Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во текот на изборната кампања за Локалните избори во Северна Македонија, организираше неколку средби со новинари со фокус на улогата на одговорното новинарство за кредибилен и демократски изборен процес.
Членови на Комисијата за жалби при СЕММ, на средбите во Битола, Скопје и Штип, изнесоа примери за најчестите прекршувања на професионалните новинарски стандарди, односно на Кодексот на новинари на Македонија и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите.

Искуството на Комисијата за жалби покажува дека и во изборни периоди најчесто се прекршува правилото за објавување точни и проверени информации со вклуеност на сите засегнати страни, дека дел од новинарите не прават разлика меѓу вест и коментар, дека сензационализмот е се поприсутен во известувањето, а дел од медиумите против кои била поднесена жалба – ја заобиколуваат обврската за објавување демант или исправка.
Раширената пракса на пренесување партиски соопштенија или изјави од политички претставници, во целост, без новинарска нтервенција, дури и кога содржат говор на омраза, дискриминација по разни основи, дезинформации или манипулации – беше идентификувана и годинава, за време на изборната кампања за Локалните избори во октомври/ноември 2025 година.
Таквото копи-пејст новинарство, особено практикувано во онлајн медиумите, според искуството на новинарите присутни на дебатите, иако не приденесува за подобра информираност на граѓаните ниту пак за подобрување на кредибилитето на медиумите, и натаму се поттикнува од уредници или медиумски сопственици заради повеќе „лајкови“ на социјалните мрежи и евентуално повеќе реклами од спонзорите.
Во вакви околности, присутните на дебатите посочија дека е потребно зајакнување на медиумската саморегулација, усогласување на домашното законодавство со европското и континуирана едукација, како на новинарите и медиумските работници, така и на населението со цел да се постигне одговорно новинарство и публика оспособена за улогата на „чувар“ на правото на граѓаните на точна и навремена информација, без пристрасност за време на избори.