Советот за етика во медиумите (СЕММ) ги повикува новинари и медиумите да се пријават за годишната награда што саморегулаторното тело ја доделува по повод Денот на слободата на медиумите, 3 Мај .
Темата за годинешната награда одново се однесува на заштитата на животната средина: „Факти и дезинформации за климатските промени“.
Наградата за најдобри новинарски стории, како и за најдобра фотографија, се доделуваат со поддршка од УНЕСКО, во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југо-источна Европа: Поддршка за новинарството како јавно добро“, финансиски поддржан од Европската Унија.
Повикот за апликации е отворен за сите професионални новинари и фото/видео репортери во Северна Македонија, за стории објавени во регистриран медиум, традиционален или онлајн, во периодот од 1 мај 2025 година до 15 април 2026 година.
Критериумите за наградите вклучуваат автентична и аналитична новинарска сторија, фотографија или видео од широк јавен интерес, што ги задоволува највисоките етички стандарди во новинарството.
Пријавениот труд може да биде во различен формат или жанр (текст, ТВ-прилог, радио приказна, документарец, репортажа, интервју, фотографија, видео…) објавен на македонски јазик или јазик на етничките заедници (со превод/титл на македонски јазик).
Најдобрите две стории и најдобрата фотографија/видео ќе ги одбере жири составено од искусни медиумски претставници, со вклученост на експерти од областа на екологијата.
Авторите ќе бидат наградени со поединечен паричен износ од: 1200 USD (првата награда), 800 USD (втората награда) и 800 USD за најдобрата фотографија/видео.
Новинари поединци и редакции можат да пријават до три (3) стории. Повикот е отворен до 15.04.2026 година.
Апликациите треба да се испратат по е-пошта на info@semm.mk со назнака „За новинарска награда 2026“.
Пријавите треба да вклучат линк до медиумската содржина, но и прикачен документ од текстот/фотографијата/прилогот во пораката.
Работата на СЕММ и на Комисијата за жалби е финансиски поддржана од Европската Унија, преку проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: поддршка за новинарството како јавно добро“ имплементиран од УНЕСКО. Ставовите и изразените мислења се единствена одговорност на СЕММ и во никој случај не може да се смета дека го одразуваат ставот на ЕУ или на УНЕСКО.
