирано е едно кривично дело од омраза „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, за што е доставено известување до Основно јавно обвинителство Скопје.

„Во 2018 година регистрирани се пет случаи од наведената област. Во еден од случаите, поднесена е кривична пријава против 10 сторители за сторени кривични дела, „загрозување на сигурноста преку компјутерски систем“ и „повреда на рамноправноста на граѓаните“. Во еден случај е поднесено барање за поведување прекршочна постапка по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Во два случаи се работи за кривично дело „загрозување на сигурноста“, за што гонењето се презема по приватна тужба, при што сторителите се предупредени. Во последниот случај, поднесена е кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело „телесна повреда“, при вршење на семејно насилство“ – се вели во писмениот одговор на нашите прашања.

Во 2019 година регистрирани се пет случаи во врска со оваа проблематика.

„Во еден случај е поднесена кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело „насилство“, во два случаи се работи за пријавени поплаки за омаловажување и вербални навреди, што се расчистени со предупредување, додека во останатите два случаи се работи за пријавени поплаки против непознати лица, во врска со отстранување на налепници на здружението на ЛГБТИ, што биле ставени на поштенско сандаче“ се вели во информацијата од МВР.

Во 2020 година регистриран е еден случај во кој се работи за физички напад врз припадник на ЛГБТИ+ заедницата. Случајот е целосно расчистен, при што против сторителот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка за сторен прекршок физички напад, од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

Во 2021 година регистрирани се седум настани поврзани со припадниците на ЛГБТИ+ заедницата.

„Четири од нив се целосно расчистени и поднесени се три кривични пријави и едно известување до ОЈО. Во овие рамки, кривично пријавени се пет лица, од кои четири лица се пријавени за сторени две кривични дела „насилство“, едно лице е кривично пријавено за сторени кривични дела „уцена“ и „лихварство“, а еден настан кој е квалификуван како кривично дело „загрозување на сигурноста“ со познат сторител е расчистен со поднесување на известување до ОЈО. Во однос на останатите три случаи, се уште се преземаат мерки за расчистување, при што во едниот случај земен е записник за примање на пријава за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Во вториот случај пријавени се навреди и физички напад од непознати лица, а во третиот случај се работи за оштетување на врата од домот на пријавителот“ – одговараат од министерството.

Во 2022 година МВР има регистрирано три настани од овој вид, при што два од нив се расчистени со поднесување кривични пријави против две лица, кои сториле по едно кривично дело „насилство“ и „телесна повреда“ од омраза, а во третиот случај се работи за физички напад кој бил извршен од непознато лице, за што се уште се преземаат мерки за расчистување.

Во 2023 година и првите шест месеци од 2024 година, нема регистрирани пријави во МВР поврзани со насилство против ЛГБТИ+ лица.

Од Јавното обвинителство ни дадоа податоци за предмети формирани за периодот од први јануари до крајот на август 2024 година.

„ОЈО Велес – 1 кривична пријава за 394-г ст.2, испратена на надлежно постапување во ОЈО Кавадарци. ОЈО Кавадарци – 3 кривични пријави (вклучително и испратениот предмет од ОЈО Велес) и сите се во обработка. Со една напомена, се евидентираат само предметите каде има конкретни докази дека мотив за кривичното дело е припадноста кон ЛГБТ заедницата“ – велат од Обвинителството.

Оттаму додадоа дека не смеат да откриваат повеќе детали за предметите, додека се уште се испитуваат наводи во кривична пријава. Притоа, нагласија дека ова се евидентирани податоци за целата држава, додека за претходните години не биле правени вакви статистики.

Лажните информации и негативните стереотипи ризици за менталното здравје

За најраширените дезинформации поврзани со ЛГБТ+ заедницата разговаравме со м-р Давид Тасевски, психолог, психотерапевт и извршен директор на Квир центарот во Скопје. Побаравме да ни каже неколку покарактеристични примери и ситуации од неговото искуство поврзани со предрасудите и дезинформациите.

