За оваа иницијатива на денешната прес-конференција информираше Драган Антоновски, директор на МИА, кој нагласи дека сите интернет медиуми кои ќе го почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија и Повелбата за етичко известување на СЕММ ќе добијат бесплатен пристап до сите информации на МИА за Македонија во наредните три месеци. Идејата е на овој начин да се подобрат професионалните новинарски стандарди.
„Денеска сакаме да пренесеме заедничка порака да се повикаат медиумите да дејствуваат како стожери на државниот интерес, да известуваат, пишуваат и објаснуваат во согласност со највисоките стандарди на професијата. Правилата, стандардите, принципите постојат, тие ги имаат долго време, само треба сите ние заеднички да се потсетиме дека одговорноста за создавање на една таква иднина на професионално новинарство лежи токму во рацете на медиумите“, рече Марина Тунева, извршен директор на СЕММ.
Ваквата понуда од МИА ја поздравуваме и поддржуваме, истакна претседателот на ЗНМ Насер Селмани, според кого ова е еден од начините за засилување на саморегулацијата во медиумите и за создавање амбиент во кој непрофесионалните новинари сами ќе се обележат и изолираат.