„Сите примери се околу нас. Можете да ги забележите во новинарски текстови во коментари од луѓе, но, може да се забележат и во „зајадливи“ медиумски содржини и наслови. Имав една ситуација, каде интервенирав кај новинарка за нејзин текст што ги прекршуваше етичките стандарди за известување. Во текстот, таа сподели информација за маж кој има извршено кривично дело, но, со нагласување на неговата сексуална ориентација, во случајот хомосексуална, како тоа да е поврзано со кривичното дело“ – објаснува Тасевски.

Тој ја прашал новинарката дали во останатите десетици текстови што се објавуваат дневно во врска со криминални дела извршени од хетеросексуални луѓе, таа ја нагласува нивната сексуална ориентација?

„Новинарката ми одговори дека тоа бил преземен текст и дека таа не го пишувала. Прво, имаме очигледно и целно креирање нетрпелива средина кон геј-луѓето. Второ, при пренесување на информациите, новинарите ја преземаат одговорноста кога објавуваат текст во домашен портал, доколку во него се прекршуваат етичките стандарди или содржи лажни вести. Бидејќи, нивна задача е да го направат истражувањето пред објавата, наместо да читаме лоши преводи во ископирани текстови“ – дециден е Тасевски.

Според него, и во овој, како и во многу други случаи, целта да се стори дискриминацијата и да се доведат ЛГБТИ луѓето во ризик, е повеќе од очигледна.

 „Дополнително, кога станува збор за новинарски текстови, често е присутен и моментот на свесно креирање наслов штетен за одредена група луѓе, меѓутоа, новинарот знае дека тоа ќе му донесе кликови и коментари. Резултатот е одржување и засилување на дискриминацијата и стереотипите, што ја отежнува интеграцијата и ја задржува маргинализацијата“ – подвлече Тасевски.

Лагите водат кон анкциозност, депресија и панични напади

Прашавме како дезинформациите влијаеле врз одредена личност во даден момент и како се одразуваат врз здравјето и психичката состојба на ЛГБТИ луѓето?

Влијаат на повеќе аспекти, укажува психологот Давид Тасевски. Лажните информации и негативните стереотипи влијаат негативно врз менталното здравје, водат кон анксиозност, депресивност, панични напади, кон користење психоактивни супстанции и така натаму. Меѓутоа, влијаат и на социјалната изолација со избегнување социјални средини, за да се избегнат конфликти или дискриминација.

„Насилството и дискриминацијата се реални проблеми што се јавуваат како резултат на општеството што може да почне да верува во стереотипите, и ова како пример го имаме и со други групи луѓе, во средини со доминантно различно население од она малцинското. Анализа на Светска банка ја преточи во бројки загубата на државите поради дискриминацијата. Губењето на продуктивноста кај ЛГБТИ луѓето станува директен товар за државата. Здравствените трошоци, боледувањата, зачестените проблеми со менталното здравје како резултат на дискриминацијата, и така натаму. Понатаму, загуба има и поради тоа што странските инвеститори избегнуваат земји каде постојат проблеми со човековите права и инклузијата. И најважно, а би требало да стои прво, во праксата ги имаме ЛГБТИ луѓето кои биле жртви на врсничко насилство во училишните денови, кои поради ова, се случува воопшто да не го заокружат образовниот процес. Ова повторно може да заврши на товар на државата, бидејќи е поврзано со продуктивноста, а резултира и со неконкурентност на пазарот на труд“ – објаснува Тасевски.

На прашањето како тие дезинформации влијаат врз безбедноста на оваа заедница, а притоа и на целата заедница воопшто, какви последици имаат оставено тие дезинформации, психологот вели дека дезинформациите создаваат негативни стереотипи и предрасуди кон ЛГБТИ луѓето, а тие стереотипи можат да доведат до дискриминација и дехуманизација, што може да резултира со зголемен ризик од насилство и омраза.

„Имаме случаи кога дезинформациите се користат за поттикнување на омраза или насилство врз ЛГБТИ луѓето, а целта е оправдување на нападите или омразата. Понатаму, дезинформациите можат да влијаат на јавната политика и законодавството, што може да доведе до влошување на правата на ЛГБТИ луѓето. И ова го имаме како пример во ситуации кога прашањето со заедницата се користи за политички препукувања на сметка на оваа група граѓани. Имавме и ситуации во кои медиумите доведуваа до подгревање на ситуации кои беа ризик за насилство кон ЛГБТИ луѓето. Овој ризичен начин на функционирање го погодува целото општество. Бидејќи не постои општество кое рекло „ќе ги забраниме правата само на една група луѓе, и потоа прекинуваме со забрани“. Не, тоа е отворање на пандорина кутија, во која само ќе се нижи омразата против некоја следна група, или пак, против неистомислениците на оние кои во моментот ја држат моќта. Едно е сигурно, така ќе создадеме општество со темели на омраза, па зависно кој ја има моќта, ќе се осветува на „тие другите“.

Па, дали има изгледи ситуацијата да се подобри? Дали е можен напредок доколку јавни личности во државата отворено зборуваат дека се дел од ЛГБТ заедницата, дали тоа би придонело за уривање на табуата и предрасудите и зголемување на свеста за прифаќање на овие луѓе?

-Јавните личности можат значително да влијаат на општественото мислење и свест. Нивното отворено споделување на ЛГБТИ идентитетот може да има позитивен ефект на состојбата кај луѓето од заедницата, но и на општеството. На општествено ниво зборуваме дека би влијаеле на стереотипите и предрасудите. Би влијаеле со тоа што ќе ја доближат оваа тема до луѓето на кои им е непозната, и ќе им помогнат да разберат дека ЛГБТИ луѓето се соочуваат со истите секојдневни проблеми како и тие. И дополнително, со уште неколку, токму поради нееднаквоста, нагласува Тасевски.

Што треба да се направи да им се застане на патот на дезинформацииите околу ЛГБТ заедницата?

„За почеток, треба да се работи на програми што ќе ги информираат луѓето за реалната слика, и ќе ги рушат стереотипите. Повеќе приказни во медиумите можат да помогнат за промена на негативната перцепција, на која активно се работи. Гледаме дека постојат групи на кои целта на нивното постоење е да работат против група граѓани. Иако постоењето на организациите најчесто е со цел да се борат за нечии права, гледаме дека има и такви на кои единствената цел на нивното постоење е да се борат против нечии еднакви права. Меѓутоа, политики и закони што ги заштитуваат правата на луѓето од различни групи, можат да создадат побезбедна и поинклузивна средина“ порачува психологот Давид Тасевски од Квир центарот во Скопје.

Внимавајте кого мразите, затоа што може да е некој кого вистински го сакате!

Дезинформациите се како перница полна со пердуви. Многу е лесно, без да се размислува, да се растресе перницата и да се разлетаат пердувите насекаде. На тој начин, дезинформациите стигнуваат до голем број луѓе. Многу е тешко да се демантираат дезинформациите, а да се обелодени вистината. Тоа е како да се обидете да ги соберете пердувите во истата перница, претходно разлетани на сите страни. На крајот, никој не може да гарантира дека до сите тие до коишто допреле дезинформациите, ќе дојде и вистината.

„Многу е важно да се поддржи ЛГБТИ+ заедницата затоа што ова е една од најмаргинализираните заедници, што секојдневно трпи насилство во најразлични форми. Поднесува психичко, физичко и системско насилство и дискриминација. Верувам дека поддршката од секој од нас ќе вреди и ќе промени нечиј живот, на лице кое живее во сенка и постојано се плаши да излезе од таа сенка и да биде свој. Внимавајте кого мразите, затоа што може да е некој кого вистински го сакате, порачува Данова.

Авторка: Светлана Дарудова

Оваа сторија е во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на медиумите против дезинформациите во Северна Македонија“, поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени во оваа сторија се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

                                                                                                   

Scroll to Top